Битно е да се остане човек
Имам видено многу непријатни моменти откако беше прогласен период на пандемија. Многу често се среќавав со смртта во нечиј дом. Ќе отидам некаде да земам примерок и по два часа дознавам дека пациентот починал. На мој пријател, родителите му починаа во рок од три дена. Пријатели на мајка ми и на татко ми, сопружници, починаа во ист ден. Со пеењето, пред старт на работниот дел, некако ми беше полесно да го истуркам денот. Никогаш не сум пеел јавно, но се осмелив и видов дека луѓето го прифатија тоа, а мене ми стана полесно така да се носам со непријатните случки.
Вака ја почнува својата приказна Денис Јанкуловски, медицинскиот техничар што внесе позитивна енергија меѓу граѓаните и многу ведрина во тешките денови исполнети со страв и со неизвесност за време на пандемијата.
Сѐ што им треба на луѓето е малку муабет
Негова работа е да им помогне на луѓето што не можат да стигнат до пунктовите за тестирање за корона и да се тестираат, а стана препознатлив и со утринските видеа на кои пее. Стотици луѓе секојдневно ги гледаат бидејќи им го развеселува денот. За себе вели дека не знае добро да пее, но дека тоа е најмалку важно.
– Пеењето ми е како вентил и мило ми е што луѓето барем пет минути од денот одвојуваат за да ги оттргнат мислите од короната, од политиката, од целава ситуација. Си правиш шега, си го правиш денот. Не се трудам да пеам убаво, само седнувам и се ослободувам – ни кажува Денис.
Веќе една година Денис врши домашни посети за да им земе примероци од грло и од нос на пациенти што се или заразени од вирусот корона, или се суспектни. Тие што го примиле во својот дом знаат на што се должи неговата популарност. Денис е човек што брзо го запознаваш и лесно го засакуваш. Пријатен, добар, весел, позитивен, искрен и отворен. Пријател на секого. И во најтешките мигови успева да ја сочува својата присебност и трезвеност. Неговата животна филозофија е едноставна: да се биде човечен и непосреден во комуникацијата со луѓето.
– Не можам да влезам во нечиј дом за примерок, а да не си направам муабет со домаќините. Го правам тоа што сакам да го доживеам. Има ситуации каде што сѐ што им треба на луѓето е малку муабет, понекогаш за корона, понекогаш на каква било тема. Стравот ги држи луѓето под притисок, а убавиот збор злато вреди. Битно е да се остане човек – вели Денис.
Само да заврши коронава…
Денис работи како медицински техничар во Центарот за јавно здравје, Скопје. На почетокот на пандемијата тој беше дел од тимот на неколкумина здравствени работници што одеа по домовите и земаа примерок од пациенти, кои поради здравствени причини не можат да дојдат до пунктовите. Веќе половина година работи сам, како единствен на терен. Секојдневно посетува пациенти со тешки коморбидитети, со различни дијагнози, неподвижни, парализирани лица, пациенти што доживеале мозочен удар или, пак, лица со попреченост. Ним им го олеснува пристапот до здравствените услуги. Човекољубието му е главна карактеристика. За време на пандемијата, како најлоши моменти ќе ги памти тие кога слушнал дека некој пациент или пријател не се изборил со болеста. Но, има и среќни моменти. Како најубави ги издвојува дружбата со децата од кои го доби прекарот Космонаутко и добрите вести дека пациентите кај кои бил преживеале, се излекувале и се во добра состојба.
Еден ден земањето примероци го однело и во дом за стари лица каде што видел некој подзаборавен пријател.
– Кога бев дете, и одев во основно училиште, многу често гледав едно дете со Даунов синдром како се шета со мајка му. Додека ние игравме во дворот на училиштето „11 Октомври“, тоа дете редовно ќе застанеше на оградата и нѐ гледаше. Секогаш беше насмеано. Многу ми беше жал што не беше со нас, туку нѐ гледаше од зад оградата. Случајно имавме тестирање во еден дом за стари лица во Радишани и во еден момент ја препознав насмевката на малото момче. Тој сега има 60 години. Таква радост ми дојде што не можам да опишам. Му ја препознав насмевката, тоа не се заборава. Се договоривме со сопственикот на домот, откако ќе заврши пандемијата, јас и неколку луѓе да му отидеме на Аце на гости. И ќе одиме, само да заврши коронава – раскажува Денис.
Придобивки од пандемијата – ослабев и запознав непознати делови од Скопје
– Поради тоа што сум по цели денови во скафандер, решив да јадам само двапати дневно, наутро пред работа и вториот пат откако ќе се приберам дома. Поради тоа изминативе месеци ослабев 16 килограми. Тоа е една од двете придобивки што ги имам од короната – вели Денис низ смеа.
