Со секој здив сме поблиску до заболување!
ДОКОЛКУ ЗЕМЈАВА САКА НАСКОРО ДА СЕ ПРИКЛУЧИ НА ЕВРОПСКОТО СЕМЕЈСТВО, ЌЕ МОРА ДА НАЈДЕ НАЧИН ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО
„Пред пет години имав нормална бременост. Родив здраво момче. Но, во изминатите две години, двата обида нашето семејство да се прошири за уште еден член завршија неуспешно, и тоа на идентичен начин. Со запирање на срцевата акција на плодот во деветтата недела. Испитувањата покажаа не толку сериозни проблеми со крвта, кои, очигледно, не биле опасност при првата бременост.
Сега нешто е сменето. Изминатите четири-пет години нешто се променило во атмосферата. Надворешниот фактор, меѓукој и загадувањето, се променил, па го активирал овој навидум не толку сериозен здравствен проблем. Тоа беше одговорот што го добив од повеќето лекари. Здравствениот проблем, кој се наследува генетски, го ималe и мојата мајка, мојата баба, но за него воопшто не биле свесни бидејќи никогаш не им го загрозил животот. Сега, јас се чувствувам како темпирана
бомба, која ненадејно може да ја активира загадувањето“.
Ова е болното искуство на нашата соговорничка, 32-годишна скопјанка. Таа вели дека стапила во контакт со голем број жени, на кои докторите, исто така, им го посочиле загадувањето како можен причинител на спонтаните абортуси.
Децата се први на удар на загадувањето
Лекарот и еколошки активист Ненад Коциќобјаснува дека загадувањето може да биде погубно за трудниците.
– Влијанието на загадувањето на животната средина врз зголемувањето на бројот на спонтани абортуси е медицински докажано, но и многу логично. Многу штетни материи се таложат во плацентата на бремената жена, по што доаѓа до нејзино оштетување и до абортирање на плодот. Заедно со децата и возрасните луѓе, бремените жени се најчувствителната група во заедницата. Плодот што го носат е во постојан развој и штетните агенси од околината најсилно се чувствуваат токму кај неродените деца, со абортус или конгенитални малформации – вели д-р Коциќ.
Според надлежните, загревањето е најголемиот загадувач
Алармот за енормното загадување во земјава е вклучен веќе неколку години, односно уште кога Скопје, Битола и Тетово се најдоа на листата на десетте најзагадени градови во светот. Според сите студии на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) загревањето на домаќинствата и на јавните објекти е најголемиот загадувач, а истото тврдење е наведено и во владината „Програма за намалување на аерозагадувањето“.
„Сите анализи и наоди спроведени досега укажуваат дека греењето е најголемиот
загадувач на воздухот и во Скопската Котлина. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт во рамките на твининг-проектот со МЖСПП каде што е пресметано дека дури 90 проценти од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво)“, се наведува во владината програма.
Оттаму додаваат дека, покрај греењето, и изворите на загадувањето од другите
сектори воопшто не се за занемарување и за потценување.
„Отпадот и дивите депонии, како и нивното палење, потоа индустриските капацитети, градежната експанзија и непочитувањето на правилата за градење, многубројните неуредени површини од кои се крева прав, како и сообраќајот ја надополнуваат комплексноста на предизвикот и ги диверзификуваат причините за загадувањето и го отежнуваат процесот за негово решавање“, велат од владата.
Според информации на организацијата „Екогерила“ од Тетово, кои истражувале во Полошкиот регион, 32 јавни институции што се греат на мазут загадуваат колку 6.000 домаќинства. Заменик-министерот за животна средина и за просторно планирање Јани Макрадули изјавува дека постојат четири различни студии за загадувањето, кои укажуваат дека во Скопскиот регион, во Битола и во Тетово најголем извор на загадување е домашното затоплување.
Ако затоплувањето е најголем проблем, можете да имате затоплувањешто не загадува – струја, гас или да се приклучите на парно. Сите директиви на ЕУ, се во тој правец – посебен план за приклучување на парно, стимулирање субвенции за инвертори. Не постои механизам да го земете воздухот и да го однесете некаде и затоа овој план е добар зашто тоа е единствената мерка да се соочите со изворите на загадување – вели Макрадули.
