Концесиите се закана за природата, но и за човечкиот живот
Од сите риби што живеат кај нас, пастрмката бара исклучително чисти води, во спротивно, за кратко време ќе исчезне. И покрај релативно големото и неконтролирано загадување, сѐ уште можеме да ја сретнеме, но сѐ поретко. Тоа укажува на неодговорното однесување кон природата, која, очигледно, нема долго да ги трпи последиците од нашето живеење. Подолго време во земјава сѐ почесто се зборува и пишува на тема загадување. Стануваме свесни за лошата еколошка средина во која живееме и во која растат нашите деца, на кои ќе им го предадеме тоа што нема да успееме да го уништиме. Загадувањето на воздухот, водата и на почвата е последица на човековото несовесно и неконтролирано дејствување. Аерозагадувањето се јавува повремено, во зима, и тоа претежно во поголемите урбани средини и во нивната непосредна околина. Загадувањето на почвата од неконтролираната употреба на пестициди, инсектициди и на други хемиски супстанции се случува постојано, но, за среќа, само на обработливите површини. Но, со таложењето на честичките од воздухот, како и со врнежите што ја „мијат“ почвата, сите тие опасни материи се носат во реките, а потоа во морињата.
Еден друг, голем дел од отровните и опасни честички се депонира во резервоарите на подземните води или се задржува во почвата. На тој начин, преку воздухот, водата и земјоделските производи, ние постојано внесуваме опасни хемиски супстанции, кои предизвикуваат најразновидни болести, кои најчесто завршуваат фатално.
Единствена светла точка и надеж за нас се високите планини и шумите, со кои изобилува Македонија и кои ни го обезбедуваат неопходниот кислород.
Многу рудници на мала територија – голема опасност!
Во моментов, Македонија се соочува со една закана од можно трајно загадување на речиси сите надземни и подземни води, загадување на воздухот и на почвата, но и од физичка деструкција на природата, планините, шумите, реките, животните. Во некои случаи има директна физичка опасност и за населението, во близина на места каде што се дадени и ќе се доделуваат концесии за ископување руда и други минерални и метални суровини. Дозволувањето отворање толку многу рудници, на една толку мала територија, во близина на извори на вода, на реки, на населени места, во плодните котлини, во услови на слаба или никаква контрола на државните инспекциски служби, со огромна стапка на корупција и со минорно владеење на законите, не само што претставува опасност по животинскиот и растителен свет, туку е и аларм за физичкиот опстанокот на луѓето.
Сето ова се случува кога набрзина, и од лукративни причини, се донесуваат закони, се издаваат концесии, без поширока анализа и елаборација, без консултација и соработка со стручните лица и институции, без вклучување на невладиниот сектор, без да се праша народот, кој ќе ги трпи последиците од таквите „развојни“ проекти.
Намалена транспарентност и забележливо влијание на рударското лоби
Министерството за економија, одговорно за доделување на концесиите, во моментов се подготвува повторно да го менува Законот за минерални суровини. Се предлагаат измени што се негираат со демократските принципи, како што се дискрециските права да се донесе одлука спротивно на волјата на народот, на општинскиот совет и на еколошките здруженија.
Еве само дел од нив… Да им се дадат нови концесии на тие на кои „морале“ да им ги одземат „не по нивна вина“? Да ги ослободат од плаќање седум отсто данок при промена на сопственичките удели во концесиските компании. Да ги ослободат од обврската за објаснување како нивните идни активности ќе влијаат врз околната средина, односно подготовка на елаборат за оцена на влијанието врз животната средина, со што народот ќе биде ставен пред свршен чин, со неможност да реагира навреме. Се предлага да се укинат гаранциите, кои треба да ги приложи секој концесионер поради можните штети при нивното работење…
Правдањето на посоченото министерство за донесување на овие измени по скратена постапка, без јавна расправа и учество на јавноста, заради поврзаноста со други закони, нема да нѐ убеди дека овие измени ги предлагаат само за подобрување на законот затоа што јасно се гледа влијанието на рударското лоби.
