Подобро општество се гради преку партнерства
Ништо по пандемијата на ковид-19 нема да биде исто – годинава ја заокружуваме со екстремна сиромаштија кај околу 150 милиони луѓе на глобално ниво, па затоа тенденцијата е реосмислување на капитализмот, но и реосмислување на општествените системи, кои мора да се развиваат во насока да се соочат со последиците од претходните технолошки револуции што создадоа длабока нееднаквост и штета за животната средина. А, во исто време, општествените системи треба да обезбедат соодветни одговори на тековната криза и транзиција кон новата улога на бизнис-секторот во создавањето одржлива економија.
Во согласност со ова, целта и на петтата револуција е воспоставување нова, генеративна симбиоза меѓу развојот на човештвото и поширокиот еколошки и економски систем. А новиот општествен систем, според аналитичарите, ја налага потребата од инвестиции во развој на луѓето, но истовремено и во развојот на еден поширок систем за поддршка, како нови форми на економска и на индустриска политика, кои се водени од општествени мисии.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Во новиот посакуван општествен систем развојот зависи од капацитетот да се поттикнува соработка и градење врски, партнерства, градење пристап што ќе ја вклучува заедницата. Во него индивидуалецот е важен, но место натпреварувачки настроен и пресметлив човек имаме поврзани луѓе што работат заедно и учат од задоволството при работењето. Во исто време, работниците учествуваат во создавањето нова практика и примери, развивањето е преку практика.
Наследениот општествен систем е дизајниран и функционира хиерархиски, вертикално и со централизирани организации. Меѓутоа, ваквата поставеност се покажа како несоодветна и нефлексибилна во време на кризи. Институциите што можат да го поддржат општествениот развој се отворени, вмрежени и хоризонтални, тие не се инволвирани во директно давање услуги, туку во создавање средина што ги овозможува тие услуги.
Затоа, како што и предвидува 17. цел за одржлив развој на ОН, неопходни ни се инклузивни партнерства, на глобално, регионално, национално и на локално ниво, кои ќе се темелат на цврсти вредности и принципи, врз заедничка визија и цели, кои во фокус ги ставаат луѓето и планетата. Пандемијата ни покажа колку како луѓе може да сме кревки и ранливи, но, во исто време, ја стави на тест и нашата моќ и способност, колку сме подготвени рационално да го движиме кормилото кон ден во кој еднаквите можности за сите ќе бидат реалност.
Градењето ефективни партнерства, особено меѓусекторски, бара нов начин на мислење и вештини на страната на индивидуалците и нови капацитети и иницијативи на страната на институциите. Овој процес бара стрпливост, упорност и долгорочна посветеност во ерата на брзи технолошки промени и притисок за краткорочни резултати врз компаниите и политичките лидерства. И ништо од ова не е лесно, се вели во резимето на извештајот на Харвардската бизнис-школа, насловен „Партнерства за одржлив развој“.
Но, од друга страна, тоа е есенцијално доколку сакаме да постигнеме напредок во мобилизирањето на ресурсите и на капацитетите потребни за постигнување на целите за одржлив развој.
И нашата заложба, преку „Лице в лице“, како платформа за одржлив развој, е да ја подгинеме свеста за ова прашање и заедно, партнерски, со вас, како читатели, граѓани, претставници на организации, компании и институции, да бидеме активни актери во кокреирањето одржлив општествен систем на 21 век. Систем во кој, заедно, ќе развиваме иновативни решенија, кои ќе нѐ доближуваат едни до други. Ова е предизвикувачко време и за лидерите. Нивната улога, пак, во градењето чувство за заедничка цел, е неприкосновена. А сите ние, во рамки на своето поле на дејствување, може да бидеме лидери што проектираат и иницираат промени.
Да не заборавиме, само, со нас, во 2022 година, да ги понесеме емпатијата, солидарноста, желбата за заедништво и инклузија.
[/ihc-hide-content]