Ако не го гледаме отпадот, не значи дека магично исчезнал
Позитивно решение е циркуларната економија. Наспроти постојниот начин на функционирање, создавање, користење и фрлање, каде што секојдневно се користат производи од земјата, водата и од воздухот, се создаваат производи и потоа се фрлаат, циркуларната економија е еден од начините на соочување со климатските промени
Како никогаш досега стоиме исправено пред предизвиците на климатските промени. Низ историјата, консумеризмот и порастот на популацијата оделе побавно, па така и продукцијата на отпадот била побавна. Денес, кога во светот живеат повеќе од 7,5 милијарди жители, има различни начини на кои се загадуваат површината, воздухот, почвата и океаните. Светот генерира 2,01 милијарди тони комунален цврст отпад годишно, но само 33 проценти се управуваат на еколошки безбеден начин, oстатокот од отпадот завршува на депонија. Во нашата држава, според извештајот на Државниот завод за ревизија, само 1 процент од вкупниот комунален отпад се рециклира, а 1,4 процент од пластичниот отпадот се селектира, другиот дел завршува на депонија.
Што се случува кога отпадот завршува на депонија?
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Удобни сме во создавањето отпад, така што не ни чувствуваме одговорност за него. А зошто би чувствувале, па нели тоа е работа на некои служби таму? Нели за тоа плаќаме комунална такса?
За жал, ова е размислување на многумина, можеби и на мнозинството од нас. Ниската јавна свест и основните познавања за отпадот се многу мали, па оттука и луѓето не го прифаќаат проблемот со соочувањето со отпад како многу сериозен.
Секој отпад што е создаден ќе заврши некаде. Тоа што граѓаните ќе се ослободат од својот отпад и не го гледаат, не значи дека магично исчезнал, напротив, секој отпад со кој нема да постапиме правилно ќе влијае штетно врз животната средина, односно почвата, водата и воздухот. [1]
Депонираниот мешовит комунален отпад, во кој има и пластика, ќе почне да се распаѓа, по што се формираат мали парчиња пластика наречени микропластика. Со тоа влијае на загадување на почвата. Преку исцедокот што се создава, ги загадува и подземните води. Депонираниот отпад испушта и гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина – метан, кој е леснозапаллив и поради кој се создаваат пожари на депониите. Така се загадува воздухот и дополнително се зголемува ефектот на стаклена градина, односно доаѓаме до глобално затоплување.
Кружната економија – пат до решение
Освен што ќе ја загади животната средина, неправилното постапување со отпад значи и губење вредни ресурси. Има сѐ помалку природни ресурси, а нивната употреба и примена е сѐ поголема. Оттука, неопходен е одговорен однос кон ресурсите со цел нивно рационално користење. Позитивно решение за ова е циркуларната или кружна економија. Наспроти постојниот начин на функционирање, создавање, користење и фрлање, каде што секојдневно се користат производи од земјата, водата и од воздухот, се создаваат производи и потоа се фрлаат, циркуларната економија е еден од начините на соочување со климатските промени. Како концепт значи одржување на вредноста. Подразбира повеќекратно користење на една иста суровина за да добиеме повторно нов производ. На долг рок и со добра регулатива би се отвориле соодветни работни места, компаниите би се фокусирале на создавање производи со екодизајн, што подразбираат поголема трајност, поправка и нивна реупотреба. Ако производите имаа долгорочна цел, тие може да се користат повеќекратно, да се пренаменат или да се распаднат како органски отпад.
Важно е паметно да го управуваме отпадот
Имајќи ја предвид моментната ситуација со системот за управување отпад во нашата држава, особено треба да се внимава на создавањето на количините отпад. Со процесот на пристапување кон ЕУ, неизбежно е да се осврнеме темелно кон соодветно управување на отпадот и да го следиме законодавството на поглавјето 27 – животна средина. Можеби најзначајна во овој контекст е рамковната директива за отпад, која со промените во 2018 година предвидува до 2030 година 65 проценти од отпадот да се рециклира, а 10 проценти да завршува на депонии. Нашата законска регулатива е добро замислена и усогласена со законодавството на ЕУ. Кога би се спроведувала во целост, нема да имаме улици со преполни контејнери, да бидеме рекордери во загаден воздух или да имаме загадени реки и езера.