Со неговиот позитивен пристап на работите успева да извлече позитивни работи и од пандемијата, иако секојдневие му се болеста, стравот и смртта. Освен тоа што ослабел, работата го однела до најинтересните и најдалечните места во Скопје, кои во други околности, најверојатно, никогаш не би ги посетил и видел. Тоа за него е втората придобивка.
– Не постои место или улица во Скопје каде што не сум влегол. Некои села не ни знаев дека постојат. На пример Црвена Вода, село во подножјето на Китка. Можам слободно да кажам дека нема место каде што не сум бил. Успеав да направам фотографии од некои од нив. Морам да го издвојам Добри Дол, местото е рај, нирвана, со прекрасна панорама на Скопје. Сфатив дека имаме прекрасни излетнички места низ Скопје, ама не ги знаеме и не ги цениме – раскажува тој.
Идејата да поделам божикни честитки ми дојде на сон
Чичко Космонаутко, како што го нарекуваат децата поради скафандерот во кој работи секојдневно, за време на новогодишните празници успеа да подели 900 честитки. Вели дека идејата му дошла на сон. Дури и смислил песничка по тој повод: „На сон ми иде, сонот ми вели, Денко новогодишни честитки да подели“.
– Со здружението „Аутизам ААМК“, во соработка со „Меѓаши“, имавме две новогодишни забави во кои делевме честитки. Се обратив до „Меѓаши“ и ми понудија честитки колку што можам да земам. Во разнесувањето ми помогнаа пријатели поштари. Успеавме да пратиме до Охрид, Тетово, Велес, Битола. Но, најубав момент е тоа што и јас добив 80. Ми ги испратија луѓе што добиле честитки од мене, но и луѓе што не ги познавам, а кои успеале да ја најдат мојата адреса. Имав честитка и од Њујорк, од Америка. Најубаво е чувството кога ќе отвориш сандаче и ќе испопаѓаат триесетина честитки што ти ги пратиле – вели Денис.
Херои се сите медицински работници од ковид-центрите
Јавноста и медиумите го прогласија Денис за херој од секојдневието, но на овој епитет тој гледа со скромност. За него, херои се сите медицински работници што работеа во првите линии, кои во услови на нов и непознат вирус храбро влегоа во борба против заразата.
-Јас сум само еден илјадити дел, едно мало парче од мозаикот на многу херои. Зборувам за сите здравствени работници и соработници, од администрација, возачи итн. За да можам јас да одам по примероци, некој мора да стави гориво во возилото, друг мора да ја обезбеди опремата. Сите вработени во ковид-центрите се апсолутни херои за мене, потоа матичните лекари, кои секојдневно комуницираат со пациентите, кои одеа по домови, здравствените работници во службите за брза помош, тие што директно имале контакт и средба со вирусот со можните позитивни пациенти. Сите се херои – вели Денис.
Соочувањето со пандемијата можеше да биде подобро изведено
Во екот на пандемијата се задржувал на работа по 12 часа. На дневно ниво се случувало да посети и по стотина домови за да земе примероци од грло и од нос на суспектни пациенти.
– Просек ми беше да направам по 40 до 50 тестирања во денот, поретко беше повеќе од 100. Почнував во 7 наутро, а завршував кога ќе завршам со сите налози. Пред 6 не се прибирав дома, некогаш се враќав и во 9 навечер. Уште на самиот почеток ми беше јасно дека ќе биде така, па си се програмирав уште првиот ден. Олеснителна околност ми е што имам разбирање од семејството. Одам дома, ручам и легнувам да спијам, како гостин на преспивање одев – додава Денис.
Оценува дека здравствениот систем добро се соочил со пандемијата, но додава дека можело и подобро.
– Мислам дека релативно добро се снајдовме, со оглед на тоа дека не сме финансиски моќна држава и со оглед на тоа што не бевме подготвени како што и никој не беше. Но условите во кои ни се наоѓа државата се тие. Можеше да биде многу подобро, но условите, теренот, општеството, совеста на луѓето или нивната несовесност, сепак, тоа се фактори што влијаеја да не биде така како што очекувавме и да трае долго. Државата можеше подобро да се соочи, исто и луѓето, да ги почитуваат мерките – додава тој.
Отсекогаш знаев дека ќе работам со лица со попреченост
Денис неодамна основаше Здружение за лица со аутизам, но вели дека отсекогаш знаел дека животот ќе го однесе по пат каде што ќе може да им помогне на лицата со посебни потреби. Пред неколку години, конечно, му се укажала можност да придонесе во оваа сфера.
– Сѐ што правам, правам со огромно задоволство затоа што сум дел од тој свет. Имам многу енергија и многу љубов што сакам да ја споделам со тие деца и со нивните родители. Како што почнав да го работам тоа, ми се отвори нова перспектива, како да влегов во друга димензија, во нивниот свет. Понекогаш сум како возрасно дете. Видов дека таму припаѓам. Така чувствувам за себе, дека сум дел од тој свет. Тие го препознаваат отвореното и искрено срце, а кај мене нема ништо извештачено – додава Денис.