Дигитализацијата на образованието не е опција, туку потреба
Ковид-19 е, сигурно, најповторуваниот збор оваа година. Карантини, самоизолации, забрани за патувања, оддалеченост од најблиските и верно пријателство со компјутерите ни се новата реалност. Веќе ништо нема да биде исто како порано. Секој дел од општеството се труди да најде начин како да ги приспособи своите тековни активности, со цел да продолжат, а мерките за заштита да не бидат занемaрени. Дигитализацијата е совршена формула за тоа. Така, сите општествени текови и процеси се дигитализираа многу побрзо од очекуваното.
Меѓу нив се најде и високото образование. Денес наставата преку „Зум“ е новото секојдневие, а „мутирај се“ е новиот поздрав меѓу професорите и студентите. Универзитетите ги префрлија своите предавања, полагања и студентски сервиси на интернет.
Предизвиците од оваа промена се многубројни, исто како и придобивките, кои можат да се извлечат само доколку дигитализацијата ја гледаме како стратегиска определба. Но, за да се случи тоа, таа треба да дава резултати и да е соодветно приспособена на околностите во кои се реализира. Околности во овој случај значат увид во тоа дали дигитализацијата го дава саканиот ефект, дали ги постигнува предвидените резултати од учењето, дали го става студентот во центарот на образованието и го подготвува за иднината, за работните места од иднината и за одговорноста да биде дел од општеството, како и да изгледа во иднина. Дали тоа што го гледаме денес е дигитализација на наставата во вистинска смисла на зборот и е по мера на сите вклучени страни во високото образование?
Дигитализацијата е и трансформација на економијата
Универзитетите, како институции што овозможуваат високо образование, се одговорни кон општеството за едукација на идните генерации. Се очекува да бидат блиски со бизнис-заедницата и општеството за да имаат константен увид во нивните потреби, трендови и планови за развој за да продуцираат соодветен кадар што ќе одговори на тие потреби. Паралелно на ова, се очекува тие самите да продуцираат иновации и да создаваат трендови за развој на општеството. Тука е и очекувањето да се приспособат на сите надворешни трендови и да даваат резултати од наставата, како на пример да бидат во тренд со најновата технологија. Со една реченица – од нив се очекува многу.
Дигитализацијата е трансформација на економијата, владеењето и на општеството преку усвојување на постојните и на новите дигитални технологии. Дигитализирање на учењето, пак, значи засилување на процесите на учење со технологија. Пример за дигитализација на учењето се курсеви преку интернет (МООКс), електронско аплицирање, електронска библиотека, електронски профили и следење на успехот на студентите, електронско туторство, менторство и комуникација со администрацијата и со академскиот кадар и уште многу друго. Се очекува придобивки од дигитализацијата да имаат студентите, академскиот кадар и универзитетите. Таа нуди многу можности за подобро и поефективно учење. На студентите им дава можност да учат од секаде и приспособливост самите да решат кога ќе се вклучат во наставата. За нив ваквиот начин на учење има влијание кон пристапот до содржини што водат кон подобри резултати од учењето, ресурси, можност за зголемување на искуството од училниците и инкорпорирање на различните животни стилови. За универзитетите носи иновации, нови методологии, повеќе можности за учење врз база на активности, студентска вклученост и можност за усовршување на наставата. Училниците веќе не се потребни, што води до можност за вклучување поголем број студенти.
Четвртата цел за одржлив развој на Обединетите нации, која се однесува на квалитетно образование и која опфаќа многубројни закони, стратегии, повелби, акциски планови и истражувања на светско, европско и на национално ниво, ги посочува потребата и придобивките од дигитализација на високото образование, посебно на процесите на учење и на предавање. Но, ништо не го забрза нивното спроведување како пандемијата на ковид-19. Дигитализацијата на високото образование веќе не е опција, туку е потреба, посебно во новонастанатата реалност.
Каква дигитализација треба да имаме?
Видовме многубројни форми на предавања на интернет, хибридни начини на учење, полагање и студентски сервиси. Различни веб-платформи беа приспособени за поддршка на наставата. Дигитализацијата на наставата стана нова потребна реалност што ќе продолжи да биде редовен начин на реализација и во иднина. Квалитетот и ефектот од овие брзи приспособувања ќе ги мериме и видиме допрва.
