Доза вести

Поинформирани работници – помала можност за манипулација и злоупотреба

https://licevlice.mk/shop…Отсуство на социјална правда, полека, но, сигурно, го урива општеството. Нејзиното постоење, и постојано унапредување, е предуслов за градење вистинска социјална држава. Неопходно е да разбереме дека егоистичното напредување води кон намалување на општата благосостојба, а порастот на општата ја унапредува, индивидуалната, личната.

Ова е една од главните пораки на најновото, 49. издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, кое од денес е во продажба. Бројот носи бројни аспекти врзани за социјалната правда, видени посебно низ призма на работничките права:

„Економскиот систем што низ разни форми и варијации е доминантен денес во светот – плаче за ремонт. Најважните поправки се однесуваат на централниот механизам, односот врз кој се темели современата економија – работникот, т.е. работата. Како концептот на социјална правда и заштита на правата на работниците да се артикулира во услови на новата реалност на работните односи – нови, нестандардни форми на вработување – работа од дома, на далечина, т.н. фриленсери, работа на ранливи категории луѓе итн.?“, се дел од прашањата што ги отвора „Лице в лице“.

Климентина Илијевски, извршна директорка на Асоцијацијата за истражување,  комуникации и развој „Паблик“ и главна уредничка на „Лице в лице“ вели дека сè уште сме далеку од социјалната правда, иако се направени напори за развој на социјалниот дијалог меѓу работниците и работодавачите.
– Ако се свртиме глобално, индустрискиот капитализам донесе придобивки за човештвото, но и предизвика енормно уништување на животната средина и ја зголеми социјалната нееднаквост до невидени размери поради тоа што долгорочната благосостојба на општеството е ставана далеку зад краткотрочните профити на корпорациите и поединците. Откако слободата на работникот да се здружува во синдикати и други организации ќе стане пракса и работа која се подразбира пред сѐ во однос на легислативата која овие процеси ќе ги поддржи, останува предизвикот на негово зајакнување да истрае во барањето на сопствените права и сега здружен, да инсистира на доследно спроведување на законите. Всушност, на врвот на пирамидата на приоритетите е информираноста на работникот за своите права. Колку поинформирани работници, толку помала можност за манипулација и злоуотреба, вели Илијевски.

Меѓународната организација на трудот (МОТ), партнер на „Лице в лице“ во подготвка на изданието, смета дека постепеното развивање на социјалниот дијалог на релација работодавачи – вработени – држава  е клучно во напорите за постигнување социјална правда, демократија, универзална благосостојба и просперитет.

Декларација на МОТ за иднината на работата наведува дека за да се постигне праведна транзиција кон иднината на работата, мора да се лоцираат постојниот  и потенцијалниот јаз во поглед на работните вештини. Да се обезбеди едукацијата и обуките да бидат соодветни на потребите на пазарот на трудот земајќи ја предвид еволуцијата на работните процеси, како и да се олесни транзицијата од едукација и обука кон работа, со особен акцент на ефективна интеграција на младите луѓе во светот на работата. 

За поготовка на бројот посветен на тема социјална правда, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, одржа и Креативен круг на кој се соочија ставови на различни засегнати страни, носејќи поинаква и побогата визија за иднината на светот на работата и работничките права. Еден од аспектите кои се отворија е и тоа дека во земјава, законската регулатива сѐ уште има недоречености во делот на новите форми на вработување и на работни договори. Регулирањето на нестандардните форми на договори за работа се покажа како посебно потребно во услови на пандемијата на ковид-19, посебно работењето од дома, работењето од далечина, кога, од една страна, треба да се обезбеди заштита на вработените од заболување, а, од друга страна, да се обезбеди процесот на работа.
Изданието ги отвора и прашањата за фриленсерството, за подготовката на новиот закон за работни односи, за улогата на синдикатите, за светот на работа без насилство и вознемирување, и уште многу други поттеми.

Насловната страница на 49. издание е дело на „Контура“.

                                                                                            *****

„Лице в лице“ е улично списание (социјално претпријатие за работна интеграција) кое излегува од септември 2012 година.

Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач на терен или преку неговата веб продавница), или се вложува во инклузивни програми како поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд.

Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој.

Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.

Back to list

Напишете коментар