Доза вести

Се свртевме кон домашното производство на свежо овошје и зеленчук!

ПАНДЕМИЈАТА НАПРАВИ ДА НИ ИЗГЛЕДААТ КОНЕЧНО РЕАЛНИ НАШИТЕ ЗАЛОЖБИ ЗА СОЗДАВАЊЕ ОДРЖЛИВИ РУРАЛНИ СРЕДИНИ СО КВАЛИТЕТНИ УСЛОВИ ЗА ЖИВОТ И ВРАБОТУВАЊЕ – ВЕЛИ ЛИЛЈАНА ЈОНОСКИ, ИЗВРШНА ДИРЕКТОРКА НА „РУРАЛНА КОАЛИЦИЈА“, ОРГАНИЗАЦИЈА КОЈА Е МЕЃУ ПРЕДВОДНИЦИТЕ НА ПОЗИТИВНИ ПРОМЕНИ ВО РУРАЛНИОТ РАЗВОЈ КАЈ НАС.

Руралните средини во нашата земја зафаќаат 87% од територијата на државата, каде што  живее 45% од населението. Се промовираме како рурална земја со обработливи површини, со висок потенцијал за рурален развој и туризам таму каде што нема обработливи површини. Секторот земјоделство и рурален развој (во зависност од годината), учествува со 11-12% во БДП на државата и е трета стопанска гранка која што придонесува кон економскиот развој на државата, посочува Лилјана Јоноски, извршна директорка на „Рурална коалиција“, организација која е меѓу предводниците на позитивни промени во руралниот развој кај нас. Со Јоноски разговараме за предизвиците на руралниот развој, но и за решенијата кои носат нова перспектива.

Пандемијата ни го покажа високиот понтецијал на руралното

Пандемијата, покрај низа предизвици кои ги носи, ни ја покажа важноста на високиот потенцијал на руралните средини. Јоноски посочува дека кризата направи и да ни изгледаат реални заложбите за создавање одржливи рурални средини со квалитетни услови за живот и вработување.
– Во дел од селата се бара место или легло повеќе, што упатува дека одржливиот и долгорочен рурален развој треба да биде еден од стратешките приоритети. Во ова, својот влог треба да го даде и државата. На тој начин ќе се создава квалитетен животен стандард и во руралните средини и ќе се влијае на надминување на јазот. Иако, во руралните средини, постои добар потенцијал за развој на руралниот туризам, само 4% од вкупните сместувачки капацитети се наоѓаат во руралните области што е сè уште премалку за да може да говориме за сериозна искористеност на потенцијалот на руралните средини – посочува таа.
Информациите на „Рурална коалиција“, кои се од постојаните теренски посети, но и од нивните истражувања, посочуваат на зголемување на интересот за купување имот на село.
– Во одредени региони се зголемија и површините кои што се обработуваат и на кои што се произведува храна. Се свртевме кон домашното производство на свежо овошје и зеленчук, млеко и млечни производи, дознавајќи ја нивната вистинска висока вредност. Ова не беше така пред почетокот на пандемијата, кога нашите пазари беа преплавени со увозни земјоделски производи и преработки. Пандемијата направи да ни изгледаат конечно реални нашите заложби за создавање одржливи рурални средини со квалитетни услови за живот и вработување – посочува Јоноски.

Живот во рурална vs. во урбана средина

Јазот помеѓу населението кое живее во рурални, со она кое живее во урбани средини е очигледен. Јоноски посочува дека во однос на населението кое живее во урбани области, руралното население е лишено во многу аспекти.
– Така, 36% од оние кои живеат во рурални области се соочуваат со проблем на пристап до банкарски услуги, 24% пристап до поштенски услуги и 20% пристап до културни објекти. Основните услуги за транспорт не се достапни или се тешко достапни за 22% од населението во руралните области. Потребата од подобрување на патната мрежа е нагласена како висок приоритет – потенцира Јоноски, посочувајќи ги податоците од Националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027.
Како еден од клучните предизвици, не само за луѓето туки и за руралните општини, е и дигитализацијата и достапноста на иновациите и модерната технологија во руралните средини
– Нашите истражувања од терен говорат дека само 16% плаќаат сметки и комуницираат со општините по електронски пат, најчесто поради недоволните дигитални вештини, но и недоволната доверба и сигурност во електронското издавање на документи – вели таа.

Земјоделките во пандемија креираа виртуелен пазар

Од неодамна почна да функционира и платформата „Наша тезга“, која на онлајн просторот ги обединува земјоделките, ракотворките, жените од руралните подрачја и ги пласира нивните производи.
– Дури 84% од жените во руралните средини имаат негативни ефекти во однос на нивните приходи во пандемијата. Се увиде потребата од изнаоѓање нов начин на промоција и продажба на локално произведената храна и се роди првиот рурален виртуелен женски е-пазар, идеја која дојде токму од жените во руралните средини – посочува Јоноски.
Таа додава дека првичните реакции и впечатоци се одлични.
– Жените од руралните средини ги следат трендовите, воведуваат иновации и нови технологии на производство, па така имавме чипс од лешници, сушени јапонски јаболка, чипс од јаболка со цимет.  Сè поголем е интересот за органското производство, за храна од чисти подрачја, одгледувана без пестициди и хемициди, но и храна која што има соодветна декларација. Токму ова, го отвора и патот овие производители да се регистрираат согласно новите правилници за продажба од куќен праг. На тој начин ќе си го обезбедат и своето пензиско и социјално осигурување.

Социјално претпријатие за економска стабилност во руралните места

Развојот на „Наша тезга“, вели Јоноски, го гледа во развој на социјално претпријатие, управувано од рурални жени.
– На ваков начин ќе може да се развиваме, но и да бидеме препознатливи како платформа. Најзначајната причина за овој концепт е враќање на заработеното во заедницата и тоа токму за маргинализираните граѓани кои што ги има многу во руралните средини. Членките на „Наша тезга“ беа едногласни во оваа одлука, па така само од првите неколку продажби кои што ги остваривме, издвоивме средства со кои што изработивме новогодишни пакетчиња со едукативни материјали за децата со попречености во Дневниот центар во Гостивар. Заедно со деца од основното училиште во селото Тумчевиште подготвивме новогодишни пакетичиња за деца од Кичево кои што се наоѓаат во социјален ризик. Ваквите активности ќе бидат многу побројни и многу позачестени со работата на социјалното претпријатие – раскажува Јоноски.
За „Рурална коалиција“, социјалното претприемништво е алатката која што директно ќе помогне во градењето инклузивна заедница во руралните средини
– Тоа е од огромно значење, но ќе значи и помош при изградбата на одржливи рурални заедници во кои што младите остануваат да живеат, а населението има економска стабилност и квалитетен социјален и културен живот. Социјалното претпријатие ќе ни биде и добра основа за да може да ги развиваме претприемачките вештини кај жените од руралните средини, да ги следиме пазарните текови, како и да ни овозможи создавање  цврсти врски со бизнис секторот и со останатите чинители во општеството.

Напишете коментар