Со цел да се обезбеди функционален и одржлив систем, потребно е клучните актери во општеството да ја постават темата за управување отпад и за селектирање високо на агендата. Имајќи предвид дека живееме во држава во развој, со висок среден приход, и дека поразвиените земји создаваат повеќе отпад, се наметнува заклучокот дека во следните години количината отпад ќе се зголемува. Ова значи неопходност од воспоставување поефективен систем за управување отпад.
Редуцирам, реупотребувам, рециклирам
Со забраната за користење пластични кеси директно се спречува околу 5.000 тони пластичен отпад да заврши на депонии
Со последните законски измени и донесувањето на новите закони за управување отпад, прифатена е хиерархијата на управување како во европските земји, каде што најголем приоритет се дава на спречувањето создавање отпад (редуцирање). Колку што помалку отпад се создава, со толку помал предизвик ќе се соочиме.
Таква директна мерка за спречување создавање отпад беше забраната за користење пластични кеси.
Зошто оваа мерка е оправдана? Пластичниот отпад од кесите не се обработува и завршува на депониите поради тоа што процесот на нивно собирање и рециклирање е многу сложен и скап, па приватните компании немаат многу интерес и не му посветуваат внимание. Токму затоа со оваа мерка директно се спречуваат околу 5.000 тони пластичен отпад од кеси да завршат на депонии.
Вториот принцип во хиерархијата во управувањето отпад е повторна употреба (реупотреба) на производот. Со мали промени во нашите навики можеме да придонесеме некои производи да не станат отпад, како поправка на расипаните апарати, мебел или играчки во домот, продажба или подарување облека, апарати, играчки или мебел што веќе не се користат, употреба на керамичка чаша за кафе место хартиени чаши, повторно користење на кесите за намирници или, најдобро, користење платнена торба, користење батерии што се полнат итн.
Доколку отпадот е веќе создаден и не може да се реупотреби, актуелно решение како трет принцип е рециклирањето. За функционален и ефикасен систем на рециклирање потребен ни е систем за примарна селекција. Под примарна селекција се подразбира сортирање на отпадот од домаќинствата. Комуналниот отпад од домаќинствата може да се селектира во неколку фракции, најчесто хартија, пластика и лименки. Моментно, селектирањето отпад е минимално, само 1,4 отсто од вкупно собраниот отпад претставува селектиран пластичен отпад, додека во руралните средини речиси не постои селекција на отпад.
Ресурсите не се лесно обновливи, а се лесно уништливи
Домаќинствата ја имаат главната улога во процесот на примарната селекција. Тоа што треба да го знаат граѓаните е дека со учество во овој процес директно влијаат врз заштитата на животната средина, а со тоа и врз сопственото здравје. Ресурсите не се лесно обновливи, а се лесно уништливи. Секој придонес е од голема важност.
Поставување функционален систем за примарна селекција и активно учество на граѓаните значително придонесува за квалитетот на урбаното живеење и за намалување на вкупните количини отпад, носи економски и финансиски бенефити и ја зголемува свеста и одговорноста на создавачите на отпад.
Освен тоа, квалитетот на отпадниот материјал е задржан и потоа може целосно да се искористи за рециклирање, па домашните компании нема да мора да увезуваат отпад за да бидат одржливи. Понатаму, преку активно дејствување се засилува свеста и се придонесува кон поодговорно и проактивно однесување на граѓаните за заштита на животната средина.
Сепак, иако законски и според правото на Европската унија, локалните заедници преку јавните комунални претпријатија се одговорни за градење и одржување на системот за селектирање, во земјава индивидуалните собирачи на пластични шишиња низ градовите (неформален сектор) и колективните постапувачи имаат најголем придонес во селекцијата на пластичниот отпад.
Затоа, да ја користиме секоја пригода во која со нашето дејствување можеме да придонесеме за почиста животна средина, помалку отпад, а со тоа и поквалитетен живот за нас и за идните генерации.
(Авторот е програмски координатор во „Гоу грин“ Скопје)
[/ihc-hide-content]