Лице в лице тема, Магазин

Како до социјална правда додека светот на работата радикално се менува?

Време на читање: 11 минути
Капитализмот плаче за ремонт. Најважните поправки се однесуваат на централниот механизам – работниот однос, или работата. Како концептот на социјална правда и заштита  да се артикулира во услови на новата реалност на работните односи: нови и нестандардни форми на вработување – договори со определено работно време, повремена и привремена работа, сезонската работа, работа на повик, работа преку посредници (преку агенции за привремено вработување)?
- банер -

Пред речиси 250 години (внимавајте, пред 2,5 века!) економистот и филозоф Адам Смит, познат како татко на економијата или татко на капитализмот, го напиша епохалното дело „Богатството на народите“, во кое го опиша раѓањето на новата форма на човечка активност: индустрискиот капитализам. Систем што доведе до акумулација на богатство над границите на сето тоа што Смит и неговите современици можеле да го замислат.
Капитализмот ги поттикна индустриските, технолошките и зелените револуции и ја трансформираше улогата на државата во однос на општеството. Извлече огромен број луѓе од сиромаштија, значително го зголеми животниот стандард, доведе до иновации што невидено ја подобрија човековата благосостојба, овозможи да стапнеме на Месечината и да го читаме токму овој текст на интернет.

Која е другата страна на паричката?

Сите овие придобивки за човештвото си имаат своја цена. Само дел од нуспојавите на капитализмот се енормното уништување на животната средина, пропорционално со индустрискиот и технолошки напредок и зголемување на социјалната нееднаквост во светот до невидени размери. Последниве години, особено откако почна пандемијата на ковид-19, маните на капитализмот станаа уште поочигледни.

Брз профит или долгорочна благосостојба?

Ставањето на краткорочниот профит за корпорациите и за поединците како приоритет, неретко значи занемарување на долгорочната благосостојба на општеството. Политичките и економски проблеми, како и поларизацијата во светот се сѐ поизразени. Незадоволство расте. Во истражување на компанијата „Еделман“, 57 проценти од испитаниците низ цел свет сметале дека капитализмот каков што е денес му носи повеќе лошо, отколку добро на светот.
Економскиот систем што низ разни форми и варијации е доминантен денес во светот плаче за ремонт. Најважните поправки се однесуваат на централниот механизам, односот врз кој се темели современата економија – работниот, т.е. работата. Како концептот на социјална правда и заштита на правата на работниците да се артикулира во услови на новата реалност на работните односи – нови, нестандардни форми на вработување – работа од дома, на далечина, т.н. слободни соработници, работа на ранливи категории луѓе итн.?

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

- банер -

Праведна транзиција кон иднината на работата

Постепеното развивање на социјалниот дијалог на релација работодавачи – вработени – држава беше клучно во напорите за постигнување социјална правда, демократија,  универзална благосостојба и просперитет. Меѓународната организација на трудот (МОТ) ова го наведе како појдовна основа при донесувањето на Декларацијата за иднината на работата во 2019 година, токму на стогодишнината од нејзиното основање, наведувајќи дека овој социјален дијалог донесе историски поместувања што резултираа со многу похумани услови за работа.
Истовремено МОТ предупредува дека сиромаштијата и нееднаквоста, конфликтите, природните катастрофи и другите хуманитарни предизвици во многу делови од светот се закана токму за овие придобивки што изминативе децении се постигнати во поглед на обезбедувањето просперитет и пристојна работа за сите.

Ефективна интеграција на младите

Младите имаат поинакви потреби во поглед на светот на работата. Бараат флексибилност, но и фер услови, еднаквост, праведност. Пренесуваме дел од размислувањата на млади луѓе со кои разговаравме:

– Не ми треба само работа во која ќе знам каде ќе бидам од 9 до 17 часот. Сакам многу повеќе – да го дадам својот максимум во компанија што ќе дава вредност во општеството, која нема да влијае за нова нееднаквост.

