Историска можност за обликување на светот на работата базирано на достоинство и на почит, како што велат од МОТ, е Конвенцијата 190 (К190 ), која се однесува на соочување со насилството и со вознемирувањето во светот на работата. Препораката 206, пак, дава насоки за нејзино спроведување.
Конвенцијата беше донесена во јуни 2019 година, а владите што ќе ја ратификуваат, ќе треба да донесат соодветни закони или мерки за да го спречат или да се соочат со насилството и со вознемирувањето на работното место.
[ihc-hide-content ihc_mb_type=”block” ihc_mb_who=”unreg,6″ ihc_mb_template=”3″ ]
– Ратификацијата на К190 и нејзиното ефективно спроведување му обезбедува на секој работник право на свет на работата без насилство и вознемирување. Без оглед на договорниот облик, дали работат во формална или неформална економија или во рурална или урбана средина – изјавува Шаран Бароу, генералниот секретар на Меѓународна конфедерација на синдикати.
Конвенцијата се однесува на сите сектори, но и на неформалната и на формалната економија, урбаните и на руралните средини. Ги штити работниците и сите други лица во светот на работата, вклучувајќи ги и волонтерите, луѓе што бараат работа или што конкурираат за неа, лица што посетуваат обука, практиканти и стажанти, лицата што работат, без оглед на договорниот статус, работници на кои им е прекинат работниот однос и други.
Особено е важно дека овој документ го опфаќа насилството и вознемирувањето на самото работно место, но и во делот на комуникацијата што е поврзана со работата, сместувањето обезбедено од работодавач, патувањето од работа и до работа, места каде што работникот е платен, одмора или јаде, јавен и приватен простор, кој е работно место, службени патувања, обуки, социјални активности…
Во земјава, во 2013 година е усвоен Законот за заштита од вознемирување на работното место и по осум години од неговата примена и двете измени и дополнувања на основниот текст, на прагот сме на усвојување нов закон.
Универзитетските професори Тодор Каламатиев и Александар Ристовски, во анализата за усогласеноста на македонското законодавство со Конвенцијата 190 на МОТ, велат дека од новиот закон се очекува да ревидира повеќе значајни аспекти од регулирањето на вознемирувањето на работното место почнувајќи од поимот и дефинициите на психичкото и на сексуалното вознемирување, преку персоналниот и функционалниот опсег на примена на законот, до мерките и постапката за превенција и заштита од вознемирување на работното место.
Покрај Законот за заштита од вознемирување на работното место, пропис од значење за заштитата од вознемирувањето во областа на работата и на работните односи, кој се усвојува во третата развојна фаза, е и новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, од 2020 година.
[/ihc-hide-content]