„Лице в лице“ преку веб-продавница – со подарок и со достава
Веб-продавницата kupi.licevlice.mk се покажа како добро решение и за продавачите што остануваат „да работат од дома“, а сега најдовме начин и да ги ангажираме и мотивираме\
Работната интеграција е клучната оска што е вградена во мисијата на „Лице в лице“. Ранливите сограѓани, вклучени како продавачи на уличното списание за одржлив развој, социјално и економски се засилуваат преку продажба на магазинот. Лицето на „Лице в лице“ се продавачите што секојдневно се градат себеси, но и полето во кое сакаат да дејствуваат. Градат мрежа, создаваат контакти, а со тоа се засилуваат себеси и своите капацитети. Целиот овој процес, го запре пандемијата.
Дел од продавачите на уличното списание за одржлив развој, поради здравствените ризици, не се на улиците работејќи, туку остануваат дома. За нив ова значи безбедност, но другата страна на паричката алармира и на исклученоста, таа што, веќе осма година, ја притиснавме во ќоше. Акцијата „Седи си дома и читај Лице в лице“, во која се вклучуваат одговорни компании, организации, граѓани, обезбедува моментна финансиска стабилност за нив, но исклученоста бараше дополнителни модели и заложба.
Веб-продавницата kupi.licevlice.mk, каде што читателите може да се претплатат на електронска и на печатена верзија на списанието, е подготвена, куп добри и умни луѓе се вклучија во нејзиното создавање, оформување, запознавање на публиката со неа. Се покажа дека веб-продавницата е добро решение и за продавачите, кои остануваат „да работат од дома“, само требаше да се најде начин да се ангажираат.
Креативност, интеграција и работни навики
– Пепи, Горде, Мариче, Анабела и Кате се во изолација веќе шест месеци, од почетокот на пандемијата, загрижен сум за нив. Ајде да направиме нешто со што ќе ги задржиме креативни и со активна мисла. Потребна ни е активност што ќе ги мотивира и поддржи да го поминат полесно целиот овој период – ни јави Гоце Николов од партнерската организација „Порака Неготино“, кој ја менаџира работата на разгранокот во Волково.
Знаевме дека треба веднаш да направиме поинаков систем на поддршка и така се роди и иницијативата „Од кого купи Лице в Лице?“, со која создадовме различни кодови за сите продавачи што сакаат да бидат дел од ова, секој со својата специфична приказна.
Така, продавачките од „Порака Неготино“ имаат креативни работилници, а се организирани во нивната заедница во Волково, со што ја задржуваат својата мотивација, ангажирани се, се чувствуваат корисни и се задоволни.
– Многу ни недостига да излеземе и да работиме. Знам дека е важно да останеме дома, но сакаме да комуницираме со пријателите што ги препознаваме секогаш кога продаваме „Лице в лице“. Сега, и ние правиме нешто за нив – вели Марица Милошева.
Пепи, Горде и Кате се согласуваат со неа, а Анабела додава:
– Ни недостига целиот тим, да се напиеме кафе и да се дружиме заедно на балкон.
Овој начин на работа се заснова на креативните работилници на кои се применува арт терапија, која, пак, поттикнува трансформирање и насочување на енергијата во креативен процес. Работилниците се еднаш неделно, а, според одбраната тематика, се пренесува и едукација за важноста за зачувување на природата, планетата, но и за негување вредности. Сите читатели на списанието што си го набавувале својот примерок од петката од Волково, може да продолжат да го прават тоа со нарачка на печатена верзија од „Лице в лице“ преку kupi.licevlice, со внесување на еден од кодовите KupivОd—- и името на продавачката, а освен списанието, ќе добијат и цртеж од нив.
Ваков код за продажба, на иницијатива на партнерската организација „Порака Нова“ од Струга, беше креиран и за популарниот Игор Шајновски, кој е првиот вработен продавач во оваа организација, за што пишувавме во минатиот број. Со внесување на кодот IgorPoraka на е-продавницата, тој лично се заложува да ја достави печатената верзија на списанието, а ако доставата е надвор од Струга, ќе ја прати по пошта.