За екоактивистите главниот виновник е индустријата
Еколошките активисти, пак, главниот виновник за загадувањето го гледаат во индустриските капацитети, фабриките, кои работат без соодветни филтри, депониите, но и сомнежите за увоз на странски отпад, кој, наводно, нелегално се уништува во земјава.
И додека сите си ја префрлаат топката на одговорност, болниците се преполни со пациенти.
Загадениот воздух се состои од повеќе различни органски и од неоргански честички. Дел од нив се ПМ честичките, ги викаме ПМ 10 бидејќи се десет микрометри во дијаметар и се во најголем број. Има честички што се од два и пол до пет микрометри со средна големина и има помали од еден микрометар, кои доаѓаат до најмалите дишни патишта т.н. алвеоли. Тие се штетни и предизвикуваат карцином на белите дробови. Покрупните честички, главно, се задржуваат во носот и на слузокожата од очите, како и во бронхијалното стебло и кај здрави испитаници.
– Не може да го исклучиме влијанието на аерозагадувачите за карциномот на бели дробови, но има и други причини. Но, тоа што можам да го кажам е дека кај ваквите пациенти, ПМ честичките, кои се многу мали, се депонираат најдлабоко во дишните патишта, а може и во алвеолите и за нив постојат студии дека можат да бидат еден од факторите за карцином – вели д-р Дејан Докиќ, директорот на Клиника за пулмологија.
Докторот Докиќ појаснува дека најподложни на загадувањето се децата, повозрасните и пациентите со хронични заболувања.
– Аерозагадувањето е причина, особено ПМ честичките, за влошување на состојбата кај пациенти со хронични респираторни болести, како што се астма, пневмонија, хронична опструктивна белодробна болест, горнореспираторни инфекции, настинки, кардиолошки заболувања, кардио-пулмонални проблеми, инфаркт, кардиомиопатии… Аерозагадувањето, освен што кај здравите луѓе прави некое лесно воспаление и, можеби, предизвикува некои симптоми, дефинитивно ја влошува состојбата кај пациенти со хронични заболувања, а се влошуваат и алергиите. Се смета дека аерозагадувачите влијаат и на самите алергени така што ја нагласуваат нивната агресивност, односно алергеност врз човекот и затоа и ги влошуваат симптомите кај овие пациенти – вели Докиќ.
Стапката на смртност е највисока во зима
Проблемот со загадувањето е стар веќе неколку години, но во 2016 година, кога се појавија шпекулациите за увоз на странски отпад за уништување, пратеникот Реџеп Мемеди, по професија лекар, изјави дека како последица на перманентното загадување на воздухот, водата и на почвата, се загрозува животот на повеќе од 7.000 жители на општина Батинце, најблиското населено место до скопската депонија „Дрисла“.
– Можам да потврдам и да посведочам дека има зголемување на респираторните заболувања кај овие жители – велеше Мемеди за медиумите.
Докторот Мемеди и сега изјавува дека ситуацијата не е сменета.
– Трендот на заболени продолжува. За жал, моите тогашни сомневања се покажаа како точни – ни изјави Мемеди.
Градоначалникот на Студеничани, Азем Садику, пак, вели дека тој не е информиран за ваквите алармантни податоци.
Истражувањето на Институтот за јавно здравје, спроведено во рамките на твининг-проектот поддржан од Европската унија за натамошно засилување на капацитетите за ефективно спроведување на законодавството на ЕУ во областа на квалитетот на воздухот, покажува дека три групи болести во земјава се во директна корелација со постојаното присуство на високите концентрации на ПМ 2,5 честичките во воздухот.
