Доза вести

Валентин Ракип: Среќен сум, конечно добив лична карта!

„Среќен сум, иако траеше многу долго! Сега знам дека немам пречки да посегнам по сите соништа за кои беше неопходно да сум и правно видлив.
Тоа што работев продавајќи „Лице в лице“, што учев, што бев волонтер, дел од жири комисии… не беше доволно за системска  видливост. Нештата се менуваат, и тоа дава надеж“.

Младиот 21 годишен Валентин Ракип нѐ посети во канцеларија и со широка насмевка ни зборуваше за радоста што правниот лавиринт е изоден, личната карта е извадена, и излезот сега нуди многу можности.
Оваа промена доаѓа речиси половина година по смртта на неговиот колега по продажба на „Лице в лице“, Мемет Камбер, кој својот живот го заврши правно невидлив. Онака и како што се родил. Неговата смрт ги разбранува сите можни адреси во  земјава каде може да биде запишана одговорност  за пропустот кој чини не само соништа, туку и живот.
За Камбер, предоцна, но, за многу други млади животи, законските и системски промени за лицата без државјанство и лична документација, донесени после смртен исход, значи нова шанса за поинаков живот.

Заедно низ пречките кои изгледаа несовладливо

Валентин Ракип, момчето кое растеше со силна поддршка на Дневниот центар за деца на улица, зрееше како продавач на „Лице в лице“ и го пронајде својот пат преку социјалното менторство, сега си трасира еден постабилен пат,  исполент со интереси како и секој друг млад човек.
До пристигнувањето во оваа фаза од огромно значење беше поддршката што ја имаше од неговата посветена социјална менторка, Магдалена Чадиноска – Кузманоски, која со него работеше цели две години. Заедно ги минуваа сите пречки кои, „на прва“ изгледаа несовладливи.

Јас на некој начин пораснав во Центарoт за деца на улица и нема никогаш да заборавам што направија тие за мене и за моите браќа и сестри. Ме поврзаа и со „Лице в лице“ и потоа од таму добив менторка која две години работеше со мене, и сѐ уште ме поддржува и менторира. Мислам дека немаше човек што не знаеше дека сум лице без документи. Секаде каде што слушнав дека можат да ми помогнат, секаде се обидов и се обратив за помош. Но, морам да ја издвојам мојата работа со менторката Магдалена,. Од самиот почеток осетив дека се работи за поинаква поддршка и ангажираност. Многу луѓе ми ветуваа дека ќе ми помогнат. Едните само ветуваа, другите навистина се обидоа, но никој не успеа да ја заврши работата до крај, се присетува Ракип.


Вели, „со Магде беше поинаку“.

Таа веднаш стапи во контакт со Александра од Здружение на млади правници и заеднички  успеаа вистински да ме поддржат. Во меѓувреме, менторката ми најде и работа и тоа онаква каква што отсекогаш сакав. Тоа ми помогна да излезам од секојдневието, од средината, но, и од финансиската криза. Ми се случи најголемата промена во животот и секогаш ќе бидам благодарен за тоа. Сега, откако имам и лична карта, ми се исполни и најголемиот сон, да бидам препознаен од системот и да бидам како сите други граѓани, ни вели Ракип.

Социјалната менторка Чадиноска Кузманоски, вели дека и за неа, и за нејзината работа, движечка сила биле токму неговата мотивираност и потенцијал.

Знаев дека може и си ветив и себеси дека таму каде што ни се затворени вратите, ќе влегуваме преку прозори, ама Валентин мора да добие матичен број и лична карта. Ме вознемируваше несериозноста на системот за вакви сериозни прашања и таквата нивна ноншалантоност во мене будеше некоја чудна мотивираност, да покажеме дека вака не може. Македонски идентитет добиваат луѓе кои воопшто не се родени во земјава, но за некои државни интереси, сепак, одлучуваме и по брза постапка да им доделиме државјанство, а на луѓе како Валентин, кои се тука родени, туку пораснале и сакаат да придонесуваат за нашата заедница, тоа право им го кратиме – вели Чадиноска Кузманоски.


Додава дека додека работела со Валентин, не постоела релевантна институции и шалтер на кој не се обратиле, но, за жал, наидувале на некои апсурдни правила.

Само уште еднаш ми се потврди дека институциите не ги слушат потребите од теренот, па затоа и не ги менуваат правилата. Но и тоа дека, за жал, тие важат само за најранливите. Јас не сум правник, па затоа одлучив да стапам во контакт со Здружението на млади правници, со кои Валентин веќе имаше соработка. Заедничката наша упорност, истрајност и ангажираност беше добитна комбинација кон успехот. Најважно од сѐ е што денес Валентин има матичен број, извод од матична книга на родените, лична карта и работа. Сега му е време да замисли нови желби, затоа што тие со кои прв пат дојде во канцеларија, ги исполнивме – порачува Магдалена.

Заложби да нема повеќе невидливи лица

По случајот со Мемет Камбер, 19-годишното момче без документи кое почина поради недијагностициран дијабет, Собранието ги усвои измените на Законот за матична евиденција кои овозможуваат решавање на сите познати случаи на бездржавјанство, како и секое дете родено во земјата да добие извод при раѓање, без разлика дали неговите родители се без документи или без државјанство.

За таа цел во тек се регионални работилници организирани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНХЦР низ земјата, за да се обучи административниот персонал за практична примена на новоусвоените измени и дополнувања на Законот за матична книга на родените во врска со задоцнета регистрација на нерегистрирани лица во Северна Македонија.

Според Александра Цветановска, претседателка на Македонското здружение на Млади правници, кое веќе 13 години обезбедува бесплатна правна помош за регулирање на престој за упис во државјанството и упис во матичната книга на родените, со овие измени овие лица повеќе нема да бидат невидливи лица и ќе ги уживаат сите човекови права.

До крајот на 2023 законот предвидува сите лица со документи од посебната матична книга на родените и тие кои се во посебната евиденција да се запишат во редовна. Истовремено е зголемена улогата на Центрите за социјална работа во постапката за упис во матичната книга на родени, како и можност извесни факти кои не можат да се утврдат на друг начин, да се утврдат со посебни изјави заверени на нотар.

Во тек е и подготовка на упатство за водење на матични книги согласно новиот закон, обуки за матичарите и вработените во ЦСР, како и решавањето на случаите.

Напишете коментар