– На моето прво интервју за работа би ги прашала работодавачите на кои ќе им се видам како најсоодветна кандидатка: Колкав е вашиот јаглероден отпечаток како компанија? Како се грижите за животната средина? Како враќате во локалната заедница во која функционирате и градите профити? Ако не добијам соодветни одговори, сигурно не би сакала да работам за нив!

– Осум часа работа во една фирма не се за мене. Сакам да имам флексибилност – малку во граѓанска организација, каде што ќе вложувам во заедницата, малку во стартап во кој ќе дејствувам врз одговорен бизнис.

И самата  Декларација на МОТ за иднината на работата наведува дека за да се постигне праведна транзиција кон иднината на работата (future of work) мора да се лоцираат постојниот  и потенцијалниот јаз во поглед на работните вештини. Да се обезбеди едукацијата и обуките да бидат соодветни на потребите на пазарот на трудот земајќи ја предвид еволуцијата на работните процеси, како и да се олесни транзицијата од едукација и обука кон работа, со особен акцент на ефективна интеграција на младите луѓе во светот на работата. 

Во заложбите на МОТ се клучни и аспектите на поддршка на повозрасните работници во процесите на преквалификации и доквалификации за вештини што ги бара новото време за нивно спокојно дочекување пензија, постигнувањето родова еднаквост на работа, како и промовирање на работничките права. Ова се клучни елементи за постигнување инклузивен и одржлив развој, со фокус на слободата во здружувањето во синдикати и други организации и признавање на правото на колективно преговарање и договарање со работодавците и со државата.

Ера на промени

Професорот по трудово право на Правниот факултет при УКИМ Александар Ристовски вели дека сѐ почесто зборуваме за лица што се самовработуваат, кои се во некаков прикриен работен однос, тука е и т.н. фриленсерство.
– Дали се овие луѓе ангажирани со договори за дело, договори за авторска работа, за привремена работа? Важно е дали се вистински или прикриени договори. Сè уште заеднички именител, влез за целата заштита што ја остваруваат работниците се поимите работен однос, работник и договор за вработување. Сѐ додека едно лице ги исполнува овие статусни претпоставки, може да се надева на целосна заштита што ја дава законодавството – право на заштита од отказ, право на годишен одмор, право на ограничено работно време итн . Но, што со тие што се надвор од овие кругови? – прашува тој, на креативниот круг „Социјална правда денес – за подобро утре“, одржан неодамна, кој го организираа МОТ и „Лице в лице“.
Ристовски илустративно го дава одговорот:

– Многу често статусните прашања се поставуваат со концентрични кругови. Во центарот е лицето што е вработено, кое работи по упатства, насоки и надзор од работодавачот. Но, тој круг се шири, постојат категории како приправници, волонтери, како зависни самовработени лица – луѓе што имаат свои камиони, но возат за некоја компанија, луѓе што продаваат осигурителни полиси, такси-возачи и сл. Овие лица не одговараат директно на работодавачот што ги ангажира, но се зависни од нивните налози. Во најширокиот круг ги имаме слободните соработници – рече проф. Ристовски, посочувајќи дека ако е во рамките работен однос и договор за вработување, работникот ужива заштита од законодавство, а како што се шират концентричните кругови, сè повеќе се појавуваат нејаснотии и нерегулиран дел.

Трудот не е стока!

Во преамбулата на Декларацијата на МОТ од Филаделфија (1944), меѓу другото, стои дека трудот не е стока.

Уставот на МОТ посочува и дека  универзален и траен мир може да се постигне само ако се заснова на социјална правда.
Ова значи дека луѓето не треба да се третираат низ призмата на капитал, ниту како фактор за извршување некакво производство или ресурс, туку треба да бидат третирани како човечки суштества и да им се оддаде достоинство и почит.

