Женските прашања – инспирација на дизајнерката Руки Чуки
Со новиот производ, „Добри картички“, платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во чиишто рамки излегува и истоименото улично списание, го почна одбележувањето на 10-годишнината од својата работа и постоење.
– Прославуваме една деценија од дејствувањето на мисијата преку која го унапредуваме квалитетот на животот на ранливите сограѓани, но и укажуваме на потребата од постоење систем во кој сите се еднакви.
Со новите картички, пак, посочуваме дека женските прашања не се само предизвици за жените, туку за сите нас.
Силно веруваме дека пораките од #ДобритеКартички ќе донесат гласност во борбата против (не)видливата дискриминација, но и ќе ја поттикнат грижата за себе кај жените – велат од тимот на „Лице в лице“.
Првата едиција на „Добрите картички“ ја креиравме во соработка со нашата позната дизајнерка, Ружица Мандичевска – Руки Чуки.
– Се радувам на оваа иницијатива, посебно затоа што е дел од „Лице в лице“. Првичната идеја на повеќето илустрации е да се укаже на еднаквост и на прифаќање на различностите и затоа сум посебно среќна што одлично се вклопија во производот #ДобриКартички.
Како секој да си работел на веќе зададена мисија, па се најдовме на кратко да го официјализираме производот. Од друга страна, многу сакам родендени и честа да прославам 10 години заедно со „Лице в лице“ е огромна. Пораката е јасна, плус прилично шарена, па затоа, да ги загрееме пенкалцата за пишување картички. Споделете љубов, грижете се за себе и уживајте во секоја минута – порача Руки Чуки.
„Добрите картички“ за почеток ќе бидат достапни во книжарниците на „Три“, а во одредени периоди и поводи, ќе ги има и кај продавачите на „Лице в лице“.