Доза вести

„Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ – кампања за важноста на инклузивното образование и вклученост на децата со попреченост

Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ од 5 до 15 мај го спроведува проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Овој проект е наменет за кревање на јавната свест за важноста на инклузивното образование и вклученоста на децата со попреченост во редовните основни училишта.

– Како дел од кампањата изработени се три видеа со ученици, наставници и родители кои ги претставуваат клучните алки во инклузивното образование. Тие, преку испратените пораки, повикуваат на прифаќање, почитување на различностите и еднакви права за сите деца. Училиштата претставуваат место каде децата можат да се дружат, растат и развиваат, да практикуваат емпатија и соработка и да ги поставуваат основите за идното инклузивно општество. Инклузивната клима во училиштата овозможува секое дете да добие можност да го постигне својот потенцијал и да ги оствари своите цели и соништа, велат од Фондацијата.

Видеата се достапни на македонски и албански јазик на ЈуТјуб каналот на Фондацијата за образовни и културни иницијативи на следниот линк.

Од Фондацијата велат дека овој проект се застапува за инклузивно образование и придонесува кон вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта. Проектот е финансиран од Европската Унија. Фондацијата „Чекор по чекор“ го спроведува овој проект заедно со Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“, во соработка со Министерството за образование и наука.

Како дел од активностите, Проектот поддржува со месечни стипендии 470 ученици со попреченост, обезбедува обуки за наставниците и членовите на инклузивните тимови и за образовните асистенти од два ресурсни центри, како и туторска поддршка за учениците-стипендисти на проектот, а се реализираат и активности за подобрување на пристапноста и инклузивноста на училиштата. 

Напишете коментар