Дискусијата е првиот чекор кон промените
Автор: Анета Ристеска
За жал, работата на психолозите и на педагозите во училиштата се сведува на административна работа во нефункционален систем, а младите немаат поддршка и не се здобиваат со потребните алатки за да се соочат со проблемите како што е меѓуврсничкото насилство, вели Дума, чиешто филмско деби, „Сестри“ во фокус ја има оваа тема Фотографии: Томислав Георгиев
Пријатно и неочекувано изненадување. Вака режисерката Дина Дума ја дочекала веста за одлуката дека нејзиното деби „Сестри“ е македонски кандидат за „Оскар“ за најдобар меѓународен филм за 2022 година. Пред оваа одлука на Комисијата за избор на македонски кандидат за „Оскар“ при Друштвото на филмски работници на Македонија, на филмот му претходеше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде што освои Специјална награда на жирито во програмата „Источно од Западот“.
Дума скромно вели дека и ова признание на тимот на филмот му се случило мошне ненадејно, но и дека било одличен почеток за животот на „Сестри“.
До крајот на годинава ова филмско остварување ќе го погледне и скопската публика, по прикажувањето на Фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Потоа, сите очекувања ќе бидат на адреса на 94. церемонија за доделување на наградата „Оскар“, која ќе се одржи на 27 март 2022 година во Лос Анџелес. Прелиминарната листа од 15 финалисти за номинација за „Оскар“ во оваа категорија ќе биде објавена на 21 декември, од кои на 8 февруари 2022 година ќе се изберат пет номинирани филма.
„Сестри“ е снимен на урбани локации низ Скопје и претставува приказна за две тинејџерки, чиешто пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Продуцентка е Марија Димитрова со „Лист продукција“, сценариото е на Дума и на Мартин Иванов, снимател е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата ја правеа Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, а шминката е на Жанета Димитриевска.
Главните улоги ги толкуваат младите актерки, тинејџерки, Антонија Белазелкоска и Миа Жиро, натуршчици.
Тоа што е посебно важно е што оваа филмска сторија го отвора прашањето за феноменот на меѓуврсничкото насилство, како појава што сѐ почесто зазема голем дел од животот на младите, оставајќи прилично сериозни последици.
Сето ова е повод за разговор со младата режисерка и сценаристка Дина Дума.
Вашиот прв долгометражен филм „Сестри“ фрла светлина врз кибернетското насилство како честа појава во живеењето, особено меѓу младите. „Лице в лице“, исто така, еден од своите претходни броеви во целост го посвети токму на оваа тема. Сметате ли дека како систем стануваме посвесни за предизвиците со кои се соочуваме и на кои треба да одговориме, особено врзани за нашата младина, ако сакаме подобра иднина и поквалитетно општество? Или сѐ уште многу каскаме?
– За жал, многу каскаме. Oбразовниот систем не е подготвен да се соочи со овој проблем. И не само што не е подготвен, туку комплетно ја игнорира оваа ситуација и најчесто придонесува до општествено исклучување на жртвите на врсничкото насилство.
Состојбата со врсничкото насилство е алармантна. И кај нас, и во светот. Тоа е сеприсутно, од просторот на интернет до дружбите меѓу младите. Дел од анализите велат дека озборувањето и ширењето лаги за некого (48 проценти), како и исмејувањето и омаловажувањето (45 проценти) се најзастапени облици на насилство според младите. Како се роди идејата за „Сестри“? Што беше клучната точка за вас? Истражувавте ли дополнително? Ве изненади ли нешто при подготовката?
– Филмот „Сестри“ е инспириран од вистински настани од моите тинејџерски години. Во моето училиште имаше секс-скандал, една девојка и едно момче беа снимени како имаат односи, а видеото набргу стана вирално. Целата ситуација излезе од контрола. Судбината на девојката ѝ беше запечатена, таа беше „slut-shamed“ и доживеа социјално исклучување. Ги изгуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја. Момчето, пак, стана „херој“ во училиштето. Никој од надлежните во моето училиште не направи ништо, туку, напротив, придонесоа за нејзиното уништување.
