Не можам без „Лице в лице“

Не можам без „Лице в лице“
Има 19 години и се грижи за целото семејство – за едногодишниот син Џезаир, за сопругата Аирија, но и за мајка му, татко му и за помалите брат и сестра. Сите заедно живеат во две соби во скопската населба Шуто Оризари. „Лице в лице“, во моментов е единствен извор на приход за неговото семејство
Маја Раванска
Тебе не те знам, нова си? Не знам што да ти кажам ако си нова овде, мора да ме знаеш и да знаеш што работам за да разбереш – ми вели младиот Сухамет Садик, продавач на „Лице в лице“, кој изминатиов период се покажал како еден од најуспешните.
– Не сум нова – му велам – но и јас не те знам. Мора многу добро да си се покажал штом тебе те претставуваме во новиов број – му се насмевнувам и го запишувам неговото име – Сухамед.
– Со т се пишува моето име, не со д – ме поправа.
Дијалогот тука запре за момент. Јас, иако сметав дека немам предубедувања и предрасуди, мислев дека не знае да чита и да пишува. Тој, пак, мислел дека знам барем како се пишува неговото име штом сум решила да му правам интервју за новиот број. Моравме прво да си се претставиме официјално, да помуабетиме малку, да испиеме едно кафе со цигара, па потоа да седнеме да работиме. Откако си ги покажавме фотографиите од бебињата, јас од моето, тој од своето, се пожаливме на врескањата средe ноќ и на будењата в зори, разговорот одеше мазно.
Сухамет Садик е 19-годишно момче. Всушност, маж. Се грижи за цело семејство – за едногодишниот син Џезаир, за сопругата Аирија, но и за мајка му, татко му и за помалите брат и сестра. Сите заедно живеат во две соби во скопската населба Шуто Оризари. „Лице в лице“ во моментов е единствен извор на приход за неговото семејство:
– Периодов ги распродадовме сите списанија, едвај чекав да излезе нов број. Не можам без „Лице в лице“, не можам.
Вели дека веќе 10-ина месеци е продавач на нашето улично списание и дека ужива во тоа.
– Вадам повеќе пари отколку што очекував дека ќе заработувам. Супер е. Прво мислев дека нема да се снајдам, но со помош на Ерџан и на Армандо ми тргна работата. Сега, гледаш, Жарче кажува дека сум меѓу најдобрите – вели Сухамет.
Навистина, координаторката на продавачите на „Лице в лице“, Жармена Божиновска, или Жарче, како што ја викаме сите ние, го издвои Сухамет кога ја прашавме со кого да направиме интервју во оваа рубрика.
– Неа најмногу ја сакам, многу ми помага. Таа знае сè што ми се случува, знае кога имам проблем, кога ми е болен малиот, кога не можам да се раздолжам навреме. Не се срамам да ѝ побарам помош, но не заборавам ни да се заблагодарам – ми објаснува младиот продавач.
Семејството пред сè
Приказната на Сухамет е поврзана со семејството. Јас го прашувам за работата, а тој, пак, сè поврзува со домашните.
– Најмногу се грижам за семејството. Секое утро ме буди син ми, ми се смее, ми се качува на глава, ме скубе. Јас, иако изморен и сонлив, уживам во тие кикотења – се насмевнува Сухамет и додава: Знаеш како е, сигурно.
Објаснува дека и татко му повремено придонесува во семејниот буџет собирајќи отпад и продавајќи го, но тоа не е редовна работа. За „Лице в лице“ знаел уште од почетокот, откако постои списанието. Не сакал да се вклучи бидејќи не му изгледало привлечно. Откако брат му Махмуд не се снашол во оваа работа, не сакал ни да се заинтересира подетално за што се работи. Знаел само дека се продава списанието, ништо повеќе. Но, откако станал татко, сфатил дека мора да направи нешто и да заработува. По еден пријателски совет од Ерџан Садик (најдобриот продавач на уличното списание за 2015 година), кој му е братучед и другар, решил да се обиде.
