Доза вести

Обединет Балкан за чист воздух!

Аерозагадувањето ги скратува нашите животи, а некогаш и ни ги одзема. Поради неговите последици одиме почесто на доктор за да се лекуваме од разни респираторни заболувања. Лошиот квалитет на воздухот е една од причините за зголемена смртност, пократок животен век и повисоки здравствени трошоци на граѓаните од западен Балкан, укажуваат балканските еко-организации преку кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.

„Последиците од аерозагадувањето најмногу влијаат на граѓаните со понизок социоекономски статус, кои често повеќе се изложени на тоа, бидејќи живеат во области со голем интензитет на сообраќај и близу до извори на загадување како што се електрани и индустриски капацитети. Исто така, претежно сиромашните луѓе се оние кои работат тешка работа со професионална изложеност на гасови, честички, гасови и тешки метали. Кога врз сето тоа ќе се земат предвид и климатските промени кои предизвикуваат дополнително загадување, ваквите услови за живот резултираат со пократок животен век, што особено ги погодува постарите лица и децата на возраст под пет години“ велат еко-активистите.

Според нив, спречувањето на болести предизвикани од слаб квалитет на воздухот мора да стане составен дел од политиките за животна средина и здравствена заштита.

Меѓу другото, тие потенцираат дека Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија наведува дека загадувањето на воздухот на западен Балкан, го скратува животниот век на граѓаните во просек од 0.4 до 1.3 години. Додека пак, според податоците на СЗО, лошиот квалитет на воздухот во регионот предвремено одзема до 13.500 животи секоја година. Во исто време, годишните трошоци за здравствена заштита предизвикани од електрани на јаглен на Западен Балкан се проценуваат на 1.2 до 3.4 милијарди евра.

Кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ има за цел подигнување на свеста за последиците од загадениот воздух. Еко-организации од сите балкански земји бараат намалувањето на аерозагадувањето да се дефинира како национален, регионален и меѓународен приоритет и интегрирано во сите процеси на планирање.

За да се подобри надзорот врз загадувачите и да се постигне подобар квалитет на воздухот, според еко активистите, неопходно е да се воспостават мултисекторски партнерства на локално, национално и регионално ниво.

Напишете коментар