„Од 30 до 35 отсто од болестите се јавуваат како последица од аерозагадувањето. Нашите податоци покажуваат дека стапката на смртност е највисока во зимскиот период, кога, всушност, се највисоки и концентрациите на штетни материи во воздухот. Сите овие години, во просек, годишно се губат по околу 1.300 животи поради аерозагадувањето. Во однос на болестите што се во директна корелација со загадувањето, станува збор за три големи групи заболувања, и тоа: исхемична болест на срцето, мозочен удар и рак на белите дробови. Овие болести, кои се последица од аерозагадувањето, се водечка причина за смрт на подрачјето на Македонија“, се наведува во истражувањето.
Докторот и активист Коциќ објаснува и дека е потребна континуирана акција од сите инволвирани страни за намалување на загадувањето.
– Потребно е 24-часовно следење на работата на фабриките, контрола на греењена домаќинската и редукција на сообраќајот. Борбата за чист воздух е долготрајна и не може да се реши со волшебно стапче, но треба да се вклучат сите и граѓаните и индустријата и институциите за да биде ефикасна – вели Коциќ.
Дури 70 отсто од срцевите заболувања се препишуваат на загадениот воздух.
Дека со секој земен здив не го вкусуваме животот, туку сме поблиску до некое
заболување, констатирала и д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје.
Нејзината докторска дисертација „Примена на методите за проценка на ризик во услови на високо урбано аерозагадување во РМ” покажува дека годишно, во просек, 1.205 лица во Скопје и 265 во Тетово умираат како последица на загадениот воздух. На овие лица животниот век, во просек, им бил скратен за 25 години.За 40 проценти од луѓето што заболеле и што починале од рак на бели дробови причината било токму аерозагадувањето.
Но, штетните ПМ 10 и ПМ 2,5 честички не ги напаѓаат само дишните патишта.
Дури 70 отсто од срцевите заболувања се припишуваат на загадениот воздух, а константната изложеност на штетните честички пропорционално го зголемува и ризикот од мозочни удари.
– Не се афектирани само респираторните органи, афектирани се крвните садови на срцето, крвните садови на мозокот, така што мозочниот удар е најчест здравствен резултат што го среќаваме во услови на ваква долготрајна изложеност.
Во однос на карциномот, дури 40 проценти од тие што заболеле и починале од карцином на бели дробови може да се припишат на аерозагадувањето– вели Димовска.
Пресметките велат, доколку сите лица што починале од канцер на белите дробови биле изложени на само 25 микрограми штетни честички, колку што е и европскиот просек, тогаш би зачувале 4.000 години здрав живот, а тие, пак, со болести на срцето би проживееле уште 28.000 години здрав живот.
– Пресметавме дека 50 до 60 проценти од болестите, односно од смртноста што се припишува на аерозагадувањето, може да се намалат ако се постигнат граничните вредности на Европската унија – додава Димовска.
Таа појаснува и дека истражувањето е правено врз податоци од 2012 година до 2017 година, а веќе се подготвува и за ново, но, како што вели, за жал, потрагата
по статистички податоци оди многу бавно.
Да се менуваат навиките и размислувањето дека друг е виновен
Во текот на зимава речиси нема мерни станици што го мерат квалитетот на воздухот, а да не покажале зголемени вредност повеќе од дозволените 50 микрограми штетни честички.
На 21 јануари, во Гостивар беше измерена рекордна загаденост на воздухот, неверојатни 983 µg/m3. Покрај шокантната вредност, за споменување е и фактот дека штетните честички почнале да растат во два часот по полноќ, а некаде во утринските часови, пред разденување, се намалиле.
Ако се следи логиката на податоците на МЖСПП, дека домаќинствата се најголем загадувач, тоа би значело дека сите гостиварци станале во два часот по полноќ и ги запалиле своите ќумбиња. Сепак, сомнежите на жителите на овој град се дека токму ноќта, кога речиси сите се во длабок сон, се „разработила“ некоја фабрика,
или бил запален отпад.
И додека надлежните креваат рамена и не се осмелуваат да ги лоцираат
главните загадувачи, стручњаците од странство апелираат дека за да се победи загадувањето, покрај контролата на отпадот и неговото управување, треба да се менуваат и навиките на луѓето, менталитетот, размислувањата дека некој друг е виновен, да се надминат предрасудите дека велосипеди возат само посиромашните граѓани и слично.
