Неделата на продавачи на уличен печат одбележана со ракометари, твитерџии и со инстаграмџии
Продадени 1.100 списанија, вклучени осум ракометни клуба од машката Суперлига, тројца од заедницата на „Твитер“ што продаваа „Лице в лице“ како поддршка на продавачите и еден куп читатели на „Лице в лице“, е епилогот од одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат, која се случуваше првата недела од февруари, во Скопје, Струга, Битола, Охрид и во Прилеп.
Акцијата се одвиваше под слоганот „Биди фит – вежбај го умот“, а читателите на „Лице в лице“ имаа можност да го купат списанието, да се фотографираат со ракометарите и да добијат автограм. Дел од продавачите за првпат добиваат поддршка од популарни лица, а дел од нив со оваа акција се заинтересираа за ракометот како спорт.
– Никогаш не сум имал искуство како ова, да продавам списанија со автограм и да им нудам на купувачите да се фотографираат со нас. Убаво ми беше да се дружам со ѕвезда како Дисингер – сподели Тунан Садик.
Ракометарите, пак, споделуваа дека не е едноставно да се продава улично списание, особено во услови на пандемија. Тие ги повикаа продавачите на „Лице в лице“, кога ќе се обезбедат услови, да бидат на трибините и да ги поддржат спортистите навивајќи за нив.
Поддршката од заедницата на „Твитер“, пак, дојде и од @ashe_wdc @Vlatko_Werder и @jburgundi, кои им го разубавија денот на Валентин, Самир и на Мехмед нудејќи го заедно со нив „Лице в лице“ во Градскиот парк во Скопје.
Настаните беа одржани со вклучување на продавачите од Дневен центар за деца на улица од Скопје, „Порака нова“ од Струга и МКЦ од Битола.
Акцијата ја поддржаа: Кристијан Дисингер (Вардар), Ненад Костески, Дејан Кукуловски и Матео Мараш (Еурофарм Пелистер), Мартин Серафимов, Златко Хорват и Момир Рниќ (Металург), Михајло Младеновиќ и Никола Даниловски (Охрид), Горан Печенковски, Бојан Спасовски и Јовица Младеновски (Бутел Скопје), Дејан Пецаковски и Михаил Аларов (Пролет), Никола Цветановски, Петар Марковски и Вук Лакичевиќ (Струга), Хари Павлов, Христи Биковски и Хазеин Рустамов (Прилеп).
Поддршка стигна и од инфлуенсерките на „Инстаграм“ Сања Ристиќ и Миа Костова.
За првпат оваа година, поради пандемијата, Меѓународната недела на продавачи на уличен печат немаше официјален глобален предзнак, туку се одбележуваше по иницијатива на уличните списанија, членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов.
Нашата земја овој настан, кој ја слави работата на продавачите, го одбележа по деветти пат, притоа почитувајќи ги сите протоколи на заштита. Граѓаните што ги пропуштија овие дружења, може да си обезбедат списание преку дигиталната платформа станувајќи дел од заедницата на „Лице в лице“.