Автентични искуства за одговорни патувачи
Туризмот како идеален спој од автентични човечки приказни и прекрасни локации, тоа е концептот на „Genuine experiences“. Веруваме дека има многу мали нешта што можеме да ги направиме за да ги поддржиме заедниците.
Свеж планински чај, испиен на крајбрежјето во рурален амбиент, крцкав топол леб, готвење домашен комат под сач во Рамне, вкусни домати и пиперки во Демирхисарско, тукушто набрани од локалната градина, изработка на природна козметика од ливадите во Дебрца, изработка на домашно сирење во Раштак, вкусување мед на полето во Дихово од каде што пчелите го собираат поленот, берење шафран на Кораб, се дел од автентичните искуства што ги нуди „Genuine experiences“. Платформата прави синтеза на искуствата и на знаењата на локалното население – вештини, традиции, занаети, храна, реткости и желбата на авантуристите да откријат автентично доживување. Ја направија две жени, Катерина Василеска и Јасминка Поповска, кои зборувајќи со локалните жители, ги слушнале нивните потреби и направиле нешто ново.
– Начинот на кој се развива туризмот кај нас не е во вистинска насока, а „Genuine experiences“ е нашиот одговор на тоа. Веруваме дека вака можеме да ги поддржиме заедниците – велат тие.
Организираат автентични искуства во прекуграничниот регион на земјава и Албанија, кој ги вклучува Охрид, Струга, Битола, Дебар, Мат, Пешкопи и Булкизе.
– Сакаме да ги споделиме исклучителните убавини на селата и на локалните места со остатокот од светот. Платформата е перфектен избор за одговорни патувачи, кои сакаат да откријат скриени делови на регионот, нешто што го нема во стандардните туристички понуди – велат Јасмина и Катерина.
Дел се од проектот „Воведување паметен туризам и споделена економија“, а посочуваат дека профитот го насочуваат кон мисијата на Агенцијата за локален развој од Струга, која ги поддржува ранливите групи и промовира локален одржлив развој во регионот на Охридско Езеро.