Доза вести

„Зрно“ те предизвикува – научи нови фотографски техники

Маја Раванска

Со намера да ја раздвижи локалната фотографска средина, за прв пат, од 6-ти до 10-ти јули ќе биде организиран Меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.
Разговараме со тимот на „Зрно“, или со Зрнцата, како што велат, за да откриеме што може да очекува публиката, но, и да ја промовираме заложбите кои носат ретки искуства и можности, поттикнувајќи нè кон раздновидност во фотографскиот приод, наспроти, она што ни е вообичаено – дигиталната фотографија.

Зошто „Зрно“? Од каде потребата, која е симболиката на името, зошто фестивал како формат?

– Прво, зрно, како фотографско зрно, е скоро па омразено во дигиталната фотографија, а толку убаво и сеприсутно на алтернативните фотографски процеси. Во дигиталната фотографија тоа е електронски шум, нешто непосакувано, производ на единици и нули. Дуално, линеарно, вештачко, предвидливо, често и грдо. Во аналогната фотографија тоа е, нелинеарно, недуално, непредвидливо, шарено и органско, што нè води и до други значења. Како зрно, кое засадено на плодна почва и со љубов, може да израсне во огромен баобаб. Или ДабСекако, алудираме на можноста за растење.Особено ако тој „даб“ расте во „шума“, опкружен со слични на него. Ем и преводите на овие значења на англиски јазик се соодветни со значењата како и на македонски. Па ни се виде симпатично.  А и двете значења зависат и ја слават светлината и сонцето.
А фестивал, според нас, некако е заборавено основното значење на зборот, а тоа е фешта, славење на … сакаме да уживаме во и да ги „славиме“ овие благородни фотографски процеси. Сакаме луѓето да се чувствуваат убаво. Искуството ни покажало дека кога луѓето си играат, кога се комотни и се чувствуваат убаво – најлесно учат. Во програмата нудиме изучување на неколку прекрасни и подзаборавени фотографски процеси, изложби, неформални разговори (други би рекле-предавања) поврзани со фотографијата, но во суштина, сакаме да креираме место каде што ќе може хедонистички да се расте заедно со луѓе со кои делиме исти страсти. Тоа, се обидуваме, да го овозможиме да биде по цени многу попристапни од она што го има наоколу. За да може луѓето да си дозволат да научат (а процесите се навистина скапи), да изградиме заедница која ќе креира-за да растеме заедно!

Лумен принт, колодиумска фотографија, камера обскура… Заинтересираните ќе можат да посетат работилници и да видат дела во овие техники, а на програмата на првото издание имате најавено токму работилници за овие техники. Кога ќе се случи фестивалот, каде и што точно ќе има на програмата?

– Основата на ова издание ќе се работилниците на кои ќе можат да се изучат дел од алтернативните процеси. „Зрно“ ќе се случува од 6-ти до 10-ти јули, на локација која сè уште ја држиме како тајна! Тоа подобро звучи отколку да кажеме дека имаме неколку, и не сме пресекле каде. Имаме големи амбиции да промовираме еден заборавен и прекрасен простор во Скопје, ама сè уште не можеме тоа да го потврдиме. Знаеме дека е доцна и ни гори под нозе. Друга опција е на планина, во едно убаво село. Особено сега кога дознавме дека не сме поддржани од буџетот за култура од градот Скопје (кој сака да е европска културна престолина!) Наскоро ќе објавиме. Главно ни е просторот да може да поддржи да се направат неколку темни комори и да биде пријатен за престој и за работа.

Лумен принт Кети Талевска
Лумен принт-Кети Талевска

Нудиме неколку работилници, кои би се одржале, доколку за секоја има одреден минимум пријавени. Ќе имаме работилници за лумен принт, под водство на Кети Талевска, која минатата година имаше прва (и прекрасна!) изложба на лумени кај нас. Работилница за цијанотипија, еден процес кој нуди неверојатни можности за креативно изразување, и веруваме дека ќе е интересен не само за фотографи и други визуелни уметници, туку и за луѓе кои сега би сакале да почнат креативно да се изразуваат. Цијантипијата сето тоа го нуди, и тоа на едноставен начин. Гумотипија,
еден сериозно благороден процес.  Класична црно бела фотографија (развивање црно бели филмови и правење на позитиви на хартија), водена од реномирана професорка по фотографија од Белград, Ивана Томановиќ позната и како уредничка на култното „РеФото“. Камера опскура, еден прекрасен, непредвидлив пристап кој ја содржи самата суштина и елементарност на фотографијата и мокар колодиумски процес, еден од потешките благородни процеси, кои даваат фасцинантни резултати.
Ќе претставиме и две изложби, првите изложби на лумени и цијанотипии кај нас. Изложбата на Талевска и на Алушевски.

Што ново (да не речеме, ретко видено) ќе види публиката и ќе има можност да учествува и да учи?

– Сè што нудиме е ново за нашава средина. Сите процеси кои ќе се изучуваат, освен класичната црно-бела фотографија, кај нас ги работат по еден или двајца.  Тоа, слободно може да се рече дека е  ретко видено  и во регионот. А сè вака собрано на едно место, според она што го знаеме, уште поретко и во светски рамки. Имаме можност да изградиме светски бренд и само уште да имаше минимум слух кај оние кои треба да нè поддржат соодветно, ќе беше голем бум. А веќе нè контактираат разни платформи, фестивали, автори од разни делови од светот.

