Доза вести

Личната документација на ранливите лица – рането прашање без лек

Анета Ристеска

„Министерството за внатрешни работи континуирано работи на предлог – текстовите на Законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, како и на Законот за пријавувањето на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните. Текстовите на законите се во финална фаза, пред нивно објавување на ЕНЕР и отпочнување на цела постапка за нивно донесување. Граѓаните, како и секогаш, така и сега, можат нормално да си ги остваруваат своите права“.

Ова е одговорот од Министерството за внатрешни работи на прашањата на „Лице в лице“  за начините на кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација.
На прашањето „Која е стратегијата за соодветно информирање на ранливите групи за начините на стекнување лична документација?“ добивме одговор само дека „постои“, но, не и појаснување каква е.
Прашавме и дали МВР ќе применува компаративни успешни приоди за инклузија на лицата без лична документација, односно ќе создава флексибилен приод кон условите кои ќе треба да ги исполнат овие ранливи лица, кои најчесто и немаат адреса на живеење затоа што живеат во нелегализирани градби или импровизирани живеалишта.

– Со донесувањето на законските измени предвидени се услови за пофлексибилен приод ранливите лица да можат на полесен начин да пријавуваат живеалиште, изјавија од МВР, но, не откриваат ништо за природата на флексибилниот приод, и која е институционалната перцепција за тоа.

Со сличен тон е изјавата од Министерството за здравство.

– Согласно Законот за здравственото осигурување граѓаните без здравствена книшка, односно без здравствено осигурување не може да се лекуваат на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување. Во оваа смисла и граѓаните кои немаат лични документи, лична карта односно свој ЕМБГ, не можат да бидат опфатени во системот на задолжителното здравствено осигурување.

Интенцијата да се укаже дека дека е потребно пошироко видување на проблематиката, кое ќе опфати обид да се артикулираат и предложат опции како решенија на овој предизвик,  најмногу беше пресретната и препозната од граѓанските здруженија и од јавноста.

Итно формирање на работна група во Владата и да не дозволиме нови случаи како Мемет Камбер

Од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, велат дека „моментно близу 1000 лица во земјава се без документи и се под закана да ја имаат истата судбина како Мемет“.
– Ромските населби се соочуваат со проблемот на влез на населбите во урбанистичките планови. За да може еден дом да се легализира потребно е населбата да е дел од ДУП и/или ГУП. Предлог Законот за легализација на бесправно изградени објекти не успеа да ја реализира својата цел и да обезбеди легализација на домовите на овие сиромашни семејства, туку честопати беше користен за други цели. Проблемот со легализација покрај тоа што им го оневозможува уживањето на основни човекови права, дополнително ја доведува ромската заедница во состојба каде што не можат да го докажат правото на сопственост врз земјиште и оваа состојба се пресликува на идните генерации со можност/закана за нивно иселување, но, исто така им создава потешкотии во пристапот до комунални услуги (вода и електрична енергија). Поради овие проблеми потребно е итно да се изготви и изгласа законско решение кое ќе им овозможи основни услови за живот за оваа категорија на граѓани- велат од „Ромалитико“.

За лица кои немаат документи, решение може да биде и алтернативна можност за пријава на адреса во Центарот за социјални работи или општината, порачуваат од оваа организација, како што во претходна изјава, порачаа и од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).
Од „Ромалитико“ апелираат за итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи.
– Тагата е неизмерна, меѓутоа не треба да дозволиме да имаме уште вакви случаи како Мемет, порачуваат тие.

До кога државата нема да преземе одговорност за лицата без лична идентификација?

Кон реакциите за итност од решавање на оваа проблематика се приклучи и Здружението Иницијатива за правата на жените во Шуто Оризари.
Од таму прашуваат: „До кога младите лица ќе ги губат животите поради неажурност на државата?“
– Да се потсетиме, пред само две години почина и 19-годишниот Тони Сали. Причините за прераната смрт на ова момче сѐ уште не се познати, затоа што ова момче немајќи извод, никогаш немаше ни здравствена книшка, а ни лична карта. Пари за приватни лекарски прегледи, ова социјално загрозено семејство, немаше. До кога државата нема да преземе одговорност за лицата без лична идентификација/лица надвор од системот за здравствено осигурување? До кога ќе треба да згаснуваат млади животи за да се направат промени во законот за стекнување на лична идентификација? – прашуваат од Здружението.
И нивниот апел е на адреса до институциите „веднаш да изнајдат соодветно решение за олеснување на постапката за стекнување на прва лична карта, односно доколку и двајцата родители се живи, но, едниот од нив поради непознати причини не живее со детето, да не постои пречка за стекнување на лична идентификација на детето“.

