Дурбин, Тема на месецот

Нов ум за нов почеток – вресок од иднината: забранет влез за алчност и егоистичност!

СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА, ВО ПРОСЕК, КОРИСТИ РЕСУРСИ КАКО ЗА 1,7 ПЛАНЕТА, САМО ОСУМ (ОД 2.604) МИЛИЈАРДЕРИ ВО СВЕТОТ ИМААТ СОПСТВЕНОСТ КОЛКУ ШТО ИМА ЕДНА ПОЛОВИНА ОД ЧОВЕШТВОТО, А, ВО ИСТО ВРЕМЕ, ПОВЕЌЕ ОД 800.000 ЛУЃЕ ГОДИШНО СЕ САМОУБИВААТ. СЕТО ОВА, КОЛЕКТИВНО, РАЃА РЕЗУЛТАТИ ШТО НИКОЈ НЕ ГИ ПОСАКУВА, А СЕ РЕЗУЛТАТ НА ЕКОЛОШКАТА, ЕКОНОМСКАТА И НА СПИРИТУАЛНАТА ПОДВОЕНОСТ - ОТО ШАРМЕР, ПРОФЕСОР НА ИНСТИТУТОТ ЗА ТЕХНОЛОГИЈА ВО МАСАЧУСЕТС (МИТ)
автори: Маја Раванска, Анета Ристеска, Ема Тодоровска

„Ја имате моќта, искористете ја! Бидете свесни за неа! Употребете го секој елемент од неа за да создадете свет во каков што сакате да живеете!“
Со овие зборови, нобеловецот и познат социјален претприемач, професорот Мухамад Јунус ги инспирираше младите творци на промени во рамките на Глобалниот самит на социјален бизнис што се одржа неодамна во Берлин. Во публиката на самитот беа лидери на претпријатија и на социјални претпријатија од целиот свет, претставници на институции и на граѓанскиот сектор, но тој се осврна особено на младите, како на движечка сила во која верува дека ќе ги носи општеството и планетата напред, кон одржлив и подобар свет.

Ова е време на промени

Постојниот систем, постојната економија и начинот на функционирање не ни носат добро. Климатските промени, нееднаквостите и сиромаштијата се факти што сите нè засегаат. Технологијата оди напред, а ние имаме предизвик да држиме чекор со неа. Работните места се предизвик и за најнапредните економии.
– Ја дефинираме новата цивилизација – светот на три нули – нула сиромаштија, нула невработеност и нула емисии на јаглерод – нагласува нобеловецот Јунус.
Секако, ваквата нова цивилизација подразбира и нова економија – социјална, инклузивна, циркуларна. 
Меѓународниот монетарен фонд објави податок дека околу два процента од домашниот бруто-производ (БДП) на глобално ниво се одлева од буџетот на државите поради корупција. Светскиот економски форум, пак, во своето истражување од 2018 година, пресметал дека во земјите како Македонија тој процент е дури две третини од БДП. 

Корупцијата е само една манифестација на економскиот и општествен систем во кој правилата ги пишуваат „групите со интерес“, во овој случај политичките, во спрега со бизнисот.

Но и капитализмот самиот по себе, како што уште во 1944 година нагласил политичкиот економист Карл Поланиј, сугерира ориентација кон максимум профит во кој ресурсите на планетата, човековиот труд, па дури и парите се третирани како стока или суровина од страна на „групи на интерес“ собрани околу бизнисот. 

Во еден момент, капитализмот, едноставно, „прогласува“ ресурс што природно не му припаѓа и од него прави профит. Таков беше случајот кога ресурсот природа бил „заграден“ и прогласен за недвижен имот или кога во најново време нашите податоци без наша согласност се прогласени за сопственост на големите магнати како „Гугл“, „Фејсбук“ и „Амазон“ од што се создаде новата форма на капитализам базиран на набљудување.
А ниту природата, ниту, пак, човекот не постојат заради пазарните корелации.

Од бизнис кон социјален бизнис, од егомодел кон екомодел

Како да ги засилиме социјалните врски што ни се прекинати? Зошто веќе не можеме да се јавиме и да се видиме со пријателите, туку им пишуваме пораки на „Вибер“, „Вацап“, на „Месинџер“? Зошто невработеноста се движи кон хронична состојба, каде е решението на кризата со домувањето, зошто предизвиците со менталното здравје се огромни како Монт Еверест?
Социјалните претпријатија го ценат вашиот интегритет, ја вреднуваат улогата на поединецот, но и на тимот. Тие се разликуваат по неколку карактеристики од традиционалните: нивна цел не е постигнување максимум профит туку максимум на повратот, профитот го инвестираат во решавање општествени проблеми и управувањето им е демократско и партиципативно. Тоа што ги одделува од традиционалниот бизнис е фактот дека нивниот бизнис-модел создава профит од решавањето на општествените или еколошките проблеми. Со други зборови, тие ни покажуваат дека може да се генерира деловна добивка решавајќи општествен или еколошки проблем. 