Новиот начин на продажба – совршен и за Кико
Кристијан Марковски, пак, веднаш се активираше да биде вклучен во ваквиот вид продажба. Младото и секогаш позитивно момче, кое многумина го знаат токму од активностите на „Лице в лице“ и на Црвениот крст на Град Скопје, рече дека овој начин е совршен за неговите редовни поддржувачи. Кодот за него е KupivOdKiko, со кој пријателите на Кико и понатаму ќе можат да го купуваат „Лице в лице“, а една половина од продажбата ќе биде директно за него, при што тој ќе се погрижи и да им стигнува во нивното сандаче.
Кико нетрпеливо го очекуваше објавувањето и споделувањето на кодот со своите пријатели.
– Уште пред да објавиме на социјалните мрежи, јас ги известив моите верни поддржувачи за начинот на кој ќе продавам отсега. Среќен сум за кодот што го добив, ова е мојот начин на продажба. Најчесто комуницирам на социјалните мрежи и токму тука ги наоѓам моите идни поддржувачи и читатели на „Лице в лице“ – вели Кико.
Тој на многу свесен начин пристапи на оваа ситуација сметајќи на своите комуникациски вештини, развиени пријателства и другарства, но и знаејќи дека продавајќи го вака списанието, купувачите, не само што добиваат квалитетен производ, туку и даваат поддршка на процесот на неговата работна интеграција. Кико вака учи како да ги менаџира парите што ги заработува, ја надградува својата одговорна страна и е работно ангажиран бидејќи тој самиот ги испраќа списанијата по пошта или директно до компаниите / организациите што нарачуваат од него, а има и причина плус за разговор и за пристап до поддржувачите.
Искуства од земјите-членки на ИНСП
Сите други улични списанија и весници од 35 земји-членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП), се соочуваат со слични предизвици во поглед на продажбата. Движењето на уличниот печат се соочува со предизвик како никогаш досега да најде модели, кои, од една страна, ќе бидат лесно достапни и за продавачите и за публиката, но кои нема да му пречат на клучниот елемент што го има зад себе – работната интеграција, мотивацијата кај ранливите, нивната социјална инклузија.
Уличните списанија низ светот веќе работат со партнерства со одговорни компании со чијашто поддршка го продаваат тиражот, создаваат мобилни апликации и други дигитални решенија што опфаќаат безготовинско плаќање, работат на фандрејзинг и слично.
„Хус форби“ од Данска веќе шест години нуди плаќање за списанија преку СМС, а со кризата, тие активираа и апликација за плаќање од мобилен. Оваа апликација ја користи 90 проценти од населението во Данска, кое користи паметни телефони.
„Биг ишју Австралија“ има повеќе начини за купувачите – освен вообичаениот, тие имаат и картичка „Теп енд гоу“ со која преку внесување на податоците на купувачот преку блутут, се регистрира и плаќа списанието. Тие имаат соработка со четири големи банки, кои на дневно ниво им ги исплаќаат парите на продавачите директно на сметка. Ова улично списание користи и бесплатна апликација преку која се купува примерок, со скенирање на QR код што го има продавачот. Исто така, најавија партнерство со синџир маркети во земјата, „Вулвортс“, кои без надомест ги продаваат списанијата, а приходите се наменети во фонд за продавачите. Безготовински плаќања со посебни апарати за продавачите применуваат и списанијата „Биг ишју“ и „Биг ишју норт“ во Велика Британија и во Јужна Африка, „Стрит вајз“ од Чикаго, САД. „Мегафон“, „Алберт стрит њуз“ и „Литенаир“ во Канада, исто така, практикуваат безготовинското плаќање, а таму најголемиот дел од уличните списанија за време на ковид-19 запреа со печатење, но продолжуваат со дигитални содржини.
Српското улично списание „Лицеулице“ теренската работа ја продолжи на истиот начин како претходно, но редуцирано и со целата потребна заштитна опрема, а продаваат и преку нивната веб-продавница.