Спортот е на страна на физичкиот развој на децата
Кај нас најголем проблем е инфраструктурата, немањето доволно терени, затоплени сали. Многу родители не ги пуштаат своите деца да тренираат или спортуваат во студена сала или каде што нема гардероби
„Доста со мобилниот, излези малку надвор потрчај!“
„Оваа младина е постојано пред монитор. Не се како нас, кога сме трчале и играле цел ден пред зграда“.
Често ги слушаме овие изјави од родители и од повозрасни луѓе. Јасна е загриженоста за здравјето на децата и редовно сме бомбардирани со податоци дека прекумерната употреба на технологијата носи стапица во поглед на развојот, физичкото и ментално здравје, особено кај помалите лица. Податоци на Светската здравствена организација посочуваат дека преваленцијата на деца и на адолесценти со зголемена телесна тежина и дебелина на возраст од пет до 19 години е зголемена од четири проценти во 1975 година, до 18 проценти во 2016 година. Имајќи предвид дека физичката активност има значително влијание врз вкупното здравје и може да спречи низа болести што доаѓаат поради дебелината, ја отвораме темата за поттикнувачката средина на спортувањето и за придобивките што ги носи.
Физичката активност влијае позитивно на усвојувањето на здравиот начин на живот, ги подобрува здравјето и квалитетот на животот. Тоа е, без сомнение, една од најблагородните и најчисти форми во кои учествуваат луѓето во светот. Особено е важно младите да ги насочуваме кон активно занимавање со спорт бидејќи е алатка што ги надминува сите разлики и го надградува физичкиот живот и интелектуалните способности. Но, колку е спортот достапен до сите, со каков квалитет и знаење се пренесува на идните генерации, разговараме со голманот на нашата ракометна репрезентација и најдобар голман на португалското првенство, Никола Митревски. Во неговата богата спортска кариера настапувал за неколку клубови, а во моментов ги брани боите на португалскиот клуб Порто.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Од инфраструктура, квалитетни тренери и клубови што можат да пренесат знаење, сметате ли дека ги имаме сите оптимални услови за развој на спортот? Што треба да подобриме?
– Гледаме колкав замав зема технологија и тоа носи и определена штета на физичкиот и на моторниот развој на младите. Кога зборуваме за тренери, има многу квалитетни професионалци што живеат за на тие деца да им го пренесат своето знаење, да ги научат на некои спортски принципи во животот. Најважно е децата да се здобијат со спортска култура, да имаат почит кон тренер, кон противник и правилно да го развиваат своето тело. Кај нас најголем проблем е инфраструктурата, немаме доволно фудбалски терени, нема доволно затоплени сали. Многу родители не ги пуштаат своите деца да тренираат или да спортуваат во студена сала, во простор каде што нема гардероби… Сепак, тоа не е само проблем кај нас, овие предизвици постојат и во други земји.
Колку спортот e достапен за сите? Има ли секое дете еднакво шанса да се занимава со некојa спортска дисциплина?
– Генерално, спортот е многу подостапен отколку некои други работи од модерното општество бидејќи за него се потребни желба и волја да се игра, да се спортува. За рекреативно занимавање со спорт, пак, речиси сите деца имаат иста шанса. Во различни периоди од годината, достапни се различни спортови, така што, ако се сака, секогаш има спорт што може да се тренира.
Можете ли да направите споредба меѓу вклучувањето на младите во спортот и соодветните услови овде и во земјите во кои сте настапувале досега?
– Нема големи разлики за вклучувањето на децата во спортот и застапеноста на спортот во животот на децата кај нас и во некои од земјите каде што сум бил. Единствена разлика е во инфраструктурата. Кај нас има многу талентирани деца, има многу приватни школи за секакви спортови, имаме училиштен спорт… Така, имаат доволно услови да почнат да се занимаваат со спорт. Но, многу мал дел од нив продолжуваат да се занимаваат и понатаму со спорт разочарувајќи се од околностите, како, на пример, тренер, студена сала, опрема. А знаеме дека за да се успее во спортот мора да се дадат многу жртви, да се трпат критики, неуспеси.
Какво мислење имате за приватните ракометни школи? Се гледа на квалитет или се оди на квантитет? Како се прави селекција и колку е таа фер за тоа кој поминува во сениорска екипа?
– И во спортот, како и во други области, луѓето прават обиди да заработуваат од својата експертиза. Поголем број од приватните школите се борат да преживеат. Секоја од нив сака да има што поголем број деца, кои ќе плаќаат членарина, за да може да се исплати тоа што се работи. Кога во една школа би имало мал број деца, тренерите ќе можат да им посветат многу повеќе внимание, да им покажат каде грешат, како треба да работат правилно. Но, прашање е како таа школа би преживеала финансиски ако работи на тој начин. Исто така, пак, ако има квантитет, голем број деца, можеби полесно ќе се најде некое квалитетно, талентирано дете, па со дополнителна работа да се создаде добар спортист. Сега во моментов се соочуваме со ситуација во која нема критериуми, нема правила според кои ќе се отвораат и ќе работат приватните школи. Овие правила треба да им одговараат на сите, а тоа не е случај, така што останува да биде вака како што е во моментов.
[/ihc-hide-content]