Всушност, според Институтот „Презенсинг“ на Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ), дури 4,3 милијарди евра лежат на пазарот на решавањето на општествените проблеми. Важно е дека тие ни даваат пример дека тоа што го работиме и го живееме не е со фокус да се збогатиме, туку да оставиме сопствена трага во светот што се менува.
А токму поради тоа што светот се менува и нашите начини на размислување мора да се приспособат, а и економијата да се реосмисли.
Познатиот професор од МИТ Ото Шармер, автор на методологијата „У“ предупредува дека во моментов светската економија, во просек, користи ресурси како за 1,7 планета, дека само осум (од 2.604) милијардери во светот имаат сопственост колку што има една половина од човештвото и дека во исто време повеќе од 800.000 луѓе годишно се самоубиваат.
Професорот сумира дека, сето ова, колективно, раѓа резултати што никој не ги посакува.
– Ние сега се соочуваме со иднина на која „не сме ѝ потребни“, да се изразам со зборовите од компјутерскиот научник Бил Џој. За возврат, таа нè принудува да редефинираме кои сме ние како човечки суштества и да решиме во какво општество и во каков свет сакаме да живееме и да создаваме – нагласува Шармер во својата книга „Основите на теоријата У“. 
Навистина, знаеме дека „никој нема да нѐ чуе како врескаме во вселената“, токму како што знаеме и дека ако не реагираме сега, следните генерации ќе имаат многу поголеми предизвици од тие со кои се соочуваме сега – корупција, загаден воздух, вода, почва, пластика на секој чекор. Прашањето е, кога ќе биде предоцна, или, до кога смееме да не реагираме?! 

Луѓето на прво место!

Современите мислители и двигатели на промените веќе „на големо“ заговараат дека клучно е да се реосмисли денешната економија. Четвртата индустриска револуција, која е на повидок, ги носи непријатностите и нарушувањата на политичката, општествената и на економската сфера. Тоа влијае на работата, на работниците, но и на работодавците.
Клаус Шваб, основачот на Светскиот економски форум, коосновач на Фондацијата за социјално претприемаштво „Шваб“ и автор на „Четвртата индустриска револуција“, зборува за можностите на милијарди луѓе што се поврзани преку своите мобилни уреди, кои имаат неограничен пристап до знаења. Земајќи ги предвид новите технолошки откритија и влијанието што го имаат на денешнината, предлага начини на соочување, односно одговор во контекст на нивното влијание врз владите, бизнисот, општеството, индивидуалците.
Четвртата индустриска револуција е под наша контрола, посочува Шваб, сè додека сме способни да соработуваме меѓусекторски, меѓугеографски и меѓудисциплинарно, да ги зграпчиме можностите што ги носи:
– Лидерите и граѓаните треба заедно да ја формираат иднината, која ќе ни одговара на сите, ставајќи ги луѓето на прво место, засилувајќи ги и постојано потсетувајќи се себеси дека сите овие нови технологии, пред сè и над сè, се алатки што ги направиле луѓе за луѓе –  пишува познатиот економист во „Четвртата индустриска револуција“.
Тој посочува дека имаме неповратна можност да го свртиме бизнисот и консументите од линеарниот модел на употреба на ресурсите „земи, искористи, фрли“ кон циркуларна економија.
Податокот од последниот извештај „Трендови на човечкиот капитал“ на „Делоит“ кажува дека, на прашањето до првите луѓе на големи компании во светот да зборуваат и да ги подредат своите најважни мери за успех во 2019 година, на прво место било влијанието врз општеството, вклучувајќи ги и нееднаквостите во платата, различностите и животната средина. Ова, секако, ја покажува и итноста во насока на дејствување на овие полиња. Но, покажува и дека постои критична маса и дел од неа е на раководни позиции – тоа се луѓе што во моментов го менуваат начинот на водење бизнис, начинот на решавањето општествени проблеми и на вложувањето во човековиот развој.

