Воведник

Си ги знаеме своите работнички права?

Време на читање: 3 минути
Klimentina Ilijevski Климентина Илијевски

Збо­ру­ва­ме за социјална правда, но не ја живееме. Отвораме прашања за потребите на ра­бот­ни­кот, за намалување на дискриминацијата, ги усогласуваме законите со европските, но со­ци­јал­на­та нееднаквост не се намалува, туку се зголемува.

Гра­ѓа­ни­те на оваа земја немаат исти можности за образование и за вработување, уште се бо­ри­ме со дискриминација во однос на пол, возраст, партиска или етничка припадност, Џи­ни­е­ви­от коефициент ни е 30,7, а 21,6 процент од нашето население не може да си ги задоволи ос­нов­ни­те потреби, 30,1 проценти од работоспособното население имало тешкотии во на­ми­ру­ва­ње на сметките и на другите давачки.

Ако се свртиме глобално, индустрискиот капитализам донесе придобивки за човештвото – ин­ду­стри­ски и технолошки напредок, но и предизвика енормно уништување на животната сре­ди­на и ја зголеми социјалната нееднаквост до невидени размери поради тоа што долгорочната бла­го­со­стој­ба на општеството е ставана многу зад краткорочниот профит на корпорациите и на по­е­дин­ци­те. Низ бројки – осум милијардери се сопственици на богатството на една половина од човештвото, дневно имаме по 12,5 милијарди часови неплатена работа на жени и на де­вој­чи­ња, 800 милиони луѓе се гладни на дневна основа, две милијарди лица не ги добиваат по­треб­ни­те дневни намирници.  

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Истра­жу­ва­ње на испитаници од целиот свет на компанијата „Еделман“, пак, покажува дека 57 про­цен­ти од испитаниците сметаат дека капитализмот каков што е денес предизвикува повеќе ло­шо, отколку добро за светот и дека ни е потребен нов економски систем во кој личниот ин­те­рес се проширува со свесност за целиот екосистем – за доброто на луѓето, за опстанокот на пла­не­та­та, кој сѐ повеќе го доведуваме во прашање. И во тој систем социјалната правда и со­ци­јал­ни­от дијалог се високи приоритети.

Иа­ко и во изминативе стотина години се направени напори за развој на социјалниот дијалог ме­ѓу работниците и работодавците, што имаше свој одек во создавањето похумани услови за ра­бо­та на глобално ниво, сè уште сме далеку од социјалната правда.

Во новата реалност се отвора и прашањето – како концептот на социјална правда и заштита да се артикулира во услови на новата реалност на работните односи – нови, нестандардни форми на работа (работа од дома, на далечина, т.н. работни позиции со слободен договор, работа на ран­ли­ви категории луѓе)?

Во декларацијата за иднината на работата, Меѓународната организација на трудот (МОТ) на­ве­ду­ва дека за да се постигне праведна транзиција мора да се лоцира постојниот и потенцијален јаз во поглед на работните вештини, едукацијата, а обуките да се соодветни на потребите на па­за­рот. Со технологијата работните процеси интензивно и брзо се менуваат така што за­ста­ре­ни­от модел во кој учам, па потоа го применувам  (цел живот) сега се менува во постојано учам и се усовршувам, а особено од моментот кога ќе почнам да работам.

Во контекст на ова, суштински се процесите на преквалификации и на доквалификации за ве­шти­ни на повозрасните работници што ги бара новото време и нивно спокојно дочекување пен­зи­ја, но и новите трендови во кои пензионираните лица остануваат работно активни струч­ња­ци. Со ова се адресира проблемот на неактивното стареење, феномен што директно влијае на емоционалната состојба на пензионираните лица и на нивната активност, а со тоа и на на­ма­лу­ва­ње на јавните трошоци за оваа категорија лица за која „Економист“ вели дека одамна ста­на­ле неодржливи.

По­стиг­ну­ва­ње­то родова еднаквост на работа, како и промовирање на работничките права се сле­ден клучен елемент за постигнување инклузивен и одржлив развој.

Отка­ко слободата работникот да се здружува во синдикати и во други организации ќе стане пра­кти­ка и работа што се подразбира, пред сѐ во однос на законодавството, кое ќе ги поддржи овие процеси, останува предизвикот на негово засилување да истрае во барањето на сопс­тве­ни­те права и сега здружен, да инсистира на доследно спроведување на законите.

Всуш­ност, на врвот на пирамидата на приоритетите е информираноста на работникот за своите пра­ва. Колку поинформирани работници, толку помала можност за манипулација и за зло­у­по­тре­ба.

Мо­же­би ни личи далечно, но практиката во светот покажува дека сѐ повеќе работникот го из­би­ра работодавецот и одбива да работи за тие што не се грижат за работникот, за бла­го­со­стој­ба­та, за животната средина и кои не се солидарни.

Или, како што вели професорот Александар Ристовски од Правниот факултет – ако синдикатите ве­лат дека работодавците мора да бидат солидарни, тоа значи дека треба да споделат дел од про­фи­тот и да ги зголемат платите, а дури 90 отсто од негативните коментари во однос на ра­бо­то­дав­ци­те се однесуваат на работници што не се синдикално организирани.

Со­ци­јал­на­та правда ќе добие артикулиран облик во моментот кога мнозинство работници, а осо­бе­но млади, ќе станат свесни за едноставната вистина. Идејата за социјална правда не е стока или услуга што ја бараме од центрите на моќ, сеедно дали се политички или деловни. Социјална правда е процес во кој освестениот граѓанин, здружен околу синдикатите и другите организирани движења наметнува и инсистира на праведни услови за работа и за битисување.

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар