Музиката имунизира против говор на омраза
Пееме за љубовта, животот, за дружењето и пријателите, a јазикот на песната не познава разлики, велат Артан и Оли, познати стружани, кои носат позитивна приказна на соживот и соработка Фотографии: Кристина Затуровска
Артан Жута и Оливер Китаноски повеќе од десет години се дел од музичката сцена во Струга настапувајќи заедно пред нивните сограѓани, стружани. Едниот е Албанец, другиот Македонец, а различнaта националност им носи меѓусебна поддршка, соработка и разбирање. Го работат заедно тоа што знаат да го прават најдобро.
Наспроти некои тврдења дека во малите локални средини постои говор на омраза меѓу луѓе со вакви различности, тие се пример за спротивното.
Струга е мултиетнички град, обоен во боите на различни култури, религии, јазици, националност, што уште повеќе ја прави нивната приказна достојна за почит. Велат дека воопшто не е тешко да се опстои во средина каква што е нивната.
– Не сме единствена средина во светот каде што има мешовити народи, култури и јазици – вели Артан Жута.
Китаноски се надоврзува:
– Музиката е универзален јазик, така што не гледам зошто би ни било тешко. Интересот за музиката нè спои, таа не нè разликува.
Дополнува и Жута:
– Еден град, едно маало, заеднички интерес, а тоа е љубовта кон музиката – се дополнуваат еден со друг, како да се надоврзуваат со солажи на своите музички инструменти.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Во Струга речиси нема човек што не ги познава Артан и Оливер или, пак, што не слушнал за нив. Нивниот репертоар е богат. Се пее музика од англиско говорно подрачје, како и песни на локалните јазици, македонскиот, албанскиот, турскиот.
– Пееме за љубовта, животот, за дружењето и пријателите, каде што јазикот на песната не познава разлика – вели Жута.
Артан и Оли, како што ги знаат жителите на едната и на другата страна на Црн Дрим, велат дека тоа што во нивниот град живеат луѓе од различни вери и националности не им претставува пречка, туку, напротив, задоволство:
-Зошто би било пречка? На некого му е тоа пречка?! Отсекогаш имало многу примери на мешовити групи. Покрај тоа што свириме по кафе-барови, настапуваме и на многу приватни забави, каде што претежно се дружат и работат луѓе од различни вери и националност. Ние со нашиот мешовит и разновиден репертоар сме одлична комбинација за вакви околности – вели Артан.
– Убавината е во различноста. Пееме на македонски и на албански јазик, свириме и музика од поранешна Југославија, но и песни на англиски, италијански, грчки јазик или латино-музика. Ангажирани сме три до четири пати неделно – вели Китановски.
Средината во која живеат отсекогаш била таква каква што е и денес. Нејзиниот мултиетнички карактер се чувствува на секој чекор. Секое ќоше во Струга мириса на соживот, заедништво, кое се градело со генерации. Злите јазици и говорот на омраза знаат да донесат немир и непријатност во ваквата хармониja.
– Јас лично никаде не сум прочитал и слушнал за вакви муабети. Струга е пример за спротивното од ова – дециден е Жута.
Двајцата музичари се и еден вид симбол на Струга, којa децении наназад опстојува и живее со својата мутлиетничност и мултикултурност. Нивната Струга успева да не зборува за поделеност, туку за духот на заедништвото и меѓусебната почит. Со сето тоа што го прават тие, се спротивставуваат на дезинформации, предубедувања и тврдења дека во Струга нема соживот и влијаат на позитивната слика што ја градат добрите примери.
Свесни се дека социјалните мрежи знаат да донесат лажна слика за некои феномени:
– За жал, злоупотребата на социјалните мрежи е успешна само поради недоволната едукација на голем број нивни корисници. Повелете во Струга и сами проценете за соживотот во овој град – вели Китановски.
Артан и Оли, со своите настапи, испраќаат и порака до младите во Струга, но и насекаде во земјава:
– Свирете и дружете се кој со кого сака – велат тие. Оливер и Артан не застануваат овде. Тие и продолжуваат да музицираат заедно и да претставуваат пример за заедништво и за соживот. Единствената иднина за Струга, но и за цела Македонија е животот едни со други, а не едни покрај други. Овие стружани се светол пример на нашата сегашност, но и добар пример кој треба да служи за идните генерации.
Оваа содржина е поддржана преку регионалната програма „Отпор кон дезинформации и говор на омраза: акција на граѓанското општество за реафирмирање на слободата на медиумите и спречување дезинформации и пропаганда за ширење омраза во земјите од Западен Балкан и во Турција“, што се спроведува со поддршка од Европската унија, од страна на партнерските организации од регионот: СЕЕНПМ, Македонски институт за медиуми, Албански медиумски институт, Медијацентар, Косово 2.0, Црногорски институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировен институт и Бианет.
Содржините во текстот се единствена одговорност на авторот и на уличното списание за одржлив развој „Лице в лице“ и во никој случај не може да се смета дека ги одразуваат ставовите на Европската унија.
[/ihc-hide-content]