Облаци што го намалуваат аерозагадувањето
Истражување на научници за атмосферата од Универзитетот во Ватерло открило дека облаците наречени пирокумулунимбуси (pyroCb) го отстрануваат загадувањето од површината носејќи го во стратосферата.
Тие успеале да го следат загадувањето на воздухот од шумските пожари во Британска Колумбија и во Австралија, во 2017 година и во 2019 година, користејќи го сателитот на канадската вселенска агенција, единствениот во светот што може да измери 44 различни атмосферски молекули.
– Високите облаци функционираат како оџаци што создаваат патека за аеросолите близу до површината. Ова е корисно кога станува збор за квалитетот на воздухот што го дишеме, но е важно да се нагласи дека овие аеросоли сè уште можат да имаат реперкусии врз климата и атмосферската хемија на поголеми височини – изјавил Крис Бун, главниот автор на истражувањето и проектен научник на канадскиот сателит.
Во нивното соопштение до јавноста се вели дека загадувањето на воздухот од шумските пожари се претвора во аеросоли, мали честички прав и чад што потекнуваат од природни и од човечки извори. Овие аеросоли може да бидат штетни за здравјето на луѓето ако дишат голема концентрација, а можат да влијаат и на температурата на површината на Земјата. Истражувачите велат дека кога овие аеросоли ќе бидат повлечени во стратосферата, се мешаат со водната пареа и со молекули на хлор за да предизвикаат ефект на стаклена градина што претставува ризик за озонскиот слој. Променливата клима, исто така, може да претставува ризик за развој на циклус на чести и поинтензивни шумски пожари, што е огромна закана за шумските области како Канада. Истражувачите велат дека овие откритија треба да бидат анализирани во натамошните истражувања во поглед на влијанието на аеросолите врз климата.