Стипендии за eвропската едукативна програма „Ековештини за зелена економија“

Институтот за истражување во областите животна средина, енергетика и градежништво, ИЕГЕ, основан од Градежниот институт Македонија (ГИМ), објави повик за доделување стипендии за учество во професионална европска едукативна програма за развивање ековештини за зелена економија.
Оваа програма овозможува надградба на екознаењата и личен и професионален развој на учесниците, а целта е создавање конкурентни кадри, кои преку својот професионален развој ќе придонесат за поголема одржливост на организацијата и на општеството.
Учесниците на програмата е предвидено да се здобијат со соодветни ековештини, а програмата е приспособена за кандидати што веќе имаат основно искуство во областа на одржливоста, отпадот и на енергетската ефикасност.
ИЕГЕ доделува 20 целосни стипендии за заинтересирани кандидати што ќе имаат можност да учествуваат во интерактивна настава водена од искусни професори со примена на иновативна практика и на современи алатки.
Програмата се состои од предметите одржлив живот и зелени вештини, управување отпад и управување енергија.
Секој предмет ќе биде реализиран комбинирано со е-учење, теренски активности и во училница. Програмата ќе се спроведува на македонски јазик, во септември 2020 година, со спроведување посебни мерки за заштита од ковид-19.