Насмеаниот Џордан од улиците на Скопје

Со радост зборува за начинот на продажба на списанието. Вели, луѓето од кафулињата каде што редовно поминува, и вработените и гостите, му се голема мотивација
Бунтовник што знае да дебатира и јасно да ги претстави своите ставови. Човек со изразено чувство за бизнис. Човек што верува – во својот успех, во семејството, во тоа што нему му дава сила.
Махмуд Садик е меѓу најуспешните продавачи на „Лице в лице“. Со своите 19 години, тој успеа да ја обнови семејната куќа, која од мала трошна барака, сега е топол дом на два ката за две семејства – на пат да станат и три.
– Среќен сум што успеав да изградам убав дом. Малку по малку, пред две години прво го направивме катот горе, а таму се пресели брат ми Сухамет со семејството. Потоа и во долниот дел реновиравме и купивме сè ново. Сè што заработувам, го давам дома кај татко ми. Иако ме прашува секогаш за мислење, тој го има главниот збор – вели Махмуд.
Објаснува дека реновирањето на куќата било процес во кој бил вклучен и брат му, кој, исто така, е продавач на „Лице в лице“. Но, неговиот буџет е посебен затоа што тој има сопруга и три деца.
– Јас сега формирам свое семејство, но планирам да останам во долниот кат, заедно со татко ми Џезаир и со мајка ми Ѓултен и да се грижам за нив. Со мојата сопруга Мируше се согласивме дека така е најдобро за сите нас. Сега имаме наша соба, а како што ќе заработувам повеќе, ќе биде и подобро – вели тој со гордост.
Поддршка и мотивација од кафулињата низ градот
Со радост зборува за начинот на продажба на списанието. Вели, луѓето од кафулињата каде што редовно поминува, и вработените и гостите, му се голема мотивација.
– Многу ми е убаво. Продавам во Дебар Маало, а си имам и задолжителна патека, од „Симпо“, кај Зоолошка градина, па кон Лептокарија и Тафталиџе. Редовно одам во кафе „Ли“, таму ја добивам најголемата поддршка. Многу ги сакам Горан, Климе, сите од кафулето, многу ме поддржуваат во сè што правам, многу ме почитуваат, а и јас нив. Тие се многу важни за мојата работа, ги сметам за вистински пријатели. За нив, јас сум Џордан, тој прекар ми го дадоа и ми се допаѓа. Имам и други поддржувачи, кои ми го прават работниот ден поубав, како, на пример, вработените во „Синдикат“, во „Кантина“, „Круг“, не сакам да испуштам некој, навистина, многу се. Ме прашуваат и за семејството, па се чувствувам убаво. Знам дека некој се грижи за мене, сака да ми е добро. Затоа уживам кога продавам „Лице в лице“ – се насмевнува тој.
Долго раскажува за поддршката од читателите. Јасно е дека публиката за него е важна не само поради тоа што тие се негови купувачи, луѓе од кои заработува, туку и поради односот кон него – топол, пријателски. Махмуд е доволно свесен да зборува и за непријатностите на работното место. Вели, сакам да кажам и за тоа.
– Се чувствувам лошо кога ќе ми дадат пари, само така, без да купат списание. Тоа е исто како да просам. Знам, ми требаат пари, на сите ни требаат. Тешко ми е да не ги земам, благодарен сум. Но јас работам и заработувам, непријатно ми е кога луѓето ми даваат пари како помош. Донации примам кога морам, како што беше случајот со внук ми.
Махмуд е и грижлив чичко на трите внучиња од брат му. Најмалото, осуммесечното бебе има здравствени проблеми од раѓањето, па грижата за обезбедување најсоодветна грижа за бебето станала главен предизвик на семејството.
– Сè би дал, би ја продал куќата за да биде здрав внук ми. Кога се роди тој, место да се радуваме, ние се плашевме за неговиот живот. Во болницата каде што се роди не ни кажаа дека итно го оперирале. На шест дена на бебето, бевме присилени да се обратиме на приватна клиника поради тоа што во државната не успеаа да му ја обезбедат најдобрата опција. Таму повторно го оперираше доктор од Турција, кој му го даде и името на бебето – Амин, што означува крај на молитва – објаснува Махмуд со голема сериозност.
Додава дека, оттогаш, Амин имал уште неколку операции, а за сето тоа време, семејството на најразлични начини се обидувало да собере големи суми пари.
