Доза вести

Работилница, изложба и музика за одбележување на 15-годишнина на „Зелената арка“

Граѓанската организација „Зелената арка“ одбележува 15 години од своето постоење. По тој повод организираат настан на 23 септември (петок) во 17 часот во општествената градина „Бостание“.

За време на настанот, посетителите ќе може ја погледнат ретроспективната изложба на фотографии, одбрани и најчесто фотографирани од Кирил Шентевски, од досегашното општествено делување на Зелената арка, како и да прошетаат низ општествената градина „Бостание“ придружувани од нејзините основачи, со цел одблизу да ја запознаат, (во терминот од 17 до 17.30 часот).

Посетителите ќе можат да учествуваат и на работилницата за семенски бомби (семини) од 17.30 до 18, часот, која организаторите ја карактеризираат како особено забавна и погодна за деца од сите возрасти.

Исто така, посетителите ќе можат да семенуваат од 18 до 19 часот при есенската размена на семе, да зготват нешто со плодовите собрани од општествената градина Бостание, од 18 до 19.30 часот, а потоа да чујат музички настапи на Хана Корнети и Волтер Мани Ал Хаким, но и музичките сетови на DJ İşcan Twin и DJ Марсо.

„Повелете заедно да се порадуваме што по 15 години пловидба ‘Зелената арка’ создаде пристаниште во општествената градина ‘Бостание’, каде што зачестено се закотвуваме последниве три години. Патем, денот на основањето на ‘Зелената арка’, оваа година се совпаѓа со есенската рамноденица. Ова несекојдневно совпаѓање ќе го означиме прогласувајќи привремена автономна зона во општествената градина ‘Бостание’“, се вели во најавата.

Од организацијата напоменуваат: за да не се остави отпад од пластичен прибор за јадење и пиење, секој да си понесе личен прибор за јадење и пиење од дома и истиот не го заборави во општествената градина „Бостание“.

Општествената градина „Бостание“ се наоѓа тука: https://goo.gl/maps/XyUSizxcnmKThiRW6

Back to list

Напишете коментар