Претставник на генерацијата Z со желба за учење, дружење, вмрежување
Енергијата што ја носат новите продавачи на „Лице в лице“ секогаш, ама баш секогаш, е свежина, нова перспектива и интереси што поттикнуваат доза на натпревар, знаења и пораст. Затоа, тие си се пронаоѓаат во називот микропретприемачи
ЛИЦЕ В ЛИЦЕ СО Неџат Камбери, микропретприемач во уличното списание Фотографии: Томислав Георгиев
Ако се прашувам јас, Неџат е најсоодветниот претставник на генерацијата Z. Кога зборувате со него, сфаќате дека сите интереси му се околу технологија, а вниманието и информациите му се од социјалните мрежи. „Тик-ток“, „Јутјуб“, „Инстаграм“, блогери, влогери… За некои од нас само поими, но за оваа генерација значат вмрежување, учење, можеби и работни места од иднината. Ова младо момче со огромна жар во очите и љубопитност за сознанието на тоа што се крие зад „оградата“ сакавме да го запознаете на автентичен начин!
Неџат Камбери е меѓу најновите продавачи на „Лице в лице“, кој заедно со својот тим, се „турка на рака“ со предизвиците на продажба на списанието што ги носи пандемијата. Љубопитен, искрен, зборлив, насмеан, благодарен, полн со позитивна енергија. Покрај него, не можете да не се смеете. Запознајте го, ветувам дека ќе ве инспирира и ќе ви даде позитивна енергија. ☺
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Како би се опишал себеси, која е твојата приказна што сакаш да им ја пренесеш на читателите?
– Јас сум трудољубив и се стремам да бидам добар човек. Многу сакам да се едуцирам и не сакам целото време да го трошам само на игри пред компјутер. Ми помина времето за тоа. ☺ Се трудам да се едуцирам и да бидам вклучен во многу полиња. Сакам да волонтирам и одам на различни предавања. Последно бев на обука за правата на детето и научив многу важни нешта.
Што би ти кажал 30- годишниот Неџат денес?
– Учи, не троши го времето залудно. Вклучувај се секаде каде што можеш и собирај животни искуства!
А што би му кажал ти сега на 30-годишниот Неџат?
– Ех, Неџат! Има време до 30! :)))
(просторијата ја исполнивме со смеа и весела енергија, ја чувствувате преку зборовите, нели? )
Наброј три нешта што те прават среќен?
– Дружбата, сонцето и излегување на добра забава! ☺
Кој ти е омилен јутјубер? Зошто?
– Стефан Лазаров! (Викна на сет глас и со насмеани очи продолжи да објаснува зошто токму Стефан). Многу го почитувам Стефан, неговите видеа ме научија на еден куп вредности! Понекогаш неговите влогови ме учат за многу едноставни, но важни нешта. Ме инспирира и ме храни со предобра енергија! Контентот му е врв!
Кошарка или фудбал?
– Кошарка! Последнава година, баскетот ми е многу интересна активност.
„Јутјуб“ или „Инстаграм“?
– „Јутјуб“! Следам 40 наши блогери и ги слушам додека се движам, додека одморам, секогаш и секаде кога имам можност. Секој од нив има различен контент. Си блогаат, си влогаат, споделуваат секојдневни искуства.
Од досегашната продажба, кој дел од денот и локација ти се омилени за продажба?
– Кусо време сум во „Лице в лице“, па сакам да истражувам многу што е најдобро за мене. Вторник, петок и сабота ми се досега добитна комбинација кога зборуваме за денови, а за локација, ќе ме најдете во реонот околу Млечен ресторан, Карпош 3 и 4 и Влае.
Сподели ни некоја случка која често ти е низ мисли.
– Сакам да раскажам како едно добро дело влијае на тоа да се случат неколку следни по ред. Случката беше вака: влегов да продавам во едно кафуле и сите луѓе ме одбија, само една жена не. Ми рече: „Сакам да те поддржам за тоа што го правиш и што работиш!“ Другите, кога го слушнаа тоа, од сите маси во цело кафуле купија по едно списание. Ова ми беше една многу убава и драга случка, која сакам да ја споделам со сите кои ќе го читаат ова.
Кого би го повикал во твојот тим за „Лице в лице предизвик“? Со кој би се натпреварувал ти?
– Ова е многу интересно! Би сакал да продавам со Лазаров во мојот тим, а против Мемед и поетесата Ана Голејшка. Тоа ќе биде мноооогу интересно! ☺
Колку и што научи од твојата социјална менторка Николина?
– Мотивацијата! Многу, многу ме мотивира! Некогаш сакам да се шегувам со неа. Ѝ викам: Само едно продадов цел ден! Таа грижливо ќе почне да зборува со мене дека е во ред, дека така е на почеток. Потоа ѝ кажувам дека сум продал повеќе и се смееме. Нашите состаноци секогаш ги завршуваме со насмевка.
Кој е твојот животен ментор / личност што те инспирира да бидеш најдобрата верзија од себе?
– Благодарен сум им на наставниците и на старателот што се грижат за мене! Секогаш ме учат дека е многу важно да се ценам себеси и дека е во ред да не му се допаднам некому.
Порака што сакаш да ја упатиш до читателот?
Да купат списание секогаш кога можат, затоа што ние работиме!
Забелешка за дизајн: Плс низ текстот да провејуваат смајлиња, карактери кои се специфични за социјални мрежи…. Текстот треба да е што поигриво поставен. Неџат е влогер и јутубер, па да биде блиско и до тоа. Можеби фотката негова ќе е ОК ако ја поставиме како на екран со јутуб…
[/ihc-hide-content]