Се предвидува дека дигитализацијата на високото образование ќе носи светла иднина, со образование достапно за сите, со подобар квалитет и пониски трошоци. Но, сето тоа ќе се постигне само доколку процесот е обликуван за да им одговара на сите засегнати страни. Не можеме да тврдиме дека дигитализацијата ќе донесе придобивки доколку е несоодветна за академскиот кадар и за студентите, па и доколку менаџментот и администрацијата на универзитетите не се подготвени за неа. Не можеме да гледаме како големите риби во морето се движат и да го копираме нивниот пат, притоа испуштајќи ја нашата храна.
Секоја избрзана акција, со цел дигитализација на високото образование, ќе ја ризикува иднината на студентите, а ставањето на студентот во центарот на учењето ќе биде во втор план. Потребни ни се акции што ќе бидат направени во согласност со околностите во кои се реализира македонското високо образование. Потребно ни е и разгледување и учење од досегашните национални достигнувања на оваа тема. Мора да учиме од грешките и од успесите со цел да бидеме подобри. На дигитализацијата во високото образование треба да се гледа како на стратегиски приоритет за чијашто реализација е потребен план, константна ангажираност од сите засегнати страни за да дојдеме до саканите резултати и придобивки. Доколку не, сето тоа ќе биде само една непријатна епизода од македонското високо образование за генерација што нема да ги познава своите професори и колеги на улица. А тие пренесуваат различни искуства од изминатата „дигитализирана“ академска година.
Можете ли само да замислите како се чувствувале студентите и професорите кога своите испити и наставни планови со брзина на светлината требало да ги префрлат на „Зум“, националниот поим за дигитализација на наставата?
Минесота, САД: Избор меѓу хибридни или студии на интернет?
Со цел да продолжи наставата и за време на пандемијата, Универзитетот во Минесота инвестирал во набавка на индивидуални софтвери со лиценца, аудио и видеорекордери, кои ќе им овозможат на студентите настава во живо, хибридно искуство и искуство на учење на далечина. Вработените посочуваат дека универзитетот бил малку бавен во понудата на курсеви преку интернет пред пандемијата. Одреден број курсеви на интернет биле одобрени за настава на интернет од летото 2020 година. Првичниот план било курсевите преку интернет да се нудат само за време на летото. Но, пандемијата ги промени нивните планови. Па така, денес универзитетот нуди можност за избор на хибридни или на студии на интернет уште при запишувањето. Студентите што се веќе запишани на студии добиваат известување за видот на нивната наставата преку нивниот профил на интернет. Локалните стручњаци за технологија и ИКТ им се достапни на професорите за поддршка во процесот на ажурирање на студиските програми. Сето ова е вклучено во посебен план, кој се ажурира тековно, во согласност со собраните искуства на студентите, академскиот кадар и истражувачите.
Н. Универзитет Американ колеџ – Скопје: Дигитализирани се сите студентски сервиси
Од март 2020 година, Универзитетот Американ колеџ – Скопје го трансформираше начинот на учење и на предавања. Сите програми се реализираат на хибриден начин. Веб-платформите Мoodle и CISCO Webex се користат за наставата. Курсевите и внатрешните акти за функционирање на наставата и на универзитетот биле приспособени и променети соодветно за да ги адресираат промените во начинот на реализација на наставата и сите стандарди и критериуми за квалитет во високото образование.
Универзитетската библиотека е дигитализирана со корисни материјали достапни во електронска форма, кои прават бази на податоци. Базите на податоци се состојат од организирани колекции на податоци што овозможуваат повеќе од една употреба на материјалите и од дигитални библиотеки што содржат колекции организирани во електронски форми, достапни преку интернет и на цеде. Сите студентски сервиси се дигитализирани, вклучувајќи ги и центрите за кариера и клубот за туторско асистирање на студентите.
(Авторката е проектен менаџер во Центарот за социјални иновации БЛИНК 42-21 и експерт во обезбедување квалитет во високото образование. Информациите користени за текстот се дел од две нејзини студии на случај направени како дел од нејзина иницијатива, како член на Македонско-Американската Алумни Асоцијација).