Велите, „под алтернативна фотографија, ја подразбираме сета убавина, сите подзаборавени процеси на олд скул фотографијата, но и модерни експертиментални пристапи…“ Како ова да го објасниме на читателите, кои реагираат на „една слика-1000 зборови“, но не знаат точно што има зад процесот, креативноста и уметноста на фотографијата?

– Олд скул не велиме 🙂 А можеби и нема потреба да објаснуваме, можеби, кој е заинтересиран за ова, да се загледа во ЗРНОто, зрното само ќе му рече. Ако треба да се објасни оваа поетска алузија, би рекле дека не знаеме дали веруваме во обични и необични читатели, ама од искуство знаеме дека овие, подзаборавени техники имаат своја специфична естетика, која никого не оставаат рамнодушен. И секако,  за секого, на различни нивоа-делата направени на овие благородни фотографски процеси се препознатливо различни од сеприсутната дигитална фотографија. Така што-една ваква „слика“ најчесто има барем едно, до 1000 ВАУ како реакција.

Освен уметничкиот, едукативен и креативен дел на фестивалот, ветувате и одговорност кон средината, преку садење дрва. Ве молам објаснете за ова.

– Едноставно е. Сфативме дека покрај страста кон фотографијата, сите делиме и некој посебен однос кон природата. На првиот состанок кога имавме милијарди идеи за сите нешта, единствено нешто за кое веднаш се согласивме е дека, што и да се случи или да не се случи, ние сакаме да посадиме најмалку 5 дрвца. Уште пред да знеме дека ќе се викаме „Зрно“. А сега  сето тоа баш фино се вклопи. А ако тоа некој и го забележи-уште подобро, можеби ќе дадеме пример и на други луѓе, организации, компании, дека тоа е нешто едноставно а толку важно. Неколкумина од нас со години  `ртат зрна ( желади, костени, ореви) и „партизански“ ги засадуваат на соодветни места, без многу помпа, а изненадени сме колку луѓето го сметаат тоа за нешто посебно, и тешко! Можеби не знаеме баш да го објасниме сето тоа, ама сакаме баш да покажеме колку е сето тоа едноставно и лесно. А толку важно. Барем малку да вратиме на природата за хартијата што ќе ја потрошиме на „Зрно“.

Поставена е и продавница, за сите кои сакаат да дадат свој придонес кон фестивалот, но и да имаат маица/торба со логото. Ќе има ли опции и за печатење на некои од делата на лице место?

– Да убаво што прашавте :-). На самите работилници ќе се изработуваат фотографии со различни техники. Некои од тие дела ќе ги понудиме и во продавницата (ем што сме кратки со финансии, ем, така даваме можност нечие дело, да краси нечиј ѕид на обострана радост!). Бараме фер начини да направиме буџет кој ќе нè направи присатпни од страна на учесниците, а сепак да одржиме висок квалитет. А тоа не е едноставно. Ќе понудиме можност, во одредени денови, и заинтересирани луѓе кои сакаат да видат, да се зпознаат, да пробаат – да можат да го сторат тоа и да си ги понесат изработките дома. На страницата на „Зрно“ www.grain.mk
можат да се видат сите тие нешта, заинтересираните да се пијавуваат, за работилници или еднодневни посети и слични нешта. Исто така, на сајтот и на страницата на indiegogo.com, може да се најде нашата кампања за прибирање сретства за фестивалот. Многу би ни значела секаква поддршка од читателите.

Кој е тимот зад Зрно и што ви е најпотребно сега, пред фестивалот?

– Ќе го претставиме овде тимот кој го иницираше ова, а сега се проширува. Идејата за вакво нешто кај некои од нас постои со години, но до сега не сме се осмелиле да се обидеме. Како целина се склопи на еден фото-курс. Луѓето кои го почнаа „Зрно“, нека запамети историјата J се:
Викторија Мачковска, студент на археологија и водителка на работилницата за цијанотипија
Мартина Пенева, аритектка, фотографка, дел од тимот кој се грижи за визуелниот идентитет на зрно.
Мартина Павлоска, моделка од Милано, со голема страст за полароиди, единствена писмена за социјални мрежи од сите нас.
Јелена Белиќ, архитектка, фотографка, ќе го понуди своето искуство на работилницата за аналогна фотографија.
Кети Талевска – Бакревска – со години се бави со фото и видео, работела разни аналогни процеси, ќе ја води работилницата за лумен принтови.
Сашо Алушевски – фотограф и учителка по фотографија. Првиот кај нас кој пред години почнал да си игра со разни алтернативни процеси.
Владо Димоски – главна поддршка на сите уметници во Македонија, со децении. Со совет, со опремување и местење на изложби. Човекот од сенка, заслужен за она кое другите го уживаат.

Како „ЗРНО“, отворени сме за соработка на разни планови со поединци, здруженија, институции и компании. Отворени сме за идеи и ќе ја бараме поддршката од заедницата, за да направиме успешно сефте издание.
И ги повикуваме сите заинтересирани да се пријават, местата за учество се ограничени, заради самата природа на процесите.
Да растеме заедно!

Напишете коментар