– Во мојата заедница има многу верници, а со нивна помош успеавме да собереме пари за операцијата и за прегледите. Донираа и наши луѓе од странство. Благодарен сум им на сите нив, како и на докторот Ристо Симеонов, кој особено се заложи за малиот Амин да добие соодветна нега и грижа.
Махмуд се смета за голем верник и вели дека луѓето што веруваат, секогаш наоѓаат начин да си ги решат проблемите. Во овој случај, тој зборува за религија, па го потпрашав дали мисли само на тоа.
– За мене да, тоа е многу силно чувство, така дознавам многу нешта за себе. За други, можеби е нешто друго, но мора да има верба – одговара „дипломатски“ и вешто.
Место не ме држи, постојано учам
Тој важи за еден од најуспешните продавачи на „Лице в лице“, не само поради тоа што успева да го унапреди својот живот, туку и поради тоа што сака да учи. Доаѓа од Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари, кој ја координира неговата продажба, но, и каде се одговорни луѓе коишто работеле на неговите основните вештини, навики, заложби.
– Имам само две години средно образование, не успеав да го завршам. Тогаш бевме во многу лоша состојба, татко ми не работеше, а и тој и мајка ми беа болни. Некој мораше да се грижи за сите. Брат ми формираше свое семејство, па сфатив дека јас можам да сум ангажиран повеќе. Сега знам дека образованието ми недостига за да станам подобар и верувам дека ќе можам да го надоместам загубеното – вели Махмуд.
Ликот му се менува кога зборува за ова. Се замислува, па продолжува:
– За нас, Ромите, сите велат дека не нè бива за работа. Викаат „само метла за вас“. Многу пати го имам чуено тоа, и од Роми, не само од другите. Се смета дека ние можеме само да чистиме по улици, да бидеме комуналци. Но не е така. Јас не сум таков, а знам и многу други што се вредни и што успеваат.
Додава дека сака да одвојува време за учење, сака и може да учи, но, засега, не го нашол вистинскиот модел. Да се врати во училишните клупи – не може поради возраста, но, вели, ќе најде начин. Во меѓувреме, смислува опции за поголема заработка.
– Мене место не ме држи. Кога сум дома, постојано смислувам како да заработам повеќе, како да обезбедам подобар приход. Јас работам шест дена, а понеделник одморам. Тогаш смислувам како да ги вклучам и другите членови да заработуваат. Поради здравствената состојба на татко ми, тој не може да работи што било, но, засега, најдов начин да го ангажирам. Тој има занает, знае како стари чевли да ги направи како нови – раскажува тој, без да открие „што му паднало на памет“.
Прашан за мајка му и за сопругата, тој појаснува дека во ромските заедници, жените не работат, туку се грижат за семејството и за домот.
– Јас не сакам да е така. Се чувствувам многу убаво кога работам, кога излегувам од дома со некоја цел, кога комуницирам со луѓето, кога ми зборуваат. Затоа знам колку е важно да работиш, но сега, едноставно, така е кај нас. Можеби тоа ќе се смени, ќе видиме. Јас би сакал и жена ми да работи, неа ќе ѝ биде убаво, а и добро ќе ни дојде уште една плата – се насмевнува тој како веќе да смислил соодветен ангажман и за неа.
Свесен за своите способности и снаодливост, Махмуд објаснува и за своите планови.
– Верувам дека ќе биде добро во новава година. Следно, кога ќе биде добро Амин, сакам да штедам пари и да положам за возачка дозвола. Иако се гледам себеси како продавач на „Лице в лице“, мислам дека добро би се снашол ако работам некоја работа во која треба да возам. Потоа, ќе штедам и за две-три години ќе си купам и автомобил – вели тој.
Го прашувам зошто автомобил, а не велосипед, кој е многу поодржливо превозно средство.
– Сакам да возам автомобил или камион и со тоа нешто да работам, тоа ми е желба. Знам дека автомобилите загадуваат, ама очекувам до тогаш да биде подобро, да не загадуваат. Сега е многу лошо што имаме загаден воздух, ми пречи и мене. Ќе видиме како ќе биде, можеби и ќе се премислам ако ми текне нешто подобро.
(Текстот е објавен во 39-то издание на „Лице в лице“, февруари, 2020)
Фото: Томислав Георгиев