Тромави институции и недоволна информираност

Веста за згаснување на еден млад живот кој се најде во правните лавиринти на државата е уште еден доказ за итната потреба од решавање на проблемот со добивање на државјанство и упис во матичната книга на родени, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

– Остварување на основните човекови права не смее да биде привилегија во една држава, а државата пак има обрска да овозможи остварување на овие права на секој човек, согласно меѓунардните стандарди и европските документи на кои како демократска држава сме обврзани. Досегашните напори на државата за упис на овие луѓе не е доволна. Објавувањето на јавниот повик за упис во матична книга на родени во 2018 и 2019 година и донесувањето на Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени беа сепак привремени решенија со цел да се олесни пристапот до одредени права. Немањето сеопфатна стратегија, тромавоста на институциите и недоволната информираност на граѓаните за постапките за упис во книгата на родените, резултира со недоволен број на уписи на лица кои се без државјанство, стои во реакцијата на Хелсиншкиот комитет.

Нагласуваат дека е потребно е итно системско и стратешко решение за овие луѓе, кое ќе опфати работа на терен и помош на лицата кои не се запишани во матичната книга на родени, кои немаат лични документи и државјанство за да се одбегнат трагичните исходи како во случајот на младиот Мемет Камбер.

Да не оставиме да помине ниту ден повеќе!

Апел веднаш по трагичната вест испратија и од Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) во Скопје.
– Правото на живот доаѓа прво. Сите други права се надградуваат на него. Апелираме ова да биде последниот случај каде правата на поединецот се загубени во системот. На располагање сме целосно и постојано, заедно со сите наши партнери, за да дадеме целосна поддршка да се отстранат недореченостите и конфликтите во законските решенија и имплементацијата. Ризикот од бездржавјанството претставува секојднева опасност по животот и здравјето на засегнатите лица – да не оставиме да помине ниту ден повеќе. Веќе е предоцна! – велат од таму, при тоа упатувајќи ги сите ранливи лица кои имаат предизвици со личната документација да побараат поддршка од Македонското здружение на млади правници.

Мемет Камбер

Секој има право да каже „Јас припаѓам“! Крај на бездржавјанството – сега!

„Лице в лице“ веќе пишуваше за ставовите на оваа невладина организација која е од огромно значење за патувањето низ правните лавиринти на маргинализираните лица кои се соочуваат со бездржавјанство и лична документација.

– Прераната смрт на Тони Сали кој цела деценија водеше битка за да добие извод на раѓање и здравствена книшка не беше доволна за да ја зацврсти волјата за брзо и ефективно решавање на оваа горлива состојба, да не се случи уште еднаш. Зошто сѐ уште имаме сограѓани без лични документи, кои не може да се школуваат, лекуваат, патуваат и живеат сигурно и безбедно, кои живеат без државјанство или во ризик од бездржавјанство? – прашуваат од МЗМП. 

Оваа организација долги години работи на заштита и унапредување на правата на овие лица преку правна помош и застапување со поддршка на УНХЦР.
– Во нашата пракса се истакнуваат две правни ситуации поради кои дел од нашите сограѓани не можат да добијат лични карти и правен идентитет, а со тоа и стануваат невидливи за општеството. При барање за издавање на прва лична карта се бара да се обезбеди присуство на родител/старател како што е предвидено во упатството на Министерството за внатрешни работи. Укажуваме дека ова барање предвидено во упатството не е во согласност со законот за лична карта и правилниците, а МВР мора што поскоро да предвиди ситуации во кои лица како Мемет Камбер кои не се во можност да обезбедат присуство на родител или старател од најразлични причини, да имаат можност да добијат лична карта, а со тоа и пристап до здравствена и социјална заштита и други права, објаснуваат од МИЛА.

Втората правна ситуација се однесува на лица кои што живеат во импровизирани живеалишта и нелегализирани објекти и не може да пријават адреса на живеалиште, а со тоа и да добијат лични документи.
– Државата не смее да ги ограничува луѓето во пристап до права поради нивната економска и социјална положба. Во голем број земји лицата што немаат сопствен дом пријавуваат живеалиште на адреса на најблискиот центар за социјални работи. По години застапување повторно апелираме да се донесе Закон за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација. Правото на лични документи е основен предуслов за остварување на сите права, не смееме да ги заборавиме нашите сограѓани, мора да ставиме крај на бездржавјанството сега, децидни се од ова Здружение, барајќи од сите чинители да ги преземат потребните чекори за оваа година да се стави крај на бездржавјанството.

Ниту еден живот повеќе не смее да биде загубен заради немање пристап до услуги од витално значење. Правото на живот и правото на здравствена заштита се основни човекови права и сите граѓани мора да имаат пристап до здравствена заштита.
– Секој има право на правен идентитет кој му дозволува пристап до права и услуги.
Секој има право да каже „Јас припаѓам“. Кренете го вашиот глас и придружете ни се во повикот да се стави крај на бездржавјанството сега! – повикуваат од МИЛА. 

Тони Сали

Претходни текстови:

Личната карта зависи „лично“ и од ажурноста на државата / 26.05.23

Првото влегување во болница за Мемет стана и последно / 25.05.23

Напишете коментар