Магазин

Дадовме пример дека самите децаа можат да направат промена

ЕДНО ПРОЛЕТНО САБОТНО УТРО ДВОРОТ НА ОСНОВНОТО УЧИЛИШТЕ „ЈОХАН ХАЈНРИХ ПЕСТАЛОЦИ“ ВО СКОПЈЕ ВРИЕШЕ ОД ДЕЦА. РАБОТНАТА САБОТА ЈА ОДРАБОТУВАА ЗАЕДНО СО СВОИТЕ РОДИТЕЛИ, КОИ ВОЛОНТЕРСКИ СЕ АНГАЖИРАА ЗА ДА ГО ИСЧИСТАТ И РАЗУБАВАТ ДВОРОТ САДЕЈЌИ ЦВЕЌИЊА, ДРВЦА, ЗЕЛЕНИЛО

Децата најмногу се инспирираат и учат од своите родители. Без разлика дали е ова точно, научно потврдено или вредно за дискусија, група граѓан(к)и тргнаa од овој став, засукаа ракави и решија да ги покажат своите суперхеројски костуми.
„Решивме дека не можеме да чекаме надлежните да го исчистат ѓубрето од дворот на училиштето и сфативме дека можеме да дадеме пример како се прави тоа“, велат тие.

Важен е првиот чекор, потоа сѐ е полесно

Така, едно пролетно саботно утро, дворот на основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Скопје вриеше од деца. Но, работната сабота ја одработуваа заедно со своите родители, кои волонтерски се ангажираа за да го исчистат и разубават дворот садејќи цвеќиња, дрвца, зеленило.
Верица Андреевска – Спасовиќ, мајка на дете што учи во тоа училиште, објаснува дека место да зборуваат како треба, со група родители решиле да направат нешто заедно со своите деца.
– Придобивката е барем двојна – од една страна, училишниот двор заличи на вистинска градина, „како дома“, а, од друга страна, децата заедно со нас научија дека самите можат да направат промена. На крајот, децата ќе го прават тоа што гледаат дека го правите вие,  а не тоа што им кажувате да прават – вели Андреевска- Спасовиќ.
Некои од родителите и самите учеле во истото училиште и им пречело кога увиделе дека речиси ништо не е променето од времето кога тие биле ученици.
– Се грижам за моето дете и за околината што ме опкружува, па кога сфатив во каква средина ќе треба да помине осум години, знаев дека нема да чекам училиштето или општината да се сети да направи нешто, можам и самата да придонесам. Други родители веќе презеле поединечни акции, па сфативме дека многу повеќе ќе направиме ако иницираме заедничка акција. Првиот порив беше да го исчистиме дворот, да нема прав. Донесовме метли, црева, алат, расад, кој што има од дома и со здружен труд организиравме преубава акција – објаснува Дивна Пенчиќ, мајка на дете од прво одделение во училиштето.

Таа вели дека била сигурна дека ќе успеат во својата намера.
– Задоволството е огромно. Се вклучија, навистина, голем број родители, како едвај да чекале ваква акција, сите имаа идеи. Сите помогнаа, кој колку и како можел. Училиштето се вклучи со тоа што ни дозволи работната сабота, во дел од денот, место на настава, децата да учествуваат во садењето. Имавме поддршка и од градоначалникот на Центар, кој донесе 15 дрва и механизација. Сега останува училиштето да го одржува дворот, купивме опрема за домарот и веруваме дека топлите денови што доаѓаат нема да ја исушат работата што ја почнавме – вели Пенчиќ.
Додава дека ова не е краткорочен процес, туку деветгодишен проект.
– Моето дете ќе биде таму девет години, но ако секој родител направи нешто, работите ќе бидат многу поинакви. Ќе биде подобро за сите нас – вели таа.



Уште многу треба да учиме за транспарентност и за демократија

Слаѓана Марјановиќ – Пановска, чиишто две деца учат во „Песталоци“, објаснува дека била вклучена во акцијата за садење и за разубавување на дворот, но дека, исто така, е активна и како нова претседателка на Советот на родители и работи на негово заживување како функционално тело, кое ќе биде официјален претставник на родителите.
– Ми пречеше што сме пасивни како луѓе, а заклучокот ми е дека сите треба уште многу да учиме за транспарентност и за демократија. Мојата заложба е дека Советот на родители треба да обезбеди целосен проток на информации, тоа е телото на кое родителите ќе можат да ги изразат своите грижи, да поттикнат иницијативи, акции. Навикнати сме сите да го обвинуваме училиштето дека не прави ништо, а ние како родители остануваме пасивни таму каде што сме, исто така, многу потребни – во функционирањето на овие тела – објаснува Марјановиќ – Пановска.
Таа сподели и дека на оваа нејзина заложба гледа како на проект на долги патеки затоа што довербата не се гради преку ноќ, тоа е процес што трае долго време.
– Верувам дека ќе успееме да направиме да се работи потранспарентно и да соработуваме со училиштето. Ние не сме на спротивставени страни со раководството, туку сме тука за да помогнеме со нашиот капацитет, да го подобриме функционирањето, да поттурнеме таму каде што не може училиштето, а за сето тоа е неопходно да имаме меѓусебна доверба.
Марјановиќ – Пановска рече дека, меѓу другото, е воспоставена и работна група, која ја евалуира инфраструктурата на училиштето за да може да се предвиди во кој дел е потребна реконструкција и да се увидат точните зафати што треба да се преземат.
– Потребни ни се вакви информации за да може понатаму да аплицираме до фондови. Важно е и тоа дека ние како родители може да сме ангажирани ад хок, да помагаме со нашиот капацитет и волја, но тековното и редовно одржување мора да биде на товар на училиштето.

Едукација од семка до зеленчукова салата

Децата од „Песталоци“ имаат и несекојдневна можност самите да одгледуваат зеленчук и цвеќиња, и тоа во пластеник, кој е во дворот на училиштето. Неколку родители се активирале, напишале проект и добиле средства за да направат пластеник. Александра Милевска – Таневска, која е потписник на проектот и која е родител на дете од петто одделение, објасни дека идејата ја имале неколку мајки, кои редовно донирале цвеќиња во училиштето, но сакале да направат нешто трајно.
– Целта ни беше со ова да им ја подигнеме еколошката свесност и да ги поттикнеме да се грижат самите за природата. Знаевме дека децата повеќе ќе внимаваат на нешто што самите ќе си го одгледаат. Така, сега тие во континуитет ќе имаат зеленчук што самите го одгледале, а во училишната кујна наскоро ќе има шери доматчиња, морков, брокула, кои ги одгледале децата – вели таа.
Додава дека особено е значаен и едукативниот елемент од оваа активност – децата имале опиплива материја, виделе како од семка расте цело растение со плод, од кој потоа можат да направат салата.

Напишете коментар