Социјалната менторка од Косово Лулу – самовила со волшебно стапче
Повеќето работодавци се свесни за важноста на инклузијата и на законот што обезбедува вработување на лицата со попреченост, но страхуваат колку ќе можат успешно да ги интегрираат лицата со попреченост. На компаниите многу им олеснува кога имаат врата каде што може да побараат помош кога ќе се соочат со тешкотии, вели социјалната менторка Луљета Нухија Фотографии: Антигона Баџаку Идризи
Пет лица со Даунов синдром се вработени, имаат подобро животно секојдневие, унапреден статус во општеството и во опкружувањето.
Ова не се случи ниту преку ноќ, ниту стихијно, само од себе. Главната вина за ваквото поместување на положбата на ранливите граѓани во Косово ѝ се препишува на Луљета Нухија – Лулу, социјална менторка, која преку здружението „Down Syndrome Kosova“ беше вклучена во првиот циклус обуки на програмата Социјално менторство за работна интеграција, пилот-програма од Асоцијацијата за истражување, комуникации и за развој, „Паблик“, а поддржана од Германското друштво за интернационална соработка, ГИЗ.
Лулу, како што ја викаат пријателите и соработниците, е родена во Куманово, a во моментов живее и работи во Косово. Знаењата од програмата за социјално менторство на „Паблик“, чијашто цел е овозможување полесен влез и останување на пазарот на труд на ранливите сограѓани, особено на тие што се најдалеку од него, Лулу успешно ги преточува на терен.
Вели дека нејзиното здружение, преку социјалното менторство, како социјална иновација ја игра улогата на мост и на посредник за успешното вработување на лица со Даунов синдром. Досегашното искуство потврдува дека со темелен пристап и структуирана поддршка можe да се направат големи поместувања кај овие лица. Во исто време, социјалниот ментор е врската меѓу лицето со кое работи и бизнис-секторот, кој ќе треба да ја види важностa од внесување различност меѓу вработените.
Ова беше повод да поразговараме со Лулу за патот низ процесот на работа, како и за впечатоците на лицата со кои работи како ментор.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Долго време работите со лица со Даунов синдром. Можете ли да направите разлика меѓу поддршката што им ја дававте претходно на вашите корисници и оваа, откако ја поминавте обуката за социјално менторство?
– Да, доаѓам од здружение што преку свои програми имаше големи обиди за обезбедување услуги, како што се стручно оспособување и поддршка за вработување лица со Даунов синдром. Иако беше многу предизвикувачки, „Down Syndrome Kosova“ успеа да интегрира некои поединци на отворениот пазар на труд, главно во приватниот сектор. По обуката за социјално менторство, овие напори добија форма на систематски механизам или пристап што служи како модел како да се води процесот на интеграција на пазарот на трудот на достоинствен начин, кој е заснован на факти.
Колку соработуваат родителите и најблиската околина, како гледаат на потребата нивното дете да се вклучи на пазарот на труд?
– Роднините и родителите на лица со Даунов синдром, воопшто на лица со попреченост, од самото раѓање се загрижени за благосостојбата на своите деца и не го наоѓаат одговорот на големото прашање: „Што ќе биде со нив кога ние веќе нема да бидеме тука?“ Со нивно интегрирање на пазарот на труд, се ублажуваат грижите на нивните родители затоа што нивното дете сега е независна индивидуа и е способно да ја обезбеди својата благосостојба, дури и да биде активно лице што придонесува во општеството.
Каква промена забележувате кај нив, кога од корисници стануваат активни актери во создавање економски, социјални и културни промени во општеството?
– Покрај нивната лична исполнетост дека се способни да ги докажат своите вештини на работа и гордоста што финансиски придонесуваат за семејството, тие, исто така, успеваат да избегнат проблеми со менталното здравје, кои можат да произлезат од неангажманот и од немањето работен идентитет. Но, тоа не е сѐ. Вработените, преку претставување на своите успешни приказни, низ различни платформи, постојано се залагаат за остварување на своите права, а тоа се одразува на промените во економската, социјалната и во културната сфера во општеството.
Кога ќе им се даде соодветна шанса, дали овие лица имаат потенцијали да одговорат на очекувањата на работодавците, како се приспособуваат на организациската култура и на работната атмосфера?
– Случаите што досега биле интегрирани, успеале да ги изненадат работодавците со нивниот потенцијал и колку можат да бидат ефикасни на работното место во исполнувањето на обврските што им се доделени доколку постои адаптација на работното место на сите нивоа, не само инфраструктурно. Благосостојбата и задоволството на вработените на работното место станува важна тема и ги засега сите работници, не само тие со попреченост.
Какво е вашето искуство во однос на комуникацијата со бизнис-секторот? Колку ја сфаќа потребата од економска интеграција и инклузија на лицата со пречки во развојот?
– По завршувањето на обуката за социјално менторство, разработив акциски план. Најголемиот предизвик ми беше комуникацијата со претпријатијата, па направив бележење на потенцијални сериозни претпријатија што би можеле да ги вработат овие лица. Создадов услови за да им објаснам какви услуги ќе им понудам во процесот на работна интеграција На работодавците на компаниите многу им олеснува кога знаат каде точно може да побараат помош кога ќе се соочат со тешкотии. Повеќето од нив се свесни за важноста на инклузијата и на законот што обезбедува вработување на лицата со попреченост, но, како што споменав, страхуваат колку ќе можат успешно да ги интегрираат лицата со попреченост. Јас како социјален ментор им ја давам таа услуга.
[/ihc-hide-content]