Гледајќи на трудот како на стока, ги поништуваме моралните, општествени и правни елементи и дозволуваме за нашиот труд да се преговара за што пониска цена, со што би дошле до што повисок профит. Работата е дел од секојдневниот живот на човекот, клучна е во поглед на достоинството, благосостојбата и развојот како човечки суштества.

Тој истакна и дека денес зборуваме за поголема флексибилност на процесите, дигитализација, роботизација, вештачка интелигенција… Сѐ повеќе изразена работа преку дигиталните платформи.
– Се поставува и прашањето за заштита на приватноста на работникот. Во услови кога имате камери, пристап до интернет, можност работодавачите да вршат надзор врз е-комуникацијата, веб-страниците што ги користат вработените, социјалните мрежи. Тука е и предизвикот на испреплетеноста на приватниот живот и на работата. Ова особено стана изразено во пандемијава, кога голем број луѓе работеа и сѐ уште работат од дома, кога одржуваат состаноци и конференции на интернет – додава Ристовски.

„Мој труд – мои права“ – дигитални алатки за млади

На веб-страницата www.mojtrudmoiprava.mk, содржани се сите информации за правата и за обврските што произлегуваат од работниот однос – договор за вработување, плата, работно време, одмор, отсуство, безбедност и здравје при работа, дискриминација, психолошко вознемирување, социјално осигурување и решавање спорови.

Едукативната мобилна апликација што ги информира младите за нивните права од работен однос, „Твои права @ работаприкажува основни информации за правата и за обврските на пазарот на трудот преку квиз. Преку апликацијата, со одговарање на прашањата и освојување поени, младите брзо ќе ги научат правата и обврските и ќе бидат поинформирани за пазарот на трудот.

Новата регулатива треба да ја препознае новата реалност

Новата реалност во начинот на кој работат луѓето денес, предизвикана од дигитализацијата на економиите и на секојдневниот живот, генерално, ја препознава и МОТ во својата Декларација за иднината на работата. Документот ги изнесува основните постулати за обезбедување заштита на работникот, како што се почитување на основните човекови права, соодветна минимална плата, законски утврдена или договорена, поставување ограничување за бројот на работни часови, безбедност и здравје при работа, родова еднаквост итн. Наведено е и дека се потребни политика и мерки што ќе осигурат соодветна заштита на приватноста и на личните податоци, но и ќе одговорат на предизвиците и на можностите во светот на работата поврзани со дигиталната трансформација на работата, вклучително и работата преку платформи на интернет.  Ова сведено на локален контекст значи дека во земјава законската регулатива сѐ уште или воопшто не препознава или има недоречености во делот на новите форми на вработување и на работни договори.Регулирањето на нестандардните форми на договори за работа посебно се истакнало како потреба во услови на пандемијата на ковид-19, посебно работењето од дома, работењето од далечина, кога, од една страна, требаше да се обезбеди заштита на вработените од заболување, а, од друга страна, да се обезбеди процесот на работа.
– Договорите за работа од дома се неопходни, а во постојната регулатива не се уредени докрај. Ова беше многу значајно искуство што го имавме за да го уредиме работењето од дома, како и другите нестандардни форми на вработување. Го имавме предвид и меѓународното искуство за содржината на различните видови договори. Уредувањето е во линија со европското право и се имаат предвид посебните услови за работа и спроведувањето на надзор од надлежните органи – објаснува Мирјанка Алексевска, раководителката на секторот за политика од областа на трудовото право при МТСП.
Според неа, придобивки од регулирањето на нестандардните форми на вработување ќе бидат пополнување на правната празнина, намалување на нејасните работи и на субјективните правни толкувања, обезбедување сигурност на работниците, со јасно дефинирани права и обврски, и усогласување на домашното трудово законодавство со законодавството на Европската унија.

– Јасното регулирање на овие форми на работа, меѓу другото, е уште еден механизам и алатка за стимулација за регуларна работа, кој сметам дека ќе има влијание и на намалување на неформалната работа – вели Алексевска.

Дали новиот закон ќе го уреди фриленсерството?

