Лице в лице тема, Магазин

Социјална правда – утопија или реалност?

За да градиме вистинска социјална држава потребно е да се воведe вистинска социјална политика и многу поголема заложба на државата за нејзино спроведување. Еднакво важно е и да работиме кон промена на начинот на размислување – конечно да сфатиме дека егоистичкото напредување води кон намалување на општата благосостојба, а порастот на општата благосостојба ја унапредува и индивидуалната, личната

Најголемиот дел од државите во светот денеска важат за социјални држави. Секоја влада цели кон тоа да се прокламира како општествено ориентирана влада, влада што ќе работи за доброто на општеството, за унапредување на социјалниот стандард и благосостојба.
Во оваа група држави, веќе 30 години, спаѓа и нашата. Членот 1 од Уставот вели дека Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава, а членот 8 понатаму, пак, во темелните вредности, меѓу другото, ги вбројува и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста.

Концептот на социјалната правда не е нов, иако е актуелен последниве децении, кога по светската и неколкуте регионални економски кризи, кои беа погубни за многу системи во светот, се реафирмира идејата дека државата е таа што е одговорна за социјалната сфера на општеството. Идеја што социјалистичките мислители долго и упорно ја наметнуваат со векови, а неолибералниот и неокапиталистичкиот свет имаше особено голема одбивност кон неа.

[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]

Борба за себе —-> борба за другите

Состојба во која сите членови на општеството ги имаат истите права, обврски, можности и придобивки за да може достојно да живеат и да напредуваат – социјална правда.
Во една идеална, хипотетичка ситуација, поединците во општеството нема да имаат расчекор во можностите за достоен живот, кој ќе произлегува од нивниот социјален статус. Социјалниот статус е една комплексна категорија, која ја одредува позицијата на индивидуата во општеството, детерминирана од нејзиниот пол, раса, верска припадност, степен на образование, потекло, стандардот на живеење, професијата и сличните категории. За да се каже дека во едно општество владее социјална правда, ќе треба сите овие претходно набројани категории да не играат никаква улога во тоа дали луѓето ќе може да имаат достоинствен живот и можност за личен напредок.Но, ако се вратиме во реалноста, состојбата на глобално ниво, но и на национално ниво, не дава голема надеж. Современите општества по Втората светска војна се изградени на постулатите на либерализмот и на пазарното стопанство. Либерализмот, особено класичниот, заговара силна индивидуализација на луѓето, општество во кое секој поединец индивидуално се бори за себе. Таа „борба за себе“ најчесто се претвора во „борба против другите“. Тоа резултира со лоша компетитивност во која не напредува општеството како целина, туку напредуваат конкретни индивидуи, на сметка на другиот дел од општеството. Пазарното стопанство или пазарната економија или капитализмот, пак, од друга страна, се води од Смитовата максима дека успешните ќе станат уште поуспешни, а тие што не се успешни, пазарот ќе ги тргне настрана. Тоа, пак, значи дека категоријата луѓе што е добро ситуирана и успешна, дополнително ќе си го унапреди својот социјален стандард, а таа категорија што е во помалку поволна состојба, дополнително ќе биде уназадена.

За да се види дека сето ова значи создавање огромна разлика меѓу социјалниот стандард на „успешните“, кои до успехот, неретко, стигнале на грбот на тие што се квалификувани како „неуспешни“,  и овие вторите, чиешто живеење се сведува на преживување, не треба да се биде ниту економист, ниту политиколог, туку само човек.

Социјална правда само во Устав и закони

Каде е во целата оваа приказна социјалната правда и социјалната држава?

Останала само во член или два од Уставот, во законите, голем број декларации и уште поголем број популистички изјави на челниците на државите. Во материјалниот, реален свет, мнозинството од граѓаните од ден во ден влегуваат со сѐ попразни џебови, а една мала категорија луѓе уживаат во сите придобивки. Во материјалниот, реален свет, ова значи дека мнозинството ќе работи во услови на страшна експлоатација за да преживее, а малцинството ќе ужива во сиот луксуз и раскош. Вака, општеството се дели на два дела, на две класи – екстремна сиромаштија и екстремно богатство. Оваа поларизација влијае и на меѓучовечките односи, на вредностите и на компактноста на општеството – создава непријателство, ривалство и односи на надменост и на потчинетост. Отсуството на социјалната правда – полека, но сигурно го урива општеството.

Нееднаква распределба на приходите

Ваквата состојба ја поддржуваат бројките: Индексот Џини, кој ја мери нееднаквата распределба на приходите, во земјава е 30,7 (кога е 0, значи дека има еднаква распределба на богатство). Во иста година во која едно лице остварило бруто-приход од 1.056.992.066 денари, 21,6 проценти од населението живеело под маргината на сиромаштија. Тоа значи дека 21,6 проценти од нашите сограѓани во 2019 година немале доволно приходи за да ги задоволат своите основни потреби. Во истата година 30,1 проценти од работоспособното население (на возраст од 18 до 64 години) било материјално обесправено, што значи дека имало тешкотии во намирување на сметките и на давачките, немало капацитет за да оди на одмор, редовно да консумира месо и риба, да си дозволи телефон или телевизор, автомобил или затоплување. Во анкетата  за приходи и услови на живеење, 23,3 проценти од граѓаните се изјасниле дека многу тешко може да ги задоволат потребите со своите месечни приходи, а 23,2 проценти дека тоа може да го направат тешко. Податоците се преземени од веб-страниците на Државниот завод за статистика и од Управата за јавни приходи
Дали веќе имате вртоглавица од бројките?

И треба.

При вакви резултати од статистичкото проучување на животниот стандард, Македонија не е социјална држава, а социјалната правда не постои. Решението на проблемот со социјалната раслоеност не е едноставен, особено имајќи предвид дека со години била негувана и длабоко се вкоренила во општествените односи. За да градиме вистинска социјална држава, потребно е да се воведе вистинска социјална политика и многу поголема заложба на државата за нејзино спроведување. Еднакво важно е и да работиме кон промена на начинот на размислување – конечно да сфатиме дека егоистичкото напредување води кон намалување на општата благосостојба, а порастот на општата благосостојба ја унапредува и индивидуалната, личната.

(Авторката е студентка на правни и политички науки)

[/ihc-hide-content]

Напишете коментар