Доза вести

Резултати и препораки од Трошковната анализа на цената на менструални производи за потребата на средношколките на територија на град Скопје

Организацијата Балканска Водна Мрежа го сподели Извештајот од Трошковната анализа на цената на менструални производи за потребата на средношколките на територија на град Скопје.
Оваа анализа се спроведе во рамки на иницијативата „Борбата против менструалната сиромаштија – неостварено изборно ветување, спроведувана од Балканска Водна Мрежа во рамките на проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС)“. Целта на иницијативата е да ја мониторира отчетноста и реализацијата на изборното ветување на ДОМ за искоренување на менструалната сиромаштија.

За таа цел Балканска Водна Мрежа направи трошковна анализа за потребата од бесплатна поделба на менструални производи за средношколките од Скопје. Од анкетирани 328 средношколки од пет средни училишта, како и со анализа на трошоците за различните типови менструални производи, истражувачкиот тим ги изведе следниве заклучоци:

Просечниот месечен трошок за менструални производи за нашата целна група изнесува 420 денари. Ова претставува значителен дел од месечните расходи и може да се смета за финансиско бреме, особено за семејства со повеќе жени во репродуктивен период, како и со семејства со ниски приходи.

Град Скопје за потребите на сите средношколки треба да издвојува 1.091.808 евра годишно, односно за менструални производи за 13.314 ученички тоа се 5.591.880 денари или 90.984 евра месечно.

Влошките за повеќекратна употреба беа идентификувани како најсоодветна опција со намалени трошоци во долгорочен поглед. Проценката е дека користењето на влошките за повеќекратна употреба би ги намалило месечните трошоци за менструални производи за повеќе од 94 % во споредба со употребата на стандардни производи.

Вложувањето во повеќекратно употребливи менструални производи, како што е менструалната чашка се покажа како една од најефективните начини за намалување на трошоците на долг рок. Според анализата, употребата на менструалната чашка може да го намали месечниот трошок за менструални производи за 93% и да се допринесе за значителна заштита на животната средина преку намалување на отпадот од еднократни производи.

Од трошковната анализа произлегува заклучокот дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија.

Врз основа на резултатите од анализата, Балканска Водна Мрежа ги дава следниве препораки:

-Градот Скопје и релевантните институции треба да разгледаат и прифатат мерки за обезбедување на бесплатни или субвенционирани менструални производи за жените и девојките со ниски приходи.

-Образовните институции треба да обезбедат образование и свесност за менструалното здравје и алтернативните опции за менструални производи, со фокус на младите девојки.

-Инвестирање во истражување и развој на економски прифатливи и еколошки одржливи алтернативни производи за менструација треба да биде поддржано и стимулирано.

-Невладините организации и заедницата треба да продолжат со подигање на свесноста и за менструалната правда, со фокус на социјално-економски ранливи групи.

Потребата од информирање и едукација ја покажаа и дебатите со ученички кои не знаат за иницијативата, темите како менструална сиромаштија и менструална хигиена им се непознати, па и табу, алтернативните решенија се познати само за многу мал дел, а не се запознаени ниту со можностите за мониторирање на отчетноста на институциите.

Балканска Водна Мрежа во рамки на проектот од 1 февруари до 15 јуни процесот на отчетност и спроведување на изборното ветување го следи и преку мониторинг матрица, а резултатите добиени на месечно ниво може да се најдат на следниот линк: https://electoralreforms.mk/single-initiative-2022/?ID=4605

Целосната трошковна анализа е достапна на следниот линк: https://balkanwashnetwork.org/wp-content/uploads/2023/05/TROSKOVNA-ANALIZA-BVM-menstrualni-proizvodi-za-srednoskolki.pdf

Балканска Водна Мрежа се обврзува да продолжи да ја мониторира транспарентноста на трошоците за менструални производи и да се бори за подобрување на менструалната правда во нашата заедница.

Активностите се дел од проектот „Поддршка на изборни реформи” на Владата на Швајцарија, имплементиран од Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Искажаните ставови, мислења и содржини на овие активности не мора да ги отсликуваат ставовите на донаторот, проектот или имплементаторот.”

Напишете коментар