Си ги знаеме своите работнички права?
Зборуваме за социјална правда, но не ја живееме. Отвораме прашања за потребите на работникот, за намалување на дискриминацијата, ги усогласуваме законите со европските, но социјалната нееднаквост не се намалува, туку се зголемува.
Граѓаните на оваа земја немаат исти можности за образование и за вработување, уште се бориме со дискриминација во однос на пол, возраст, партиска или етничка припадност, Џиниевиот коефициент ни е 30,7, а 21,6 процент од нашето население не може да си ги задоволи основните потреби, 30,1 проценти од работоспособното население имало тешкотии во намирување на сметките и на другите давачки.
Ако се свртиме глобално, индустрискиот капитализам донесе придобивки за човештвото – индустриски и технолошки напредок, но и предизвика енормно уништување на животната средина и ја зголеми социјалната нееднаквост до невидени размери поради тоа што долгорочната благосостојба на општеството е ставана многу зад краткорочниот профит на корпорациите и на поединците. Низ бројки – осум милијардери се сопственици на богатството на една половина од човештвото, дневно имаме по 12,5 милијарди часови неплатена работа на жени и на девојчиња, 800 милиони луѓе се гладни на дневна основа, две милијарди лица не ги добиваат потребните дневни намирници.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
Истражување на испитаници од целиот свет на компанијата „Еделман“, пак, покажува дека 57 проценти од испитаниците сметаат дека капитализмот каков што е денес предизвикува повеќе лошо, отколку добро за светот и дека ни е потребен нов економски систем во кој личниот интерес се проширува со свесност за целиот екосистем – за доброто на луѓето, за опстанокот на планетата, кој сѐ повеќе го доведуваме во прашање. И во тој систем социјалната правда и социјалниот дијалог се високи приоритети.
Иако и во изминативе стотина години се направени напори за развој на социјалниот дијалог меѓу работниците и работодавците, што имаше свој одек во создавањето похумани услови за работа на глобално ниво, сè уште сме далеку од социјалната правда.
Во новата реалност се отвора и прашањето – како концептот на социјална правда и заштита да се артикулира во услови на новата реалност на работните односи – нови, нестандардни форми на работа (работа од дома, на далечина, т.н. работни позиции со слободен договор, работа на ранливи категории луѓе)?
Во декларацијата за иднината на работата, Меѓународната организација на трудот (МОТ) наведува дека за да се постигне праведна транзиција мора да се лоцира постојниот и потенцијален јаз во поглед на работните вештини, едукацијата, а обуките да се соодветни на потребите на пазарот. Со технологијата работните процеси интензивно и брзо се менуваат така што застарениот модел во кој учам, па потоа го применувам (цел живот) сега се менува во постојано учам и се усовршувам, а особено од моментот кога ќе почнам да работам.
Во контекст на ова, суштински се процесите на преквалификации и на доквалификации за вештини на повозрасните работници што ги бара новото време и нивно спокојно дочекување пензија, но и новите трендови во кои пензионираните лица остануваат работно активни стручњаци. Со ова се адресира проблемот на неактивното стареење, феномен што директно влијае на емоционалната состојба на пензионираните лица и на нивната активност, а со тоа и на намалување на јавните трошоци за оваа категорија лица за која „Економист“ вели дека одамна станале неодржливи.
Постигнувањето родова еднаквост на работа, како и промовирање на работничките права се следен клучен елемент за постигнување инклузивен и одржлив развој.
Откако слободата работникот да се здружува во синдикати и во други организации ќе стане практика и работа што се подразбира, пред сѐ во однос на законодавството, кое ќе ги поддржи овие процеси, останува предизвикот на негово засилување да истрае во барањето на сопствените права и сега здружен, да инсистира на доследно спроведување на законите.
Всушност, на врвот на пирамидата на приоритетите е информираноста на работникот за своите права. Колку поинформирани работници, толку помала можност за манипулација и за злоупотреба.
Можеби ни личи далечно, но практиката во светот покажува дека сѐ повеќе работникот го избира работодавецот и одбива да работи за тие што не се грижат за работникот, за благосостојбата, за животната средина и кои не се солидарни.
Или, како што вели професорот Александар Ристовски од Правниот факултет – ако синдикатите велат дека работодавците мора да бидат солидарни, тоа значи дека треба да споделат дел од профитот и да ги зголемат платите, а дури 90 отсто од негативните коментари во однос на работодавците се однесуваат на работници што не се синдикално организирани.
Социјалната правда ќе добие артикулиран облик во моментот кога мнозинство работници, а особено млади, ќе станат свесни за едноставната вистина. Идејата за социјална правда не е стока или услуга што ја бараме од центрите на моќ, сеедно дали се политички или деловни. Социјална правда е процес во кој освестениот граѓанин, здружен околу синдикатите и другите организирани движења наметнува и инсистира на праведни услови за работа и за битисување.
[/ihc-hide-content]