Веќе подолго време се подготвува нов Закон за работни односи, каде што, според Министерството за труд и социјална политика (МТСП), посебно внимание ќе се обрне на нестандардните форми на вработување, како што се договорите за работа на определено време, сезонската работа, повторлива сезонска работа, договорите за вработување за вршење работа од далечина, работа од дома, договори за вработување и работа во домаќинство, фриленсерство, работа на студенти и сл.

Фриленсерството е најзастапено кај работата на дигиталните платформи, на кои се ангажирани програмери, графички дизајнери, новинари итн. Според анализата за дигиталната работа на Западен Балкан направена од „UpWork“, една од најголемите светски платформи на интернет за фриленсерство, Македонија е меѓу лидерите во регионот во однос на обемот на дигиталната работа, земено во релативен однос според големината на популацијата.
На „UpWork“ се регистрирани повеќе од 3.200 активни соработници од земјава, што е 22 проценти од сите активни фриленсери на Западен Балкан. Македонија со својата популација учествува со 12 проценти во овој регион. Иако бројката на слободни соработници во земјава е пропорционално повисока од другите земји од Западен Балкан и постојано расте, просечната заработка по поединец е најниска во регионот. Просечно, слободниот соработник во Македонија заработува 9.000 долари годишно, со просечна заработка од 18 долари на час. Регионалниот просек е 20 долари.
Статусот на овие поединци најчесто е хонорарен работник, кој го презема ризикот самостојно и е одговорен за резултатите од својата работа, како што објаснуваат во анализата на МОТ „Нестандардни форми на вработување во македонски контекст“, во авторство на универзитетските професори Никица Мојсоска-Блажевски, Александар Ристовски и Марјан Петрески. Тие посочуваат дека, иако оваа категорија вработени се добро образовани, со високи приходи, ја ценат независноста и сопствената организација на работата, тие, сепак, ги немаат истите права и надомест. Така, на пример, немаат права на породилно отсуство, здравствено и пензиско осигурување и други, кои произлегуваат од работниот однос при стандардните форми на вработување и при некои нестандардни форми, како што е самовработувањето (трговци поединци, занаетчиска дејност, одредени регулирани професии – адвокат, лекар, нотар итн.). Од друга страна, и државата останува покуса за делот од даноците и придонесите што не се уплатуваат од страна на овие работниците.  Токму затоа од новиот Закон за работни односи се очекува да ги надмине споменатите слабости, пред сè во интерес на овие категории вработени.

Ветување за соодветна регулатива, останува предизвикот за примена во практика

Новиот Закон за работни односи, како што истакнуваат од МТСП, има цел да ги унапреди работните односи воопшто, а со тоа и работничките права. Во неговата подготовка се вклучени трите социјални партнери – владата, синдикатите и работодавачите, но и стручњаци од областа на науката, судството, Меѓународната организација на трудот и другите засегнати страни.
Тоа што ќе остане како предизвик е доследното спроведување на тоа што ќе се стави на хартија. Слабости постојат, меѓу кои принудно враќање на исплатениот регрес за годишен одмор, пријавување на работникот само на дел од платата, остатокот „во плик“, продолжени и неплатени работни часови, забрани за синдикално организирање, во поново време сѐ поактуелното психолошко вознемирување, се само дел од проблемите со кои се соочуваат дел од вработените во земјава.

Синдикатот гарантира заштита

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека последниве години се обидуваат да ја сменат перцепцијата за тоа што прават, всушност, синдикатите, а што правеле порано.

– Користиме дигитални алатки, социјални медиуми, со цел да допреме до што поголем број луѓе. Се трудиме на дневна основа да ги информираме работниците за нивните права. Знаеме какви се платите во Македонија, знаеме дека пандемијата остави голем број работници дома, а голем број што беа заминати во европските држави ги врати во земјава. За жал, цели семејства заминуваат од Македонија. Мораме сите заедно да работиме да ги подобриме нештата во оваа насока – рече Слободан Трендафилов од ССМ на креативниот круг на „Лице в лице“.
Тој ја спомена и дигиталната апликација „ССМ – мои работнички права“. Апликацијата нуди можност  и за пријавување прекршено работничко право за себе или за друго лице, анонимно пријавување, директна комуникација со претставници на ССМ и следење вести и совети од ССМ од областа на унапредувањето и заштитата на правата што произлегуваат од работниот однос?

