Доза вести

Достапните сервиси се клучни за заштитата на жените од насилство

Kолку се попристапни услугите во локалната заедница, толку поохрабрени стануваат жртвите на насилство да побараат помош, беше посочено вчера на настанот во новото советувалиште за жени жртви на насилство во Општина Струмица. Преку ова ново советувалиште, жени кои доживеале насилство, бесплатно добиле над 180 услуги за психосоцијална поддршка и правна помош, вклучително жени од рурални средини, жени со попреченост и припаднички на етничките малцинства.
Станува збор за  прв специјализиран сервис во Југоисточниот регион што нуди психосоцијална и бесплатна правна помош за жртвите на насилство. Во оваа насока, вчера започна и локалната кампања за зголемување на свеста за родово засновано и семејно насилство, која се  спроведува од здружението на граѓани „Скај плус’’, во рамки на проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи’’, под водство на ХЕРА – Асоцијација за здравствено образование едукација и истражување, и UN Women Скопје, со финансиска поддршка од страна на Европската Унија.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска изрази силна поддршка за воспоставувањето на советувалиштето во Општина Струмица, како форма на превенција, психосцијална поддршка и заштита на жртвите на насилство.

– Со отворањето на советувалиштето ги опфаќаме сите плански региони на државата, тие се блиски до граѓаните односно до жените жртви на семејно насилство и нивните деца. Со тоа ја потврдуваме заложбата на владата и Министерството за труд и социјална политика, и по  ратификацијата на Истанбулската конвенција и  донесувањето на Законот за спречување и заштита врз жените и семејното насилство дека  ќе отвораме на годишно ниво по пет вакви сервиси, потребни за жртвите на насилство, но ќе отвораме и сервиси кои ќе работат со сторителите на семејно насилство, затоа што семејното насилство е комплексен проблем – рече Тренчевска.

Во нашиот регион UN Women дава поддршка преку регионалната програма Имплементирање на норми, менување на ставови, финансирана од Европската Унија, која се имплементира во Западен Балкан и Турција од 2017 до 2023 година.  
Ирена Спирковска од UN Women Скопје посочи:
– Една од стратешките цели на UN Women е ставањето крај на насилството врз жените и девојчињата. Имплементацијата на Истанбулската Конвенција е клучна во овој процес, исто како и поддршката на граѓанските организации кои работат во оваа област.

Просторијата во кое е сместено Советувалиштето е обезбедена од страна на Општина Струмица. Советувалиштето е поддржано 9 месеци од страна на ХЕРА и УН Вомен,а останатите три месеци ќе биде финансиски поддржано од страна на Програмата за еднакви можности на мажите и жените на Општина Струмица.

Напишете коментар