„Сребрено цунами“ – закана за илјадници работни места годишно
За време на последните две рецесии, во компании со сопствеништво на вработените, имало 50 проценти помалку отпуштања во споредба со компаниите без сопствеништво на вработените, шестпати помали шанси за отпуштање на вработените и двојно поретко случаи на банкрот. Овие компании се и поуспешни.
Во непредвидливи услови како што се денешните, предизвикани од ковид пандемијата, голем број од компаниите се соочуваат со економска криза што води до опаѓање на приходите, зголемени отпуштања, намалена плата, па и загрозување на егзистенцијата на претпријатието во одредени случаи. Ваквиот негативен тренд може да се забележи кај повеќето компании, но, оние што се во сопствеништво на вработените – донесуваат одлуки што значително ја подобруваат состојбата на работниците.
Италија е една од малкуте земји којашто им овозможува на работниците вработени во фирми кои се соочуваат со банкрот помошта поради невработеност да ја добијат однапред, како би можеле да ги инвестираат средствата за откуп на компанијата и нејзино реорганизирање. Станува збор за законот Маркора, којшто покрај опишаната опција за инвестирање, нуди поширока помош за ваквите претпријатијата преку специјална финансиска институција која дава консултантски услуги, но и дополнителни кредити во вредност на вкупната инвестиција на вработените.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Италијанскиот институт за статистика заклучил дека 90 проценти од компаниите откупени од страна на вработените преку механизмот Маркора успешно ги надминуваат проблемите и постојат на пазарот и после 5 години, додека истото важи за само 44 проценти од сличните приватни претпријатија.
Пренесувањето на сопственоста кон вработените води до позитивни резултати и кај добростоечки претпријатија, што станува уште повоочливо кај американскиот ЕСОП модел.
Истражувањата повеќекратно покажуваат дека компаниите кои го практикуваат американскиот ЕСОП модел („Employee share ownership plan“), се далеку поотпорни на негативни економски последици.
Според истражувањата на „Менке груп“ за време на последните две рецесии, во ваквите компании имало 50 проценти помалку отпуштања во споредба со компаниите без сопствеништво на вработените, шестпати помали шанси за отпуштање на вработените и двојно поретко случаи на банкрот. Компаниите со ЕСОП, исто така, се поуспешни. Годишните стапки на пораст на продажбата се за 3,4 проценти повисоки и годишните стапки на пораст на вработеноста се за 3,8 проценти повисоки во периодот по трансформацијата отколку што би се очекувало врз основа на карактеристиките пред ЕСОП. Во исто време, како што потенцира професорот Џозеф Бласи од Универзитетот „Рутгерс“ во своите истражувања, продуктивноста во овие компании се зголемува за просечно четири-пет проценти во текот на годината кога се усвојува моделот.
Овој модел може да се користи во сите видови компании, без оглед на нивната големина, индустријата во која дејствуваат или староста на фирмата. Инклузивен е, и во него учествуваат сите постојани вработени, а моментната работна сила е систематски вклучувана не дозволувајќи надворешни инвеститори или пензионирани вработени да ги задржат акциите. Сопственоста се менува со текот на времето, така што, секогаш ја вклучува целата активна работна сила на организацијата.
Земјите на поранешна Југославија – посебно погодени
Илјадници работни места се загрозени секоја година поради таканареченото „сребрено цунами“, кое подразбира затворање многубројни мали и средни претпријатија (МСП) поради неуспех, при барањето наследник тогаш кога сопственикот оди во пензија или од друга причина ја напушта фирмата. Феноменот е познат како „сребрено цунами“ поради појавата на побелени прамени во косата на сопствениците на повеќето МСП, кои денес се на возраст меѓу 50 и 60 години.
Земјите од поранешна Југославија се посебно погодени од ваквиот феномен затоа што голем број компании се основани токму од бумерската генерација, во раните 1990-ти години при транзицијата и приватизацијата. Во Словенија, 25 проценти од сопствениците на МСП се повозрасни од 55 години, а само 20 проценти од нив имаат план во врска со наследството на нивното претпријатие. Со оглед на тоа дека 400.000 луѓе се вработени во вакви претпријатија, доаѓаме до заклучок дека 75.000 работни места во Словенија се изложени на ризик токму поради недостигот од планско наследување во наредните 10 години.
Губењето работни места поради затворање на компаниите кога сопственикот заминува, предизвикува, не само зголемување на невработеноста, туку и намалување на даночниот прилив во општините каде што се наоѓала компанијата и зголемени трошоци за исплаќање надомест за невработените. Поради тоа, Европската комисија во 2020 година го издвои деловното наследување како главен предизвик со кој се соочува секторот на МСП.
Пренесување на сопствеништвото го закотвува капиталот и спречува загуба на работни места
Во Словенија, преземање на бизнисот од страна на децата на сопственикот се случува само во 10 проценти од случаите и се чини дека станува сè понеомилена опција. Новите генерации често сакаат да создадат своја кариера, не секогаш се заинтересирани за индустријата во која е бизнисот на нивните родители, а неретко и сонуваат за отселување.