Трасирање култура на интегритет и пат за долгорочен успех

Новата дигитална ера претставува и нова ера за бизнисот, во која купувачот / консументот има нови вредности. Тој очекува претпријатијата, покрај својата добивка, профит, со еднаква прогресија да го манифестираат, но и мерат и својот импакт врз планетата и врз луѓето, грижата за своите вработени, грижата за потенцијалните консументи, за нивната здрава иднина, за нивните поколенија, за планетата.
Се поставува прашањето колку македонските компании ја унапредуваат, развиваат својата практика на одржливост? Дали можеме да зборуваме за некакви поместувања?
Според професорката Снежана Костадиноска – Милошеска од Економскиот институт – Скопје, практиката на одржливост на македонските компании се валоризира според десетте принципи на Глобалниот договор на ОН, кои произлегуваат од Универзалната декларација за правата на човекот, Декларацијата на Меѓународната организација на трудот за основните принципи и права на работа, Декларацијата од Рио за животна средина и развој, како и на Конвенцијата против корупција на Обединетите нации. Тие, вели таа, најкусо објаснуваат колку компаниите ги исполнуваат основните права и должности во областа на човековите права, работните односи, животната средина и борбата против корупцијата. Со инкорпорирање на овие принципи во нивните стратегии, политика и процедури, се создава култура на интегритет, се почитуваат основните права на луѓето и на планетата, но, исто така, и се трасира патот за долгорочен успех.
– Оттука, за да се оцени одржливоста на практиката на македонските компании треба да се даде одговор на три клучни прашања. Прво, каква е состојбата со почитувањето на основните права на луѓето, потоа, каква е грижата за животната средина, а и колку компаниите се борат против корупцијата? Не е направено детално домашно научно истражување во однос на овие состојби, но, според перцепциите и соодветните меѓународни извештаи, општо е познато дека состојбите не само што не се задоволителни и, особено, во однос на животната средина, туку се и крајно алармантни – вели Костадиноска – Милошеска.
Тука ни се надоврзува и следното прашање – колку компаниите може и треба да бидат главни двигатели на позитивни општествени промени во насока на одржлив развој? Колку се залагаат за исполнување на Целите за одржлив развој од Агендата на ОН? Нашата соговорничка вели дека не е возможно компаниите да бидат главни двигатели на позитивни промени во насока на одржлив развој, особено во мали земји и во земји во развој, како нашата, каде што дополнително имаме многу неповолна стопанска структура.
– Станува збор за ситно и фрагментирано стопанство, во кое само 0,3 проценти се големи компании, а 90 проценти се микро и мали претпријатија со број на вработени до десет. Оттука, мали се шансите да се очекува дека тие значајно ќе придонесат во постигнување на целите – вели Костадиноска – Милошеска.
Таа додава дека затоа е значајна и пресудна улогата на владата за интегрирање на целите за одржлив развој во вкупното работење на државата.
– Таа треба да обезбеди конзистентност во спроведувањето и во следењето на стратегискиот документ „Национална стратегија за одржлив развој“, како и спроведувањето на целите, преку програмите за одржлив развој од одделните министерства, поставување и координација на институциите за спроведување со цел да се придонесе кон нивно успешно реализирање преку дефинираните области на дејствување и конкретните мерки – објаснува таа.
Сепак, заклучува Костадиноска – Милошеска, номиналните заложби на владата и на институциите дека ќе работат на постигнување на целите, во насока на повисок и одржлив економски пораст, квалитетно образование, крај на сиромаштијата и повисок животен стандард за граѓаните, како и здрава животна средина, реално сѐ уште не дале ефекти.
Нејзина главна препорака за унапредување на процесот на примена на одржливата практика во работењето на компаниите е „првенствено менување на вкупниот општествен амбиент во земјата со реформи, кои истовремено се совпаѓаат со евро-атлантските барања (ефикасност на администрацијата и на институциите, владеењето на правото и сл.) и унапредување на сегментите потребни за постигнување висок и одржлив економски пораст“.
– Потоа, со воспоставување соодветно законодавство, при поволна економска клима и јасно поставени општествени цели, логично е да се очекува дека и компаниите ќе ја променат практиката и ќе чувствуваат придобивки од тоа – заклучува таа. 

