Ретро или њутајмер тинејџер? Во која група си ти? Во која и да си, знај дека љубовта е олдтајмерска. Постои отсекогаш и ќе постои засекогаш, те уверува Венко Андоновски
8 септември
Веќе губам волја. Седум дена бев мирна, а сега пак почна. Денес не беше онакво од куче, беше една мува. Професорката Јовиќ предаваше за Илијада и Одисеја на Хомер, говореше за тоа дека старогрчките јунаци ги краселе витешка чест и достоинство. И само што рече „достоинство“, низ прозорецот влезе таа. Гадот, мувата. Ај погодете на кого застана? На мене. На мојот нос.
Откако влезе низ прозорецот, бидејќи брмчеше како да е млазен авион, сите ја следеа со поглед. А кога го избра мојот нос за аеродром, сите љубопитни погледи ги замени кикот. Јас, пак, не знам зошто, иако мувата ме скокоткаше, се правев дека не ја забележувам, па божем заинтересирано гледав во професорката Љиља, која и натаму говореше како ништо да не се случило. Но само јас видов дека и таа виде: крајчињата на усните ѝ трепереа и јас се исплашив дека пак ќе прсне во онаа смеа. Но таа одлично се контролираше. Решив да не се поместувам. Ми се чинеше дека, ако замавнам со раката и ја избркам мувата, на некој начин ќе признаам дека самата сум виновна за тоа што слетала врз мене. Дека ги „исполнувам условите“ да застане врз мене. Дека мирисам непријатно, иако лицето утринава го измив со најубав сапун од кокосов орев. Или дека воопшто не сум ги испрала патиките од минатата седмица, по оној инцидент со кучешкото онакво.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Како и да е, таа постојано се враќаше на мојот нос. Броев: за дваесет и три минути, колку што останаа до крајот на часот, гадинката се врати 14 пати: тоа е, во просек, на 24-25 секунди, што е многу агресивно за една обична мува со чесни, природни, а без некои скриени намери.
Ѕвонеше, часот заврши, а јас намерно се влечкав да останам последна, со класната. Таа, исто така, бавно ги собираше своите работи од катедрата: беше јасно дека и таа сака да остане со мене. Кога останавме сами, таа се засмеа, ама брзо сопре.
„Знаеш ли дека одвај се воздржав“, ми рече и јас забележав дека помина на „ти“ со мене.
„Добро, во што е проблемот со мене, професорке?“ прашав. „Зошто малиот гад ме одбра токму мене?!“
„Затоа што си слатка“, рече. „Штом твоето носе е привлечно за малиот гад, како што велиш, тогаш ќе биде многу, многу привлечно и за некој мал принц“, рече таа. Ја погледнав прашално, а таа рече: „Знаеш, Стела, повеќето луѓе мислат дека гнасите одат на гнасни нешта. Но воопшто не е така: секој гад сака да грабне од тоа што не е тој, од убавото, од тоа што не го заслужува; мувите најчесто се дават во мед“.
Тоа малку ме потсмири, но не го разбрав најдобро следното што го кажа класната: дека е добро што мувата слетала на мојот нос. „Тоа е лекција“, рече. „Лекција за видливоста на несреќата, а невидливоста на среќата“, додаде и продолжи: „Луѓето секогаш ја гледаат несреќата, а никогаш не ја гледаат среќата што ја имаат. А понекогаш им е пред носот, дури и на врвот од носот. Еден ден ќе ти слета и пчела на носот, не мува. Мувата ќе ја сетиш, оти те плука и скокотка, ама пчелата не, зашто е мирна, и без да сетиш ќе пушти капка мед на тоа твое чпртаво носе.“
И јас се сетив дека еднаш и тато ми рече: „Мојата мала Херкула Поаро треба да знае дека решението ѝ е најчесто пред носот и токму затоа не го гледа!“
Класната го зеде дневникот и тргна да излегува. Но пред да излезе, се сврти и ми рече: „Не повторувај ја мојата грешка. Две години се немам насмеано поради еден човек, кој замина очаен во странство зашто не ја препознав неговата љубов. Пет години сум имала пчела на носот, а не сум ја сетила. Да беше мува, гласно ќе се жалев и ќе протестирав, сите ќе знаеја. А вака ми е срам да кажам некому. Само ти знаеш“.Останав во училницата како од гром погодена. Кој ли е тој човек? И како оваа моја прекрасна професорка не ја видела неговата љубов? Зар навистина често се разминуваме со среќата, токму затоа што ни е на носот, а не ја гледаме?
[/ihc-hide-content]