Од друга страна, продавањето на бизнисот на конкурент или, пак, странски инвеститор води до менување на приоритетите во водењето на фирмата. Конкурентите го купуваат претпријатието ако гледаат можност да го консолидираат пазарот за на тој начин да добијат пазарна моќ, или да приграбат патенти и интелектуална сопственост. Сопствениците што живеат надвор од локалната заедница се заинтересирани за инвестирање само ако профитабилноста е висока, што вообичаено значи изнесување на создадената додадена вредност надвор од локалната заедница.
Станува очигледно дека ваквите опции се неповолни за локалната заедница. За разлика од нив, пренесување на сопственоста на вработените го закотвува капиталот во регионот спречувајќи ги евентуалните загуби на работни места. Исто така, вработените се најчесто жители на регионот во кој е лоцирана компанијата, па затоа донесуваат одлуки што не би ја загрозиле локалната социјална и природна околина.
Во последната година, четири словенечки компании започнаа со ЕСОП трансформација. Станува збор за успешни мали и средни претпријатија кои претежно се занимаваат со дејности поврзани со информатика и технологија.
Со поддршка од Институтот за економска демократија во вид на консултирање при имлементирањето и тренинзи за вработените, се очекува ваквиот процесот да заврши до крајот на оваа година.
Тие што го граделе успехот, ќе ја градат и иднината
За татко на ЕСОП моделот се смета американскиот адвокат Луис Келсо, кој го осмислил начинот на кој вработените можат да ја откупат компанијата за која работат, а потоа и лобирал кај политичари и други влијателни луѓе за да биде усвоен.
Забележувајќи дека сосема мал број луѓе имаат капитал, а останатите заработуваат само од платата што ја добиваат за својот труд, Келсо создал иновативен механизам базиран на користење на идниот труд на работниците за финансирање на откупот на компаниите. Меѓу другото, станувањето сопственици и искористувањето на придобивките што произлегуваат од сопственоста е основано, бидејќи вработените се тие што придонеле кон успехот на фирмата во минатото и тие што ќе продолжат да ја градат нејзината иднина.
Ги намалува нееднаквостите и зачувува населението во руралните средини
Моделот носи многу други позитивни ефекти како што се: зголемување на одржливоста на животната средина преку усогласување на интересите меѓу сопствениците на претпријатијата и локалната заедница, намалување на отселувањето од руралните средини преку обезбедување вработување во регионот, намалување на економската нееднаквост поради двоен прилив – преку сопствеништво и плата, зголемување на продуктивноста, поголема отпорност за време на кризи, подолго задржување на вработените на работното место, како и чувство на припадност во организацијата и воведување подемократска структура на работното место.
Работниците ѝ дадоа втор живот на фабриката „Пириноли“ од Италија
Италијанската фабрика за хартија „Пириноли“ е пример за пораст по надминување на деловна криза, откако главната улога ја имаат вработените.
На почетокот на 2000 година оваа компанија беше меѓу најдобрите десет европски производители на обложен картон за картонски кутии од рециклирани влакна, со производство од повеќе од 100.000 тони годишно. Но, во наредните години зголемувањето на трошоците и промените во условите на пазарот предизвикаа сериозна финансиска криза. Во 2012 година е прогласен банкрот. Запрени се производствените линии и 160 работници се прогласени за технолошки вишок.
Откако пропаднал обидот да се најдат нови инвеститори, во 2013 година 74 работници, кои во меѓувреме почнаа да ја управуваат фабриката – решија да ја преземат (иднината на) компанијата. Ѝ дадоа втор живот. Тие почнаа правна постапка за пренесување на компанијата, преку законот Маркора за поддршка на соработката и со синдикатите Cisl и Cgil, Cooperazione Finanza Impresa и Coopfond како финансиери.
Како резултат на тоа во 2015 година беше основана новата Cartiera Pirinoli Società Cooperativa со 74 партнери-работници. Истата година задругата купи машини по пат на аукција и ги изнајми бараките на производствената локација. Со овој потег, задругата продолжи со производството, повторно се поврза со старите корисници и повторно ја активира една од двете производствени линии што работеа пред банкротот.
Во Италија пренесувањето на претпријатијата најчесто се врши преку задруги. Италијанскиот систем на задруги е добро организиран, игра важна улога во економијата и зафаќа осум отсто од националниот БДП.
Преносот на капиталот, во овој пример, бил завршен брзо и со целосна синергија меѓу вклучените актери, што е исклучително важно за компанијата да не ги загуби пазарот и корисниците.
Сега, задругата е присутна не само на италијанскиот пазар, туку и на сите европски пазари
(Авторката е маркетинг-менаџер при Институтот за економска демократија во Љубљана)
[/ihc-hide-content]