За да се сведе на минимум загадувањето на воздухот, во Финска сите имале
активно учество, а владата презела најстроги мерки. Една од тие мерки
била исфрлање од употреба на старите возила.
Во Ирска, пак, по забраната за пушење во затворени простории, се пресметало дека процентот на смртност од индиректно пушење паднал за 13 проценти кај целото население, а срцевите удари се намалиле за 26 отсто.
Во 1996 година, за време на Олимписките игри во Атланта, кога поголем дел од градот 17 дена бил затворен за сообраќај, процентот на деца што посетиле болница поради астма паднал за 40 проценти. Голем пад на болестите и на срцевите удари бил забележан и во Пекинг, кога на два месеца пред почетокот на Олимписките игри биле затворени голем број фабрики и бил ограничен сообраќајот.
ЕУ нема толеранција за загадувачите
Доколку земјава сака наскоро да му се приклучи на европското семејство, ќе мора да најде начин за намалување на загадувањето. Европската комисија во мај 2018 година покажа дека не е толерантна кон загадувачите. По десет години предупредувања, реши да поднесе пријава против шест членки на унијата, меѓу кои беа Германија и Франција, поради непочитувањето на регулативите за загадување на воздухот, а по нив следуваше Шпанија.
На Бугарија, која е веќе осудена за непочитување на регулативата за дозволената количина на честички во воздухот, овој пат ѝ се забележува пречекорувањето на граничните вредности на сулфурен диоксид, кој потекнува од согорување фосилно гориво.
Европската комисија ги предупреди и Хрватска и Романија поради „систематско непочитување“ на следење на загадувањето на воздухот, додека Грција е повикана да ја подобри заштитата на своите граѓани од емисиите на гасовите од индустријата.
Користете маска и антиоксиданси
Лекарите препорачуваат граѓаните да користат маски со ХЕПА филтер, кој не ги пропушта канцерогените ПМ честички 10. Маските треба да се со сертификат за користење во услови на висока загаденост на воздухот. Ваквите маски мора да носат една од следниве ознаки:
N95 — Маски што филтрираат до 95 проценти од честичките во воздухот. Не се отпорни на нафтени гасови.
N99 — Маски што филтрираат до 99 проценти од честичките во воздухот. Не се отпорни на нафтени гасови.
N100— Маски што филтрираат до 99,97 проценти од честичките во воздухот. Не се отпорни на нафтени гасови.
R95 — Маски што филтрираат до 95 проценти од честичките во воздухот. Делумно се отпорни на нафтени гасови.
P95 — Маски што филтрираат до 95 проценти од честичките во воздухот.
Отпорни се на нафтени гасови.
P99 — Маски што филтрираат до 99 проценти од честичките во воздухот. Отпорни се на нафтени гасови.
P100 — Маски што филтрираат до 99,97 проценти од честичките во воздухот. Отпорни се на нафтени гасови.
Исто така, препорачуваат и да се земаат антиоксиданси. Во оваа група влегуваат витамин Ц, витамин Е, препарати како германиум 132.
Повеќе од 430.000 луѓе во ЕУ годишно умираат предвреме од загадениот воздух
Загадениот воздух е невидлив убиец во Европа. Секоја година во ЕУ повеќе од 430.000 луѓе умираат предвреме како резултат на дишење загаден воздух. ЕЕБ работи да обезбеди европските закони насекаде да го подобрат квалитетот на воздухот заштитувајќи ги луѓето и екосистемите од опасностите од загадувањето на воздухот.
Загадувачите сè уште ги надминуваат стандардите на ЕУ
Според Европската агенција за животна средина, загадувањето на воздухот е тешко да се избегне, без оглед каде живеете. Тоа може сериозно да влијае на вашето здравје и околината. И покрај тоа што квалитетот на воздухот во Европа се подобри во последните децении, нивото на загадувачи на воздухот сè уште ги надминува стандардите на ЕУ и најстрогите упатства на Светската здравствена организација.