Доза вести

Нобеловката Светлана Алексиевич ја добива книжевната награда „Букстар

Време на читање: 3 минути
- банер -

Нобеловката Светлана Алексиевич е добитничка на годинашната награда „Букстар“ за книгата „Војната нема женско лице“, во рамки на осмот Фестивал на европската литература „Букстар“ (BookStar) организиран од издавачката куќа „Антолог“. Ќе се одржува од 3 до 5 октомври 2022 на неколку локации во Скопје под мотото „Храбри нови зборови“ / Brave new wor(l)ds.

-Судејќи не толку по личниот (украински) сентимент, колку по тоа што го направила како автор и човек, не постои друга личност од сферата на литературата што толку безрезервно го живее годинашниот слоган на Фестивалот како што е тоа Светлана Алексиевич. Поради тоа и поради нејзиното монументално дело одлучивме годинашната награда „BookStar“ да ја доделиме на првата книга од нејзината петтотомна епопеја – „Војната нема женско лице“, соопшти „Антолог“.

Оригинално објавена во 1985 година до денес книгата, наведува „Антолог“, не престана да зрачи со својата актуелност: во светот и во Европа оттогаш постојано има војни во кои гинат деца и старци, во кои жените се вклучени и без да сакаат, во која гласот на слабите е потиснат, во која раните се неизлечиви и во кои лудилото на војната не прашува за име и презиме.

-Токму затоа сметаме дека гласот на Светлана Алексиевич е гласот што го води обичниот човек од хаосот на историските лавиринти кон снопот животна светлина што треба да го освои. Храбриот збор и дело на Алексиевич е еден од ретките факели во темнината која (не)очекувано се надвиснува над XXI век. За нашиот книжевен контекст е огромна чест што првата новинарка добитничка на Нобелова награда за литература за 2015 година и авторката на дела што засекогаш ја сменија историјата на литературата ќе биде дел од програмата на Фестивалот „BookStar“ 2022, велат од „Антолог“.

- банер -

Алексиевич е родена на територијата на Советскиот Сојуз пред 74 години во градот Станислав (денешен Ивано-Франковск) на западот од Украина, од мајка Украинка и татко Белорусин. Семејството се преселува во Белорусија, каде што го завршува основното и средното училиште и пред да дипломира на Белорускиот државен универзитет веќе почнува да работи како новинарка која многу бргу станува успешна и препознатлива.

– Во текот на нејзината долгогодишна кариера се извештува да создаде авторски стил кој се базира на лични сведоштва…Нејзиното „книжевно“ творештво (кое исто така може да се стави под интерпукциски знаци, бидејќи тоа ги надминува строгите граници на книжевниот дискурс) се состои од пет книги кои се инспирирани од драматични настани на советската историја: Втората светска војна, војната во Авганистан, распадот на СССР и нуклеарната катастрофа во Чернобил. Во текот на својата кариера во Белорусија честопати била обвинувана за „клевети“, „сквернавење“, па дури биле водени и судски процеси против неа во периодот од 1992-1996 година. Поради силниот политички прогон против Алексиевич, во 2000 година ја напуштила државата и една деценија живеела во прогонство во Париз, Гетебург и Берлин. Во 2011 се вратила во Минск, но не за предолго. Заради нејзиниот ангажман и учество на антивладините протести во 2020-2021 против претседателот Лукашенко на 28 септември 2020 повторно принудно ја напушта Белорусија и заминува во Германија, а нејзините книги се отстранети од белоруските училишни програми. Со почетокот на руската инвазија во Украина продолжува со критиките на белоруската вмешаност, наведува организаторот на фестивалот „Букстар“.

За книгата за која е наградена – „Војната нема женско лице“, „Антолог“ посочува дека е една од најпознатите книги за војната. За време на Втората светска војна, околу еден милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш ништо не се пишува. Оваа книга ги собира на едно место спомените на стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки. Ова е приказна за жените во текот на војната. Што ним им се случувало, како таа ги променила? Од што се плашеле? Како научиле да убиваат? Овие жени – повеќето првпат во својот живот – ја раскажуваат нехеројската страна на војната, која најчесто не е присутна во сеќавањата на ветераните. Тие говорат за валканоста и за студот, за гладот и за сексуалното насилство, за проблемите и за сенката на смртта. Алексиевич дозволува овие гласови да се слушнат во нејзината трогателна книга, првпат објавена во 1985 година. Авторката ја дополнила во 2002, преработувајќи ги деловите што биле цензурирани и додавајќи нови материјали што првично не било дозволено да се објават.

-Светлана Алексиевич во последните неколку години не прифаќа многу јавни настани, па затоа видеоразговорот со неа на 5 октомври во 21 часот во кино „Фросина“ претставува ексклузивен настан што не смее да се пропушти, најави „Антолог“.

Напишете коментар