Најкритичните прашања кај непријавените работници се недостигот од пристап до информации, подготвеност за ангажирање и застапување нови начини на организирање на работата и вработување што коегзистира заедно со традиционалните форми на вработување
Неформалната економија во земјава учествува со значаен процент во домашниот бруто-производ, меѓу 20 и 40 отсто. Постојните анализи на Светска банка укажуваат дека во земјава неформалната економија претставува сериозен предизвик за бизнис-секторот и создава нелојална конкуренција.
Непријавената работа е еден од најважните сегменти на неформалната економија во земјава. Ваквата состојба е поради неповолни услови на пазарот на трудот, како што се бавното отворање нови работни места, континуирано високата стапка на невработеност и стапката на неактивност. Работниците во неформалната економија се ангажирани во лошо платена работа, несигурност, недостиг од заштита на работното место, недостиг од можности за обука, кршење на работничките права итн.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Еден од основните предуслови за обезбедување одржлив економски пораст, висок животен стандард и поволна деловна средина се еднаквите услови за сите учесници на пазарот на трудот, поддршка на трансформацијата на неформалните економски активности во формални, како и спречување на незаконските текови на пари. Затоа, неформалниот сектор претставува важен дел од економијата и од пазарот на трудот.
Во многу земји игра голема улога во создавањето вработувања, производството и во генерирањето приход. За некои работници и економски субјекти, неформалноста не е избор, туку неизбежност во која тие се втурнати поради недостиг од пристојни, формални работни места.
Неформалниот сектор во Македонија останува екстензивен според бројот на вработени, иако може да се забележи тренд на намалување од 2010 година до 2020 година. Значителното намалување на неформалното вработување во текот на 2020 година, најверојатно, се должи на кризата предизвикана од ковид-19.
Мажите доминираат во неформалната работна сила
Во повеќето земји, уделот на жените во неформалното вработување го надминува тој на мажите. Сепак, официјалните податоци откриваат дека земјава се разликува од глобалниот модел – мажите доминираат во неформалната работна сила. Жените, пак, се помногубројни во учеството во домашната работа, како специфичен сектор со голем придонес во неформалното вработување.
Неформалното вработување е позастапено кај мажите, младите луѓе, повозрасните работници (повозрасни од 65 години), можеби поради потребата да се дополнат нивните приходи од пензија, кај нискоквалификуваните работници и кај работниците во земјоделството и во градежниот сектор.
Според достапните податоци на базата на „Макстат“, најголем дел од неформалните вработувања се генерирани во земјоделскиот сектор, потоа во градежништвото, сместувачките капацитети и услугите за храна, активности за здравствена и социјална заштита.
Заробени во неформалноста
Во истражувањето што го спроведуваше Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ во периодот од август до декември 2021 година, идентификувани се различни економски, правни, институционални и социјални фактори, кои се поврзани со непријавената работа. Истражувањето се спроведуваше во секторите туризам и угостителство, лични услуги и услуги во домот.
Високите стапки на невработеност и сиромаштија се препознаваат како фактори што поттикнуваат непријавена работа и во различните региони, и низ секторите, како и меѓу работниците и работодавците. Ниските плати, а не ниските вештини, ги мотивираат луѓето да се стремат кон непријавена работа.
Работниците што се корисници на правата од социјална заштита, како што се минималниот гарантиран приход, семејната пензија и работниците што се борат со извршители, се чувствуваат заробени во неформалноста на нивната работа.
Факторите што ги поттикнуваат работодавците да ангажираат работници во непријавена работа се високите даноци, трошоците за пензиско и здравствено осигурување, корупцијата меѓу јавните службеници (од кои се очекува спроведување на регулативата за работничките права), високите казни и нелојалната конкуренција. Правните фактори, пак, како што е недостиг од законодавство за покривање на новите видови договорни односи, како и сложената и обесхрабрувачка регулатива, која покрива дополнителни приходи на вработени и пензионирани лица, исто така, придонесува за нивно ангажирање во непријавена работа.
Прифатливата рамнотежа на добивки и на загуби
Недостигот од стандарди за квалитет овозможи евтина работна сила во истражуваните сектори. Неможноста на системот за социјална заштита да ја рационализира ефикасната политика за намалување на сиромаштијата и влошената состојба на ранливите групи во пандемијата, исто така, придонесуваат за непријавена работа.
Граѓаните немаат доверба во јавниот сектор, па затоа игнорираат да го видат поширокото политичко, економско и социјално влијание на непријавената работа.
Непријавените работници се свесни за негативните влијанија на нивниот работен статус врз другите аспекти од животот: пристапот до градинка, банкарски заем, пензија итн.
Некои работници се подготвени да ја жртвуваат социјалната помош за формално вработување за социјален и здравствен придонес. Потребно е да се воспостави прифатлива рамнотежа на добивки и на загуби, која, пак, ќе се воспостави преку партиципативен процес, кој ќе катализира нови видови договори за работа. Сепак, непријавените работници, генерално, остануваат скептични дали и како тоа би можело да се олесни. Најкритичните прашања кај нив се недостигот од пристап до информации, подготвеност за ангажирање и застапување нови начини на организирање на работата и вработување, кои постојат заедно со традиционалните форми на вработување. На овие групи работници им недостигаат капацитети за самопретставување или подигање на свеста за нивната секојдневна реалност.
Работниците, исто така, сметаат дека владата може да ја мотивира трансформацијата од непријавена во формална работа. Субвенциите и стимулативните даночни нивоа можат да ги мотивираат работодавците на поинакво однесување кон организирање на работата и вработувањето.
Работодавците – ретко критични за својата улога
При анализирање на непријавената работа, често се занемарува разбирањето на страната на побарувачката. За тоа каква улога игра непријавената работа во обезбедувањето услуги во трите анализираните сектори, треба да се разгледаат не само мотивите на снабдувачите (од страната на понудата), туку и мотивите на работодавците / клиентите / купувачите (страната на побарувачката).
На поголемите деловни субјекти не им е секогаш пријатно да ја признаат непријавената работна сила. Работодавците што се чувствуваат удобно да разговараат за основните причини за непријавените работници се отворени да признаат дека нема владеење на правото. Поради ова, и работниците и работодавците се чувствуваат несигурни и вознемирени. Работодавците ги обвинуваат непријавените работници и високите нивоа на оданочување и трошоците за усогласеност како главни двигатели на неформалната економија. Работодавците се и ретко критични за својата улога во овозможувањето или одржувањето на непријавената работа.
Во помалите области, каде што луѓето меѓусебно се познаваат, работата на диво во домаќинството е нормализирана. Работодавците се борат со нелојална конкуренција и со недостиг од работна сила и искусуваат различни административни пречки што ги обесхрабруваат. Општо земено, работодавците низ секторите и регионите го делат верувањето дека на државата ѝ недостига политичка волја и акција за да се решат некои од нејзините структурни неуспеси за кои се тврди дека е непријавена работа.
(Авторката е истражувачка во Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“)
[/ihc-hide-content]