– Алатката може да се користи за анонимно пријавување на некакво кршење на работничките права. Во таков случај, се преземаат сите чекори за да се заштити идентитетот на работниците и лично претседателот на ССМ ја поднесува пријавата до Државниот инспекторат за труд. Се трудиме да ја промениме свеста кај работниците, да сфатат дека синдикатите се нивните вистински заштитници и да се намали стравот кај нив од евентуален реваншизам и последици на работното место – вели Трендафилов.

Се наметна и прашањето како да се надмине перцепцијата на пошироката јавност дека работодавачите се речиси експлоататори, кои ги интересира само профит, додека работниците се исплашени, неинформирани и често обесправени.

– Реториката на антагонистички спротивставени страни – работници наспроти  работодавачи, не треба да ја гледаме во 21 век. Во скандинавските земји повеќе се зборува за соработка, отколку за класична субординација во односите. Потребна ни е солидарност, таа недостига на теренот на работните односи – вели проф. Ристовски.
Во контекст на актуелното зголемување на минималната плата, тој истакна дека колку што со законска подлога се водеше самата кампања, оваа иницијатива треба да се гледа и низ призмата на социјалниот дијалог и постојано да се засилуваат капацитетите на социјалните партнери.

Да бидеме солидарни денес за да опстоиме сите заедно утре

– Како да ги регулираме работите флексибилно? Не може да имате флексибилност, кога имате договор за определено време на еден месец. Не може да планирате трошоци, да земете кредит, да основате семејство… За жал, многу работодавачи бараат флексибилност за моментите кога се соочуваат со предизвици, па полесно да отпуштаат работници, а, од друга страна, имаме сѐ повеќе примери на злоупотреба од страна на работодавачите на истата таа флексибилност. Солидарноста е чекор напред, таа е најважната работа денес во поглед на односот работодавец – вработен. Мора да бидеме солидарни денес за да опстоиме сите заедно утре – нагласува Трендафилов од ССМ.

Каде што има синдикално организирање, социјалниот дијалог е целисходен

Светлана Ристовска-Антиќ, извршната директорка на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), вели дека тие го поддржуваат концептот на пристојна и достоинствена работа.

– Се залагаме за почитување на работничките права. Тоа го имаме докажано, со тоа што со ССМ сме договориле и поголеми права во колективните договори од тоа што го предвидува Законот за работни односи. Ја поддржуваме борбата против сивата економија (плата во плик и сл.). Но, не може да се согласиме дека сите работодавачи треба да ги ставиме во истиот кош. Има работодавачи што прават и повеќе за своите вработени од тоа што го пропишува законот: субвенционираат курсеви за децата на вработените, уплатуваат приватно здравствено осигурување. Постојано водиме дијалог со синдикатите за подобрување на работничките права – рече Ристовска-Антиќ.
Трендафилов, пак, во однос на надминување на, можеби, веќе традиционалната перцепција на антагонизам меѓу вработените и работодавците и крутата поделба на добри и на лоши, смета дека може да се постигне само преку градење на принципот на солидарност.

– Во услови на празен стомак, многу тешко доаѓате до компромис и флексибилност. Ако синдикатите велат дека работодавачите мора да бидат солидарни, тоа значи дека треба да споделат дел од профитот и да ги зголемат платите. 90 отсто од негативните коментари во однос на работодавачите се однесуваат на претпријатијата каде работниците што не се синдикално организирани. Таму каде што се здружени, дијалогот е целисходен – вели Трендафилов.

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар