Микробилки – суперхрана на иднината!
Расте интересот за оваа здрава храна, која има неоспорно влијание врз подобрување на имунитетот на човекот. Науката вели дека човекот може да ја исполни дневната препорачана доза на витамин Це ако внесе само 41 грам црвена микрозелка
Мало, а моќно. Ова е првата асоцијација за микрозеленчукот, чиешто одгледување станува сѐ поголем тренд во светот. И со причина. Истражувањата велат дека неговите хранливи состојки се четири до 40 пати поголеми од култивираните растителни видови.
Оваа суперхрана кај нас си најде простор и на еден охридски прозорец од дневна соба, поточно на неговата рамка осветлена од сонцето. Не како самоникната, туку негувана со огромна љубов и посветеност од Сања Бачевски, инженерка по хортикултура.
Производството на микробилки е целосно органски процес, без примена на какви било хемиски материи. Тоа, всушност, било и клучниот фактор зошто Сања почнала да ги одгледува. Подоцна, микроградинарството се поширило и на домашен пластеник од неколку квадрати. Па така, сега произведува спанаќ, грашок, сончоглед, јапонска ‘рдоква, пченка… Земјата што ја користи е органски компост.
Избор за сите возрасни групи
Приказната за микробилките почнала со приказната за мајчинството. Едното било поттик и за другото.
– Кога станав мајка, почнав многу повеќе да се интересирам за здравата храна. Како и секој родител, сакав на своето дете да му го овозможам најдоброто. Тогаш живеевме на село, па можевме и сами да произведеме сѐ што јадевме. Меѓутоа, кога се преселивме во Охрид, немав простор каде би можела да ја произведувам својата храна. Одново почнав со истражување и така дојдов до микробилките. За мене, како инженер по хортикултура со долгогодишно искуство, не беше никаков проблем да ги одгледувам. Сѐ почна на прозорската рамка во дневната соба, каде што има доволно светлина за раст и за развој на билките. Кога испробав неколку различни видови, направивме мал пластеник во кој, вертикално, на полици, почнавме да произведуваме микробилки. Сега одгледувам десетина различни видови микробилки – открива Бачевски.
Микрорастенијата се одличен избор во исхраната за сите возрасни групи. Потрошувачите низ светот стануваат сѐ позаинтересирани за оваа суперхрана поради нејзиното влијание врз подобрување на имунитетот на човекот. Особено во време кога динамиката на живеење не дозволува здрава исхрана во континуитет. Научните податоци велат дека човекот може да ја исполни дневната препорачана доза на витамин Це ако внесе само 41 грам црвена микрозелка.
– Да, студиите покажуваат дека микрорастенијата се полни со хранливи материи, како што се витамините Це, Е и Ка, лутеин и бета-каротен. Интересно е што микробилката содржи и до 40 пати повеќе хранливи состојки од истите големи билки. Најголема здравствена придобивка од нив е што опфаќаат високо ниво на сулфорофан, состојка што го спречува растот на клетките на ракот, а, исто така, познато е и дека се богати со минерали и со антиоксиданси. Микробилките спречуваат хронични болести, намалуваат холестерол, поради нискиот процент на јаглехидрати помагаат и во контрола на тежината, го намалуваат крвниот притисок и се сметаат за пробиотик што ги храни добрите бактерии во цревата – објаснува Сања.
Не може секој зеленчук да биде микробилка
Вообичаено, микробилките се берат во првата фаза од развојот, кога се развиваат првите два листа, пред да се појават вистинските листови. Луѓето често ги мешаат ‘ртулците и микробилките, но постои голема разлика меѓу нив.
– Микробилките, за разлика од ‘ртулците се произведуваат во земја и се користат само надземните делови од билките. Се произведуваат на светло, што е многу важно за фотосинтезата, која создава хемиска енергија потребна за раст на билката, го зголемува нејзиниот вкус, и затоа силата на микробилките се крие во листовите – вели Бачевски.
Истражувачите и нутриционистите се единствени во ставот дека микрозеленчукот е вистинска нутритивна бомба, особено ако се спореди со конвенционалниот зеленчук, кој често е термички обработен, при што се губат хранливите материи.
Но, Сања посочува дека не може секој зеленчук да се јаде како микробилка.
– Поради токсичните материи, доматот и компирот не се одгледуваат како микробилка. И начинот на консумирање на микрорастенијата може да биде разновиден. Најчесто се додаваат во салати, во сендвичи, а одлични се и како прилог на месо. Со нивна помош се збогатува и вкусот на сосови, супи, а може да се консумираат и самостојно. Секој од нас може да пронајде примена според своите потреби во исхраната. Поради своите карактеристики, микробилките може да се сметаат за храна што има огромен потенцијал. Тоа е храна на иднината – нагласува Бачевски, која на ваков начин го почна малиот семеен бизнис „Sanja’s microgreens“, каде што преку интернет може да се нарачаат нејзините микробилки.
Инаку, микрозеленчукот, освен во кујните на светски познатите ресторани, сѐ почесто е применлив и кај нас, на домашните трпези. Станува наша реалност и како вкус и содржина, по избор и како декорација.
Чорба од цвекло
Потребни состојки:
– цвекло
– 1 главица лук
– 1 главица кромид
– 1 парче корен од целер
– неколку моркови
– неутрална павлака
– микробилки по вкус
– сол и црн пипер
Постапка за подготовка:
Цвеклото, лукот, кромидот, целерот и морковот испечете ги во рерна. Кога е испечен зеленчукот, излупете го цвеклото и сѐ ставете во блендер. Потоа, префрлете ја смесата во длабок сад, налејте вода до саканата густина и оставете да зоврие. Посолете и додајте малку црн пипер. На крај, ставете малку неутрална павлака за да добиете вкус на крем. Можете и да ја одбегнете, ако не ја користите. Пријатно, вкусно!
[/ihc-hide-content]