– Тој ми договори средба со Жарче, а откако таа ме прими како продавач, Ерџан ми кажа кои места да ги посетувам, каде добро нè прифаќаат нас, продавачите на „Лице в лице“, а каде да не одам. Постојано ме охрабруваше, ми велеше „оди, ќе видиш дека ќе продаваш многу списанија“. Тој веруваше во мене, ме охрабруваше и ми даваше надеж – вели Сухамет.
Навистина, продажбата добро му тргнала. Армандо Реџепи, кој, исто така, беше вклучен во продажбата на списанието преку Дневен центар за деца на улица му кажал уште неколку места за посета, надвор од центарот на Скопје.
– Сега не можам и не ни сакам да работам друга работа, ова ми е одлично. Уште да имав можност да бидам пријавен, да знам дека ми е сигурна работата, би бил најсреќен – вели тој.
Го прашувам зошто на оваа возраст тоа му е толку важно.
– Тогаш би можел да земам кредит и да ја обновам куќата. Сега имаме тоалет надвор од домот, немаме топла вода, а со мало бебе сум. Сакам да живеам одделно од родителите, а сакам и ним да им помагам. Би направил кат над нив и би живееле посреќно – ми објаснува тој со сериозност на семеен човек, кој точно знае што сака.
Го прашувам за сопругата, дали таа го поддржува во оваа работа.
– Да, секако. Таа во сè ме поддржува, многу се сакаме. Иако јас не го говорам нејзиниот јазик, а ниту таа мојот (жена му е Албанка, а тој Ром), сложно живееме и се разбираме на македонски. Се запознавме на „Фејсбук“, се допишувавме неколку месеци, а потоа, кога ја видов во живо, веднаш се вљубив во неа. Знаев дека ќе ми биде жена – се насмевнува Сухамет.
Во „Љубов“ се вистински другари
Освен што го продава, тој сака и да го чита списанието, но не целото.
-Најинтересни ми се приказните за продавачите, потоа и текстовите за бездомниците. Јас пораснав во Дневниот центар за деца на улица, знам како е да си дете на улица. Таму ме чуваа поубаво од дома – вели Сухамет.
Интервјуто ни заврши, а тој рече дека ќе оди да продава „Лице в лице“. Го прашав дали знае дека не би требало да продава без униформата на „Лице в лице“, и го потсетив дека има правила, кои продавачите мора да ги почитуваат во однос на продажбата.
– Знам, убаво си знам јас. Униформата и списанијата ги оставам во кафулето „Љубов“, таму ми ги чуваат кога имам вака некоја друга работа да завршам, да не ги носам со мене. Многу ми помагаат од таму, вистински другари се сите што работат во кафулето – вели Сухамет.
Ни нагласи дека му е важно да го објавиме ова.
– Сакам да ги поздравам. Не се секаде толку фини со нас. На некои места воопшто не ни дозволуваат да влеземе. На други, пак, забележувам дека луѓето веднаш ги тргаат чантите и телефоните кога поминувам. Не знам зошто мислат дека би крадел. Па јас сум на работа, не одам за да крадам. Мора да се промени тоа мислење кај сите – сериозен е Сухамет.
Го прашувам дали тоа го разочарува и го обесхрабрува.
– Понекогаш да, ми прави нервоза, но добро е и што постојат многу други луѓе што секогаш го купуваат списанието и не само тоа, туку ми нудат кафе, сок, да се освежам. Тоа многу ми значи.
Сите од мојот сокак продаваме „Лице в лице“
Сухамет, заедно со Ерџан и со Бајрам, беше на одмор во Струга, во одморалиштето на Црвен крст – „Солферино“. Овој одмор на тројцата продавачи дојде како награда за нивната посветеност во работата. Кај нив владее натпреварувачки дух, но, сепак, тие се, пред сè, големи другари, освен што се и колеги.
– Многу се дружиме. Кај нас во Шутка, цела сокак сме продавачи на „Лице в лице“. Мислам дека Ерџан е најзаслужен за тоа – објаснува тој.
Додава дека така било и во Струга, кога останале без пари бидејќи граѓаните таму не сакале да купуваат списание од нив.
– Сè делевме ние тројцата, а Ерџан, како најуспешен од нас, ни даваше пари за кафе, за цигари. Тој е голем колега и многу добар другар. Исто така, многу се дружам и со Марадона – внимава тој да ги спомeне сите.