Вашите клиенти од иднината бараат многу повеќе

Според процена изнесена во „Основите на теоријата У“, на Шармер, 83 проценти од генерацијата Z, сака да види дека бизнисот има став за прашањата поврзани со одржливост.
Генерацијата Z, или, младите луѓе во кои гледаме голем потенцијал и надеж, се особено поврзани со технологијата, интернетот и со социјалните медиуми. Токму поради нивната „опседнатост“ со алатките на новото време, често слушаме стереотипи дека тие се зависници од технологијата. Но, добро е да погледнеме зад тоа – оваа генерација преку интернетот и технологијата успева да се реализира себеси и да создава работни места со кои ја трасира промената кон новиот систем. Одредени процени кажуваат и дека повеќе од 70 проценти од овие луѓе се гледаат себе си како претприемачи, кои многу скоро ќе формираат свој стартап.
„Фасцинирани се од идејата да водат сопствен бизнис, а тоа што расте е трендот на стартапи од областа на технологијата. Тие ги знаат предизвиците на своите претходници, сакаат да работат што порано, па имаме познати „јутјубери“ на само 12-13-годишна возраст, а знаеме и примери за шестгодишни деца што веќе кодираат. Оваа генерација, навистина, знае што сака и не се плаши да тргне да го достигне тоа“, пишува влијателната платформа на интернет „Медиум“.

Ова се луѓето што, при ново работно место, не прашуваат само колкава ќе им биде платата, туку и која е одржливата практика на компанијата во која решиле да го вложат својот професионален потенцијал.
– Јас сакам и знам дека заслужувам работно место во кое ќе се цени мојот влог, моето искуство и тоа што го овозможувам како професионалец. Сè повеќе гледам примери како „газдите“ ги омаловажуваат работниците и ги третираат како да се помалку важни од нив. Да, платата е многу важна, но потребно е да балансираме и да вреднуваме! – вели 13-годишната ученичка Мила Тодоровска.

Маркетингот знае да ги нарече и „вашите клиенти од иднината“, а општествените науки се обидуваат „да им го најдат крајот“, да им ги проучат и предвидат навиките. Сепак, јасно е дека овие луѓе бараат многу повеќе од општеството затоа што знаат дека иднината зависи од тоа што ќе го направат денес нивните родители.
Затоа, соседите почнаа да одгледуваат органска храна – за да имаат домашен, хемиски нетретиран производ, кој им го побарал внукот.
– Доволно е загаден воздухот, па можеш ли да ми помогнеш да се осигуриме дека барем јадеме храна без пестициди – им рекол.
Наталија развива социјален бизнис, кој решава општествен проблем, а во секој од чекорите ја вклучува и својата ќерка, и тоа на нејзино барање зашто сама сака да го оди патот, да учи, да испробува и да здобива искуство.

Ученичката Мила, пак, објаснува дека често, при обична прошетка во маало го собира ѓубрето што го направиле нејзини сограѓани:
– Се грижам за природата, многу ми е важна, таа е нашата средина. Гледам дека вработените во општините што чистат не постигнуваат да го исчистат сето тоа
што ние луѓето сме го направиле. Работното време на тие што ни ја чистата околината е завршено,ама ние можеме да собереме и во „нашето време“. Прв пример, за да се заинтересирам повеќе на оваа тема, ми беше Грета Тунберг, девојчето што успеа да направи голем подвиг – вели 13-годишната девојка.
Таа објаснува дека ѝ влијаеле две фотографии од интернет – едната како вадат пластична цевка од морска желка, а втората китот што умре поради ѓубрето на човекот, со 30 тони пластика во стомак.
– На „Јутјуб“ има многу начини за учење како да рециклираме или да се придружуваме кон нула отпад. Така, одбивам пластични цевки, пијам вода од тегла на училиште и сакам да јадам оброци што се повеќе со зеленчук. Едноставно е, ако не купуваме месо никој нема масовно да убива животни – вели таа и знае дека не е сама во овој начин на живот.
Знае затоа што сето тоа го видела на интернет, таму каде што нејзината генерација „денгуби“, односно, учи за животот.

Освен аспектот дека е потребно да зборуваме за реосмислување на улогата и на целта на бизнисот, го отвораме и прашањето кои се начините на кои учиме. Без оглед на тоа дали станува збор за институционално или неформално образование, важно е да се земат предвид сите канали, начини и сегменти што се однесуваат на новите технологии, можностите на интернетот, потребите на новите генерации.

Немаме план Б за планетата

„Нема план Б“ е заедничкиот наслов на изложбата на постери посветени на целите за одржлив развој, кои ги изработија студентите на Академијата за дизајн при „Бреинстер“.
Студентите изработија 18 постери, кои посочуваат различни предизвици што се однесуваат на Агендата 2030, која е главен патоказ кон одржливиот развој за светот.
Изложбата беше поддржана од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) преку проектот за Социјални права на ранливи групи.

Напишете коментар