Доза вести

Театарскиот перформанс „Оклоп“ фрла светло врз приказните и предизвиците на лицата со попреченост

Како општеството гледа на лицата со телесна и интелектуална попреченост? Како тие лица гледаат на самите себе? Кои се предизвиците со кои се соочуваат секојдневно? И дали немоќта на младите да влијаат на сопствениот живот е еден нов вид на „социјална парализа“?

Одговорот на овие и многу други прашања се само дел од документарниот перформанс „Оклоп“, во режија на дипломираната актерка Аница Бебиќ.  
Перформансот, кој комбинира актерски монолози и вистински интервјуа на темата: лица со попреченост, ја имаше својата онлајн премиера во декември и неколку репризи годинава, а повторно ќе се прикажува на 27 и 28 март во 20 часот.

Идејата за ова претставување е на Бебиќ, а како актери учествуваат и Захарија Ангелеска и Филип Трајаноски. Учесници се и Тома Димовски, ликовен уметник, и Искра Донева, поетеса. Музиката е на Оливер Јосифовски, а Маја Крстеска е кореограф.
Интервјуа се направени со Радмила Периќ, Коце Димов, Зоран Костадиновски, Томислав Атанасовски, Марија Филипоска, Нада Костоска, Ангела Чингоска и Зоран Мијалков, како и еден родител кој посака да остане анонимен. Сите тие се придружија на екипата на „Оклоп“.  Некои од нив работат со овие лица, некои се членови на нивните фамилии, а некои и самите се лица со попреченост од повеќе градови низ земјава.

Во тимот се и Бранко Блажевски како аудиовизуелен техничар и монтажер, снимател е Илија Жоговски, а Теано Кардула го креираше театарскиот постер. Преводот на англиски е на Анетка Копачева и Димитар Златески, како и на знаковен јазик, направен од Викторија Волак.

Претставата е работена во организација на „ЕТНА-АРТ ФУЗИЈА“ од Крушево, со поддршка на германската амбасада во Скопје и Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија (Оддел за промоција на човекови права).

Онлајн прикажувањето е проследено со превод на англиски и македонски во аудио и во визуелна форма, како и со превод на знаковен јазик.
Времетраењето на перформансот е 1 час и 34 минути, а линкот за гледање е поставен и на официјалната фејсбук страница ОКЛОП – A Suffocating Shield и на инстаграм профилот a_suffocating_shield.

Напишете коментар