Ова се само еден дел од вкупно 400 измени што се предлагаат, а со кои место да се зголеми, се намалува транспарентноста на работењето на државните институции. Се прашувам зошто не се предложи за прашања од локален карактер, како што се доделувањето концесии, преку локален референдум, да одлучи населението во чијашто катастарска општина се наоѓа посочената локација, како што е веќе практика во Европската унија? Зошто уште сега да не ја усвојуваме позитивната практика и законите од европското законодавство, кон кое се стремиме?
Виновни сме ние, граѓаните. Со прст не мрднуваме
Со огромна доза самокритика, треба да се истакне, дека, сепак, за ваквите состојби највиновни сме ние, обичните граѓани, кои завалени во удобните фотелји, дома покрај телевизорот или компјутерот, сме „најпаметни“, и „најсилни“, но со прст не мрднуваме за да ги спречиме ваквите погубни појави. Изговорите од типот „немаме време“, „сѐ е веќе договорено“ или „што им можеме, тие се многу моќни“, прашувајќи се меѓусебно „знаеш ли кои се тие?“ – нема да нѐ оправдаат. Нашата пасивност, која упорно се стимулира, нашето молчење, значи и одобрување на таквите постапки.
Дали треба одговорноста за зачувување на природните ресурси, националните богатства, да ја оставиме само во рацете на државните институции и на луѓето што ги раководат, на тие на кои сме им го дале правото, привремено да го управуваат тоа што ни припаѓа нам, на народот?
Ако користењето на природните ресурси значи зајмење од идните генерации, треба да бидеме совесни за тоа што ќе им оставиме на идните поколенија. Обврска на секој од нас е да обезбеди подобри услови за живеење на своите деца и внуци, но не само во материјална смисла, планирајќи да зграби колку што може и да избега одовде. Наша обврска е да ги спречиме таквите, кои можат да донесат избрзани политички одлуки со далекосежни негативни последици. Како поединци, можеби сме немоќни, но, здружени во граѓански здруженија, иницијативи и организации, поддржувајќи се и обединувајќи се во поголеми групи и здруженија, стануваме моќен бедем и брана за сите злоупотреби на законите и на позициите на поединци во власта. Ваквите здружувања, даваат подобри и побрзи резултати дури и од политичкото здружување затоа што со здружување за некоја благородна цел и со нејзино реализирање корист ќе имаат сите што се засегнати од некој заеднички проблем, без можност за лична корист.
Можен е индустриски напредок и заштита на природата во исто време
Искуствата во западноевропските држави, кои порано се соочија со еколошки проблеми, како и подолгиот стаж на демократија, во многу области покажуваат успешни решенија. Со поголемото активно учество на еколошките здруженија при донесувањето на законите, се наметнаа нови закони и стандарди во Европската унија, што резултираше со многу позитивни резултати од таквото одговорно општествено однесување.
Таков охрабрувачки пример е реката Рајна, која со својот тек најмногу се движи низ Германија. Во неа поради брзиот индустриски развој при крајот на 19 и почетокот на 20 век, ископувањето руда, тешката металургија и испуштањето на сите отпадни води во реките (некаде околу шеесетите години од минатиот век) беше уништен вкупниот растителен и животински свет. Но, благодарение, пред сѐ, на граѓанските иницијативи, поддржани од властите, во еден не толку долг период од дваесетина години, со донесување и почитување на многу закони за заштита и за зачувување на животната средина и со ограничувања на загадувачите, денес водите на реката Рајна се чисти до тој степен што е дозволено капење во неа. Уште поголем доказ за чистотата на водата се пастрмките, кои ги споменав на почетокот, а кои денес живеат и се размножуваат во водите на некогаш најзагадената река во Европа. Овој случај е пример за можноста и за потенцијалот на човечката свест, упорноста и победа на разумот над неразумноста, доказ дека може да има индустриски напредок, но, во исто време, да се води сметка и за зачувувањето на животната средина.
Водејќи се од ваквите позитивни примери, активно учествувајќи во решавањето на заедничките проблеми, заедно со сите засегнати страни, преку конструктивен дијалог и разбирање, можеме да се надеваме дека ќе успееме да изградиме едно културно и демократско општество, со чувство на одговорност на секој поединец.
(Авторот е дипломиран градежен инженер, член на Управниот одбор на „Здрава котлина“ и претседател на „Екодолина“)