Лице в лице тема, Магазин

Антибиотиците и нивната употреба во прецизната медицина

Меѓу најважните аспекти за едно општество се иницијативите и ресурсите што ги насочува државата за медицински истражувања и технолошки напредок во науката и во медицината. Ако недостига поддршка на овој сегмент, многу од услугите ќе бидат приватни, достапни само за одредена група граѓани. Во држави со слаба економија и со сиромашен социјален систем, жално е што граѓаните не можат да си дозволат дијагностика и грижа, која е веќе достапна, а која ја овозможува најновата технологија. 

Менување на улогата на примена на медицината

Билјана Мојсоска

Преку спроведување на новитетите од светот на дијагностиката и научните истражувања, концептот на персонализирана медицина (ПМ) има улога да го промени начинот на нејзина примена.

ПМ се базира на целно дијагностицирање одредени заболувања, кои се конкретни за пациентите, и на тој начин се постигнува поспецијализиран третман. Вака се подобрува и самото користење медикаменти, кои нема да се даваат на генерална основа. Споделувам пример од микробиологијата.
Во повеќе држави сè уште се применуваат тестови што за кратко време можат да кажат дали пациентот има вирусна или бактериска инфекција. Без антибиограмски и поспецифични тестирања, се даваат антибиотици со широк спектар и пациентот се третира седум до десет дена. Ако по третманот, пациентот сè уште има знаци на инфекција што не се елиминирала комплетно, тогаш во многу случаи се менува антибиотикот и приказната продолжува.

Со овој, конвенционален пристап, безвредно се потрошиле ресурси на антибиотици, а здравствената состојба на пациентот не се подобрила. Причината може да биде дека пациентот е инфициран со бактерија што е резистентна на овој антибиотик или, пак, антибиотикот не е активен на тој вид бактерија.  Со сè поголемата (зло)употреба на антибиотици, имаме сè поголем број резистентни бактерии.

Употребувајќи овде ПМ, примерокот на овој пациент би се третирал поинаку. Би се користела соодветна дијагностика, која е во состојба да открие кој специфичен вид бактерија е присутен и е причинител на инфекцијата, заедно со антибиограми што треба соодветно да се ажурираат за да се следи најнова информација, како и со тестови што ќе определат ниво на резистенција на одредени антибиотици. Така, уште од самиот старт пациентот ќе може да ја прими соодветната терапија, која  гарантира поголем степен на елиминирање на патогенот.

Намалена употреба на антибиотици – зголемен квалитет на терапија

Пациентите со цистична фиброза во текот на целиот живот се склони на бактериски инфекции, особено на дишните патишта. Во Данска, при Клиниката за микробиологија, во делот за цистична фиброза се применува персонализирана медицина, каде што се следи и генетскиот вид на бактериите за да се одреди уште посоодветен третман за пациентите. Со тоа не само што се намалува несоодветното користење антибиотици, туку и се зголемува квалитетот на терапијата и се намалува интензитетот на пациенти.  Кај овие пациенти е присутна бактерија, која ако не се третира соодветно, го намалува квалитетот на живот. Со помош на соодветна дијагностика преку геномско секвенцирање и тестирање на надворешните својства на оваа бактерија, пациентите добиваат соодветна терапија, која не е иста за секој пациент. Традиционалниот начин на дијагностика зема два-три дена, а секвенцирањето на бактериите во примерок од пациентот се одвива многу побрзо, нецел еден ден во лабораторија за дијагностика, која има соодветна технологија за вакви тестови. Секвенцирањето, во комбинација со научните истражувања на фактори што се важни при идентификација на инфекцијата, би помогнале за уште поуспешен персонализиран третман за пациентот.

Детално знаење за типот на инфекција (вирусна или бактериска), видот на резистенција врз традиционални антибиотици, би определиле поконкретна терапија, и ако овој начин на дијагностика се примени во едно општество, ќе се подобри целиот процес на менаџирање на инфективните заболувања и при овој процес би се заштедиле многу важни ресурси, парични, временски и, секако, животот на многу пациенти. 

Дијагностиката не е евтина инфраструктура и е потребна висока почетна инвестиција. Токму дијагностиката во иднина ќе има големо влијание врз медицинската практика, со тоа што ќе доведе до напредок во начинот на кој се третираат пациентите и со тоа ќе придонесе до едно задоволно општество и подобро менаџирање на инфективните болести.

 
(Авторката е доцент и истражувачка на Универзитетот во Роскилд во Данска)

Напишете коментар