Имав ретка шанса да поразговарам со околу 100 девојки на кастингот, кои беа отворени да ги споделат своите приказни на оваа тема. Набргу кастингот зазема димензија на студии на случај. Приказните беа фрапантни за мене. Сите имале слично искуство или познаваа некој што имал слично искуство како во мојот филм. Тоа што ги спојуваше нивните приказни беше стравот дека и ним може да им се случи „Slut-shaming“ и исклучување од општеството, или да им се повтори. Тој страв е длабоко врежан кај цела генерација. И понатаму директно влијае врз нивниот развој. Јас, како жена, сметам дека е исклучително важно да се отвори оваа тема, со надеж дека на овој начин ќе се променат нештата во нашето општество.
Борбата против врсничкото насилство бара синхронизирана, партнерска акција од повеќе засегнати страни за да се постигнат забележливи промени. Каков е вашиот впечаток, од вашата работа, преку кастинзите и комуникацијата со младите, за тоа колку успешно се соочуваме со овој феномен? Дали пречесто затвораме очи?
Каде, според вас, најмногу се потфрла? Кој е најголемиот проблем кај младите кога е во прашање врсничкото насилство?
– Бев во директна комуникација со тинејџери затоа што поголемиот дел од кастингот на филмот беа млади меѓу 15 и 18 години. Разговаравме многу на оваа тема и со сигурност можам да кажам дека системот комплетно ја има изневерено оваа генерација. Тоа што беше заедничко кај сите девојки што дојдоа на кастингот е дека немаат со кого да разговараат за своите проблеми. Пристапот на педагозите и на психолозите во училиштата е погрешен затоа што младите чувствуваат дека ќе бидат обележани и тоа ги спречува отворено да зборуваат за своите проблеми. За жал, работата на психолозите и на педагозите во училиштата се сведува на административна работа во нефункционален систем, а младите немаат поддршка и не се здобиваат со потребните алатки за да се соочат со проблемите како што е врсничкото насилство. Проблемот е што траумата останува и остава последици.
Верувате ли дека уметноста може да понуди решенија за општествени предизвици? Или, пак, доволно е само да ги отвора жешките прашања?
Колку уметникот може да биде активист, а уметноста ангажирана?
– Уметноста не може да го смени светот, колку и да звучи романтична помислата дека тоа е возможно. Но, може да отвори дискусија во општеството, а тоа е првиот чекор кон промените.
Како би ги карактеризирале младите луѓе денес, чијшто предзнак на функционирање, пред сѐ, речиси во секоја сфера, е дигитален? Кои се новите вредности, според вас, кои ги гради оваа генерација? Верувате ли дека сѐ уште високо котираат емпатијата, алтруизмот, солидарноста, желбата за заедништво, за промена од која сите ќе имаат бенефит?
– Новата генерација е многу свесна за екологијата и за здравиот начин на живот, за потребата од промени во општеството од кои сите ќе имаат корист, и тоа, за мене, е едно значајно поместување и голема вредност на оваа генерација.
Овој број на „Лице в лице“ е посветен на тема партнерства, па нѐ интересира, со какви научени лекции излеговте по снимањето на филмот „Сестри“, кога е во прашање тимската работа? Какво беше искуството? Колку за вас соработката, подготвеноста за синергиски пристап, како вредност во работата, е клучна за посакуваните резултати?
–Правење филм е тимска работа и за мене снимањето на „Сестри“ беше едно убаво искуство со одлична екипа што стоеше зад мене и зад филмот. Секој што бил дел од тимот има огромен придонес кон крајниот резултат.
Кои се вашите очекувања за 2022 година? Што посакувате да ви донесе?
-Сѐ уште е рано да се каже, но се надевам дека, пред сè, домашната публика добро ќе го прими филмот.