Доза вести

Документарниот филм „модна ревија: од глада худик до њујорк“ – вечерва и утре во кинотека

ПРИКАЗНАТА ЈА СЛЕДИ ЕМА ЕРТЛУНД, ДЕВОЈКА СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ КАКО ГО ОСТВАРУВА СВОЈОТ СОН ДА УЧЕСТВУВА НА МОДНА РЕВИЈА

Документарниот филм „Модна ревија: Од ’Глада Худик‘ до Њујорк“ во режија на Јохан Ског ќе биде прикажан вечерва во 20 часот и утревечер во 18 часот во Кинотеката на Северна Македонија.

Станува збор за особено популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк. Филмот покажува колку е важно да се бориме за нашите соништа и да веруваме дека можеме да ги надминеме сопствените граници. Приказната ја следи Ема Ертлунд, девојка со интелектуална попреченост како го остварува својот сон да учествува на модна ревија. Заедно со група актери од театарот „Глада Худик“ возбудливо и емотивно патување започнува со цел да се оствари сонот на Ема, да биде во центарот на вниманието на голема модна ревија.

Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром, Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон и др.

Секој гледач ќе добие подарок – книгата „Не престанувајте да се гушкате“ на Оса Елмрот – книга со цитати и мудри мисли на актерите од театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска. Книгата неодамна беше преведена на македонски јазик, во рамките на проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е „Глада Худик“, со поддршка на Шведскиот институт.

Театарот „Глада Худик“ е основан во 1996 година од Пер Јохансон, кој смета дека секој од нас треба да биде продолжена рака на луѓето што имаат некаква попреченост. Актерите во овој театар се вистински ѕвезди во Шведска и помогнале многу во борбата со предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост

Напишете коментар